Регион
Борел организираше вечера за балканските лидери во Њујорк
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Џозеф Борел, приреди неформална вечера на маргините на Генералното собрание на ОН со лидерите на Западен Балкан на која се разговараше за ситуацијата во регионот и односите помеѓу ЕУ и Западен Балкан, како и подготовките за самитот на почетокот на октомври.
На вечерата станало збор и за очекувањата во врска со пристапувањето во ЕУ.
„Високиот претставник ја подвлече потребата од силна посветеност на партнерите од Западен Балкан и Европската Унија и нејзините земји членки во надминување на сегашната динамика и придвижување на процесот“, се вели во денешното соопштение на Европската канцеларија за надворешни работи.
На синоќешната средба присуствуваа претседателите на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, и министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.
.
Тоа беше втора средба со лидерите на Западен Балкан, организирана од високиот претставник, по неформалната вечера во Брисел во мај, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Tурција претстави ново копнено возило „Гокбору“
Турската одбранбена компанија Electroland Defence за првпат го претстави своето ново домашно развиено безекипажно копнено возило „Гокбору“ на саемот SAHA 2026 во Istanbul, јавува „Анадолија“.
Станува збор за возило со конфигурација 6×6, кое може да достигне брзина до 30 километри на час и да носи товар до 800 килограми.
„Гокбору“ е дизајниран за работа во тешки теренски услови и може да се движи по стрмни падини и нерамни површини благодарение на независно контролирани тркала.
Од компанијата наведуваат дека возилото е наменето како евтина и повеќенаменска платформа за одбрана, земјоделство, логистика и спасувачки операции.
Според претставниците, системот е инспириран од роботски технологии користени во вселенски истражувања, а е целосно развиен со домашен софтвер, хардвер и механички компоненти за поголема автономија и помала зависност од странски добавувачи.
Регион
„Кроациа ерлејнс“ откажува 900 летови
Хрватскиот авиопревозник „Кроациа ерлејнс“ (Croatia Airlines) во следниот квартал откажува околу 900 летови, односно пет проценти од вкупно планираните 27.000 операции, поради драстичен раст на цените на авионското гориво кој предизвика криза во светскиот воздушен сообраќај.
Поради кризата предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток, авиокомпаниите ширум светот само во мај откажале 13 илјади летови, што значи дека од распоредот се избришани околу два милиони седишта, пренесува „РТЛ“.
Цените на горивото значително пораснаа, што доведе до една од најголемите кризи во авио индустријата од пандемијата на коронавирусот. Славен Жабо, директор за комерцијални работи во „Кроациа ерлејнс“, ја потврди сериозноста на ситуацијата.
Тој изјави дека неповолната геополитичка состојба значително влијаела на цената на горивото и дека таа се удвоила од почетокот на кризата, растејќи побрзо од цената на суровата нафта. Според него, трошоците ќе предизвикаат милионски загуби за сите авиокомпании, пренесе „Индекс“.
Како одговор на кризата, компанијата вовела кризно управување и се обидува да ги компензира трошоците преку оптимизација на мрежата на летови и зголемување на ефикасноста. Оптимизацијата, како што објасни, значи усогласување на капацитетите со побарувачката, трошоците и приходите на одредени линии, што вклучува и откажување летови.
Потврдено е дека се откажани околу 900 летови, иако компанијата дневно изведува и до 100 летови.
Според Жабо, на цените на билетите ќе влијаат и зголемените трошоци на другите учесници во системот. Аеродромот во Загреб најавил зголемување од 20 проценти од 1 јуни, што ќе се одрази преку зголемување на патничките такси.
Тој нагласи дека е тешко да се предвиди колку точно ќе поскапат билетите, бидејќи цените зависат од побарувачката на одредени линии и можат да се движат и нагоре и надолу.
Жабо истакна дека компанијата бележи раст на патници од 23 проценти во првите четири месеци од годината, со речиси 100.000 повеќе превезени патници, и изрази оптимизам за туристичката сезона.
Регион
„Тепачка“ за лежалки во Грција заврши на суд, турист доби речиси 1.000 евра отштета
Германски турист бил толку лут од добро познатиот проблем со „резервирање“ лежалки на плажа што решил да го тужи туристичкиот оператор. За време на семеен одмор на грчкиот остров Кос, за кој платил 7.186 евра во август 2024 година, бил огорчен бидејќи лежалките на плажата биле зафатени секое утро пред појадок, објавува Times.
Иако едно од правилата на хотелот експлицитно забранувало оставање пешкири на лежалките преку ноќ, се чини дека гостите не се придржувале до тоа правило. Незадоволниот турист во својата жалба навел дека одел на плажата уште во 6 часот наутро, но сите лежалки веќе биле зафатени.
Тој се пожалил до Окружниот суд во Хановер дека неговото семејство трошело околу 20 минути секој ден барајќи слободно место, а децата честопати морале да лежат на пешкири на земја. Тој исто така истакнал дека персоналот на хотелот ги игнорирал нивните жалби.
Судот во Хановер ги прифатил неговите аргументи и пресудил дека туристот има право на делумно враќање на средствата од 986,70 евра. Во образложението се наведува дека пакет аранжманот бил неисправен бидејќи не ја обезбедувал услугата што гостинот со право можел да ја очекува.
Судиите објаснија дека туристичката агенција, иако не управувала директно со хотелот, ниту била обврзана да обезбеди лежалка за сончање за секој гостин во секое време, сепак сноси одредена одговорност. Нејзина обврска била да обезбеди организација што овозможува разумен сооднос на бројот на лежалки за сончање и бројот на гости.
