Регион
Брнабиќ: Не е отстранета опасноста од атентат на Вучиќ, осомничените се надвор од дофат на службите

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вели дека во овој момент главните осомничени за планирање на атентатот на српскиот претседател Александар Вучиќ се надвор од дофатот на безбедносните служби. Меѓу нив има и двајца црногорски државјани, но и државјани на земји од и надвор од Европската Унија, пренесуваат медиумите во соседството.
Брнабиќ изјави дека службите деноноќно работат на пронаоѓање на оние кои го планирале атентатот на претседателот на Србија.
„Она што е важно да го нагласам за сите наши граѓани – дури и во овој момент, сите оние кои се осомничени и за кои имаме докази се надвор од дофатот на нашите безбедносни служби. Значи, не можеме да дојдеме до нив“, рече Брнабиќ за РТС.
Според неа, во планирањето на убиството на Александар Вучиќ се вмешани двајца црногорски државјани, но и лица од други земји – и внатре и надвор од Европската Унија.
„Апсолутно им верувам на нашите безбедносни служби, тие немаат лесна задача, имаат исклучително тешка задача, сите безбедносни служби работат заедно – сите даваат сè од себе. Верувам дека ќе го спречиме ова. Дали се чувствувам безбедно во овој момент и дека не постојат проблеми – не, не го чувствувам тоа. Имаме уште многу работа, не сме ја отстраниле безбедносната закана по животот на претседателот Александар Вучиќ. Верувам дека ќе го направиме тоа, но имаме да работиме уште многу, дење и ноќе“, вели таа.
Прашана дали има доверба во оние кои директно го обезбедуваат претседателот, премиерката рече дека неговата безбедност во моментов е на максимум.
„Постојат неколку безбедносни обрачи околу претседателот Вучиќ. Немам информации што се појавија во медиумите дека имаме такви сомнежи. Момците кои се во непосредното обезбедување веруваат дека во секој момент би ги дале своите животи за него, тие се сериозни луѓе, сериозни патриоти и сериозно лично го сакаат претседателот“, рече Брнабиќ.
„Споделуваме информации и се бориме претседателот Александар Вучиќ да биде безбеден“, кажа таа.
Додаде дека безбедноста на границите е максимално зајакната, бидејќи се верува дека оние кои планираат напад врз претседателот ќе се обидат да влезат во земјата од странство.
„Тие секако имаат свои скривалишта во Република Србија. Тие не се под директен надзор, што е проблем за мене – сите оние кои се одговорни и вклучени во ова не се на дофат на нашите безбедносни служби. Јас сум се разбира најбезбедна кога се во доменот на нашите служби, иако верувам во странски партнери“, рече Брнабиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„Блиц“: Објавена фотографија од маицата пронајдена на телото во Дунав, иста таква имал и Периш

Тело на засега непознат млад маж е пронајдено утрово во Дунав кај Ада Хуја во Белград, јави српската агенција „Танјуг“, повикувајќи се на српското МВР, а сомнежите се дека станува збор за исчезнатиот Матеј Периш од Сплит.
Телото е забележано утрово околу 9 часот и 20 минути во Дунав кај Ада Хуја, пренесе „Танјуг“, а истрагата е во тек.
Како што пишува српски „Блиц“, младиот човек чие тело е пронајдено, носел потполно иста маица како онаа што ја имал Матеј Периш.
На пронајденото тело, како што пишуваат, имало темна маица со слика на бел јагуар и жолт натпис кој се врти во круг, а пишува „Power Super Cleaner“.
Матеј Периш ја имал истата маица, а токму неа ја носи и на фотографијата која кружеше по сите медиуми кога беше пријавено неговото исчезнување во Белград.
Хрватски „Индекс“ пишува, пак, дека телото било пронајдено на осум километри од местото каде за последен пат бил виден Периш.
Српските медиуми резултатите од ДНК анализата ги најавуваат за утре.
Инаку, на телото бил пронајден и сребрен часовник на раката, додека во џебот од фармерките бил пронајден мобилен телефон, ексклузивно објави „Блиц“.
Младиот сплиќанец исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември.
Според сведоштвата, тогаш тој го напуштил клубот „Готик“ и оттогаш му се губи секоја трага.
Регион
Вучиќ: Србија ќе учествува во обновата на украинските градови

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, за време на средбата со украинскиот амбасадор Володимир Толкач рече дека Србија ќе учествува во обновата на градовите во Украина.
Вучиќ изрази искрено жалење за ситуацијата во Украина и посочи дека Србија е посветена на почитување на принципите на територијален интегритет и суверенитет на државите како еден од основните принципи на меѓународното право, пренесува Н1 Србија.
Тој рече дека во таа смисла Србија го почитува територијалниот интегритет и на Украина, соопштија од кабинетот на Вучиќ.
Вучиќ истакнал дека Србија ги обезбедила најдобрите можни услови за бегалците од Украина, како и сите права и дозволи за престој и работа. Додал дека тоа го обезбедуваат правилата на земјите од ЕУ, односно дека е дури и на повисоко ниво и европската легислатива.
Српскиот претседател најавил и дека наскоро со Толкач ќе ги посети украинските бегалци во Србија, а Србија ќе учествува во обновата на градовите во Украина.
Тој повторил дека Србија, во согласност со својата доследна политика, е посветена на мирно решавање на споровите.
Регион
Белград: Во Дунав пронајдено тело на помлад маж, има сомнежи дека се работи за исчезнатиот Матеј Периш

Морнари денеска пронашле тело на помлад маж во Дунав кај Ада Хуја, потврдиле службите за српскиот портал „Телеграф“.
Српските медиуми веќе на големо пишуваат дека според сомнежите се работи за исчезнатиот Хрват Матеј Периш (27).
Човекот на себе носел фармерки, маица со апликација и една бела патика.
Полицијата го извлекла телото, а на местото на настанот се и форензичари.
Младиот сплиќанец исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември.
Според сведоштвата, тогаш тој го напуштил клубот „Готик“ и оттогаш му се губи секоја трага.
Неговото исчезнување во полиција го пријавиле пријателите кои биле со него ноќта и оттогаш се води интензивна потрага.