Регион
Бора Чорба имаше три брака зад себе: првата сопруга се предозира, а поради последната љубов се пресели во друга земја

Легендарниот рокер и фронтмен на групата „Рибља чорба“ почина утрово во болница во Љубљана, потврди групата „Рибља чорба“.
Последните денови од животот ги помина во Клиничкиот болнички центар во Љубљана, каде што беше хоспитализиран по тешка пневмонија.
Бора Ѓорѓевиќ е роден во Чачак 1952 година, а во поранешна Југославија остави голема трага на јавната сцена како рок-музичар и поет, а извесно време беше активен и на политичката сцена.
Рокерoт имаше три брака, беше во брак со Драгана Ѓорѓевиќ, со која го има синот Борис, а со нив живееше и Тамара, ќерката на Драгана од претходниот брак. Борисав и Драгана на 5 февруари 2007 година се развеле спогодбено, а Борис и го напуштил станот во кој живееле. Според тамошните медиуми, Драгана Ѓорѓевиќ извршила самоубиство на 23 март 2007 година, а оваа информација никогаш не била јавно потврдена од рокерот.
Драгана Ѓорѓевиќ беше пронајдена мртва во својот стан на улицата Београдска на 27 март 2007 година. Причина за нејзината смрт е предозирање со антидепресиви поради што полицијата дошла до заклучок дека таа се самоубила. Но, Ѓорѓевиќ тоа никогаш не го призна. Тој го промени изразот на лицето кога водителот во една емисија спомна дека неговата сопруга извршила самоубиство и само рече: „Не се убила, само претерала“.
Имаше шпекулирации дека Драгана не може да ги преболи разводот со Бора и неговата 28 години помлада партнерка со која се ожени во 2009 година и на која ѝ го посвети албумот „Минута со неа“.
Бора често истакнуваше дека таа му е вечна инспирација, а ѝ го посвети хитот „Авионе, сломиќу ти крила“. И двајцата некогаш беа склони кон алкохол. Иако кризата траела долго, дефинитивна причина за разводот наводно била новата љубов на Ѓорѓевиќ.
Драгана тешко го поднела разводот, а некои дневни весници долеале масло на огнот со тврдењето дека Бора се заљубил до уши и дека ќе ја побара за жена девојката двапати помлада од него на концерт во „Белград арена“. Тоа не се случи, а „Рибља чорба“ таа вечер го почна настапот со песната со симболично име „Остаќу слободан, неќу се везати“, пишува порталот „Глас Српска“.
На 18 ноември 2009 година легендарниот рокер вторпат се ожени со 28 години помладата Александра. Својата избраничка ја запозна на турнеја во САД. По четири години, заврши и овој брак.
„Се разведов пред два дена, сега тоа можам јавно да го кажам“, изјави Бора за „Курир“, но потоа ги изненади сите со тоа што призна дека не е сам и откри дека има нова девојка, која живее во Словенија.
„Навистина никогаш не сум се чувствувал подобро, нонстоп сум на релација Србија – Словенија, има жена во Словенија што ми го украде срцето! Кога не сме заедно, не се симнувам од телефонот. Заљубен сум, немам што да кријам, нека знае целиот свет“, искрен бил Бора, пренесува „Блиц“.
Љубовта со Александра траеше неколку години, а бракот го завршија во 2014 година. Третата среќа музичарот ја пронајде покрај извесна Дубравка Милатовиќ. Бора во едно интервју изјави дека таа е неговата последна љубов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.
Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.