Регион
Бугарското Обвинителство побара одземање на имунитетот на Борисов
Софиското Градско обвинителство побара одземање на имунитетот на лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, за да биде ставен од истрага во случајот за перење пари, познат во Бугарија како „Барселонагејт“, пренесува „Еурактив“.
Истрагата почна пред речиси три години додека Борисов сè уште беше премиер кога во анонимна група на „Фејсбук“ беше споделено видео за луксузен имот во богато предградие на Барселона, каде што поранешната бугарска манекенка Борислава Јовчева живееше со своето дете.
Анонимниот клип алудира дека детето е на Борисов, нешто што тој секогаш го негира. Случајот првин го истражуваше шпанското Обвинителство, кое откри индиректни траги на перење пари, но без директно поврзување со Борисов, а во 2021 година истрагата беше префрлена во Бугарија.
Бугарското Обвинителство почна да покажува активен интерес во истрагата „Барселонагејт“ пред само три недели откако партијата на Борисов објави дека ја поддржува долгоочекуваната судска реформа во земјата насочена кон намалување на овластувањата на бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев.
Веднаш потоа Гешев се закани дека ќе го исчисти „политичкото ѓубре“.
Во вторникот, Градското обвинителство на Софија побара одземање на пратеничкиот имунитет на Борисов бидејќи постојат доволно докази за перење пари. Бугарските пратеници може сами да се откажат од имунитетот или тој да им биде одземен со гласање на парламентот.
„Бев без имунитет две години. Сега категорично нема доброволно да се откажам од имунитетот бидејќи треба да си слеп за да не видиш што се случува во моментот“, рече Борисов.
Според него, Обвинителството дејствувало во вторникот за да спречи избор на редовна влада со поддршка на неговата партија и коалицијата „Промената продолжува – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), која ги поддржува судските реформи.
Тензиите околу Борисов и Обвинителството се случуваат во екот на преговорите за формирање, а редовна прозападна влада меѓу ГЕРБ и ПП-ДБ ќе стави крај на политичката криза во земјата, која трае две и пол години. Се очекува гласањето да биде кон средината на следната недела.
„Не се грижам за „Барселонагејт“. Воопшто. Не сум имал, немам и нема да имам имот во Шпанија! Што повеќе да одговорам?“, изјави Борисов.
Клучен сведок во случајот е поранешната манекенка и мис на Бугарија, Ивајла Бакалова, која е пријателка на Јовчева и живеела во куќата во Барселона. Таа тврди дека Борисов е татко на детето на Јовчева и дека знае доволно за „Барселонагејт“.
На крајот на минатата недела пратеничката група на ГЕРБ објави дека ќе ги бојкотира сите барања на Обвинителството за одземање на имунитетот на бугарските пратеници. Кандидатот за премиер Николај Денков повика Обвинителството да не се користи како политичка алатка.
„Обвинителството не треба да се користи како политички клуб. Мигот кога првите две политички сили ќе кажат дека се подготвени да владеат, ќе видите што ќе се случи“, рече Денков.
Пратениците од другите политички партии, популистичката Има таков народ и проруските БСП и Вазраждане повикаа да се укине имунитетот на Борисов за да може да биде под истрага за „Барселонагејт“.
„Ако тој тврди дека е невин, тоа треба да го докаже во транспарентен судски процес“, рече лидерката на БСП, Корнелија Нинова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Регион
Хрватска испраќа четири авиони за Хрватите заглавени во Дубаи
Хрватска испраќа четири авиони на „Кроација ерлајнс“ во Дубаи за да ги врати хрватските граѓани заглавени во Обединетите Арапски Емирати поради војната меѓу САД и Израел против Иран, објави Министерството за надворешни и европски работи (MVEP).
„Утре и во наредните денови испраќаме четири авиони на „Кроација ерлајнс“, со можни дополнителни опции“, се вели во соопштението.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман се договори со министерот за надворешни работи на ОАЕ, Абдула бин Зајед Ал Нахјан, за два авиони од локална авиокомпанија што ќе ги транспортираат хрватските граѓани од Дубаи, рече Зрињевац.
Во Обединетите Арапски Емирати моментално има околу 2.000 хрватски граѓани кои живеат таму, од кои 300 сакаат да бидат репатрирани, а има и 460 туристи кои, исто така, сакаат да се вратат во својата татковина.
Досега, хрватски државјани се евакуирани од Израел, Јордан и Бахреин. „Успеавме да ги евакуираме сите хрватски државјани од Израел, Јордан и Бахреин, а наскоро и аџиите од Израел, кои се на лет преку Лион на пат кон Загреб, ќе пристигнат дома“, соопшти министерството.
Од Оман, каде што имаше 23 хрватски државјани, 12 беа евакуирани со лет преку Истанбул до Загреб. Останатите 11 имаат можност да одат во Дубаи, изјави претходно Грлиќ Радман.
Хрватската амбасада во Доха, исто така, обезбеди 30 места на летот на австриската компанија од Ријад во четврток, па затоа министерството ги повикува заинтересираните што е можно поскоро да се регистрираат за тој лет, на кој приоритет ќе им се даде на децата, болните лица, бремените жени и членовите на нивните семејства.
фото/Depositphotos
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.

