Регион
Актерот кој доби отказ затоа што го критикува Вучиќ: „Поддршка за студентите и од Загреб“

Српскиот актер Амар Мешиќ со години глумеше во серијата Игра на судбината, но беше отпуштен откако отворено го критикуваше српскиот претседател Александар Вучиќ и ги поддржа протестите на Србија против насилството. Сега е ѕвезда на хрватска серија, но и по преселбата во Загреб не престана да ја критикува власта во Србија, објави хрватски Индекс.
Во понеделник пред Амбасадата на Република Србија во Загреб се одржа мирна акција на солидарност со сите жртви на репресивниот систем во Србија. Организаторите изразија длабоко жалење и сочувство за сите изгубени и загрозени животи. Меѓу оние кои учествуваа во акцијата за солидарност беше и Амар.
Тој на Инстаграм сподели фотографија на која носи црвено обоена ракавица.
„Поддршка за студентите и од Загреб“, напиша тој. На мирната акција имаше и транспарент на кој пишуваше „рацете ви се крвави“.
Подоцна објави дека ги следи блокадите во Белград на телевизија.
„Плачам за солидарноста, песната, прославата, блокадата и многу ми е жал што овој пат не сум тука“, напиша тој.
По отказот во Србија, Амар се преселил во Виена каде што работел во градежништвото. Потоа рече дека најважно му е да заработува за живот. „Сакам да работам, сакам да заработам пари, да живеам чесно од таа работа и да дишам чист воздух, да бидам слободен и навечер кога ќе си легнам уморен, да си легнам среќен“, рече тој тогаш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Косово го забрани увозот на пилешко месо од Бразил поради птичји грип

Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово објави забрана за увоз на пилешко месо и други производи од живина од Бразил поради епидемија на птичји грип, јавува „Анадолија“.
Привремената забрана стапува во сила веднаш и е одговор на потврден случај на птичји грип на комерцијална фарма во државата Рио Гранде, Бразил, пријавен од бразилските власти на 16 мај.
Агенцијата наведува дека целта на одлуката е да се заштити јавното здравје и да се спречи потенцијалното ширење на болеста во Косово.
„Птичјиот грип е многу заразна вирусна болест, која првенствено ги напаѓа птиците и во ретки случаи може да се пренесе на луѓето. Иако нема докази што укажуваат дека јадењето живинско месо или јајца го пренесува вирусот, забраната за увоз е превентивна мерка за да се обезбеди безбедност на храната за нашите граѓани“, наведува агенцијата.
Оваа одлука е во согласност со меѓународните практики и ги следи постапките на други земји, вклучувајќи ги Европската Унија и Кина, кои исто така го суспендираа увозот на пилешко месо од Бразил откога беше потврдена епидемијата, се додава во соопштението, објави РТК.
Регион
Ѓукановиќ: Се плашам, ситуацијата на Балканот е многу полоша отколку пред десет години

Поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ оцени во Сараево дека ситуацијата на Западен Балкан денес е полоша отколку што беше пред десет години и ја опиша европската перспектива на регионот како заматена, особено предупредувајќи на опасноста од влијанието на големосрпскиот национализам.
Ѓукановиќ беше гостин предавач на Факултетот за политички науки во Сараево (FPN), каде што им изјави на новинарите дека одговорноста за слабеењето на европските процеси и влијанието во регионот е на Европската Унија, како и на земјите од Западен Балкан.
Во врска со ЕУ, тој рече дека му се чини оти во неа нема доволно решителност за продолжување на процесот на обединување на европскиот континент, а потенцијалните членки го носат својот дел од одговорноста бидејќи бавно ги спроведуваат реформите што се бараат од нив. Сè беше комплицирано од влошувањето на геополитичките односи, вели Ѓукановиќ.
„Долго време имавме привилегија да имаме стабилни геополитички односи уште од крајот на Студената војна, а сега сме сведоци на раѓањето нов геополитички поредок со многу контроверзии. Се плашам дека ова ќе има многу негативни рефлексии врз регионот на Западен Балкан“, рече поранешниот црногорски лидер, кој, по долгогодишно управување со земјата, мораше да се повлече од власта во 2023 година кога беше поразен на претседателските избори од Јаков Милатовиќ.
Ѓукановиќ во Сараево изјави дека застојот во процесот на европската интеграција предизвикал и влошување на односите меѓу земјите од регионот и посочува дека национализмот што го промовира Белград игра важна улога во тоа.
„Кога немаме добра динамика на европскиот пат, тогаш се појавуваат национализми што ги уништуваат добрососедските односи. Црна Гора е повеќе од кога било погодена од влијанијата на големосрпскиот национализам и поради ова, добрососедските односи, вклучително и односите со БиХ и Хрватска, се влошија. Се надевам дека ова нема да има никакви сериозни и долгорочни последици“, рече Ѓукановиќ.
Регион
Се повлекува шеќер од пазарот во Хрватска: може да предизвика здравствени проблеми

Државниот инспекторат на Република Хрватска издаде соопштение за повлекување на палминиот шеќер Thai Dancer (пакување од 200 г, рок на траење: 24.5.2026 година) поради присуство на зголемени количини и необележани сулфити во производот.
Според анализата, производот не е во согласност со Регулативата (ЕЗ) бр. 1333/2008 на Европскиот парламент и Советот за прехранбени адитиви, како и со регулативите за информирање на потрошувачите за храната.
Со ова повлекување се штити здравјето на чувствителните потрошувачи, особено оние со алергии или нетолеранција на сулфати, објавува b92.net.