Регион
(Видео) Додик: Имаме проблем со САД и ЕУ, не сум го изгубил умот ниту политички ниту психички

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за РТРС изјави дека не се плаши од судење за неспроведување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и дека нема да бега, ниту да оди во затвор. Додик рече дека странците се обидуваат да го менаџираат овој процес и дека тоа го прават за да го тргнат од политичката сцена.
„Нема да бегам, ниту ќе одам во затвор. Босна и Херцеговина ќе пропадне побргу отколку јас што ќе одам во затвор. На судството на Босна и Херцеговина е да ги докаже обвиненијата против мене“, изјави Додик за РТРС.
Додик за Шмит повтори дека е нелегален, нелегитимен, дека измислува… „Ако сме ние за него мајмуни, тогаш и тој е свиња за нас, и тоа фашистичка. Сега се покажа дека Шмит е поддржувач на фашизмот и оние што Хитлер ги одликуваше со највисокото признание“, рече претседателот на Република Српска.
„Имаме сериозен проблем со Америка и ЕУ, кои овде ни ги скратуваат уставните права, но тоа не е безнадежно, не сум го изгубил умот ниту политички ниту психички, но не сакам да бидам дел од наметната матрица на однесување, во кои тие се нешто посебно, а ние сме фактор што нарушува.
Србите не се народ што лежерно ги прифаќа туторите. Наративот дека американското влијание е позитивно овде, а руското влијание е негативно, го наметнуваат западњаците, Американците и другите од Брисел, кои имаат проблем со Русија“, рече Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
По Македонија и Србија падна на тестот со знамињата – премиерката на Италија пречекана со унгарски знамиња на улиците

Откако во Македонија, неколкупати странски дипломати беа пречекани со знамиња на други држави, денес Србија направи грешка за време на пречекот на италијанската премиерка, Џорџа Мелони.
Како што јавуваат српските медиуми, Мелони која се наоѓа во посета на Белград по пристигнувањето доби букет цвеќе од Вучиќ, а во знак на добредојде на улиците беа поставени знамиња – но не италијански, туку унгарски.
„Знамињата, како што секогаш се прави при пристигнувањето на странските претставници, беа поставени покрај автопатот и главните улици во градот, како и пред Палатата Србија, каде што е средбата меѓу италијанската премиерка и српскиот претседател. Пред Палатата знамињата беа правилно поставени, но проблем настана покрај автопатот. Некој во организацијата очигледно направил пропуст“, пишува „Нова.рс“.
Dolazi nam Premijerka Italije, mentoli, ko god da je, okačili zastavu Mađarske.@avucic da li je stvarno moguće da tamo kod vas , po službama, protokolima, radi neko ko bar za ovo mozga nema…..aman. Blam blam.. pic.twitter.com/Yek6wVCtln
— Nataša Stojanović (@tashananana) December 3, 2023
Имено, комбинацијата на боите на италијанското и унгарското знаме е иста, но кај Унгарија тие се поставени хоризонтално, а кај Италија вертикално.

Унгарско знаме

Италијанско знаме
Српското знаме беше поставено по должина, па така знамето го претставуваше симболот на Унгарија.
Jery relno da su zbog dolaska Italijanke, duž autoputa pokačili mađarske zastave!?? pic.twitter.com/xYXweJISGm
— Édesem Grunfosz by PUB (@grunfology) December 3, 2023
Во Македонија не еднаш во изминатите години беше направена грешка со знамињата. Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон лани беше во Скопје, а нејзиниот колега Бујар Османи ја пречека со знамето на Словачка. Претходно, во 2018 година, експремиерот Зоран Заев го пречека тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц во Скопје со знамето на Летонија. Понатаму, поранешниот француски амбасадор Кристијан Тимоние во 2019 година во Охрид беше пречекан со холандското знаме, а неколку месеци подоцна, Мило Ѓукановиќ беше дочекан со наопаку поставено црногорско знаме.
Регион
Италијанскaта премиерка во Белград: Италија ќе биде со Србија на патот кон Европа

Италија ќе продолжи да биде меѓу првите земји кои се залагаат за проширување на Европската Унија и ќе ја поддржува Србија на нејзиниот пат кон Европа, изјави во Белград италијанската премиерка, Џорџа Мелони.
Претседателката на италијанската влада денеска пристигна во прва официјална посета на Србија откако е на функцијата, а српскиот претседател Александар Вучиќ ја пречека со највисоки државни почести.
„За Италија е важно Западен Балкан да се приклучи на европското семејство“, рече Мелони на заедничката прес-конференција по разговорот со Вучиќ, додавајќи дека „Италија ќе биде со Србија на патот кон Европа“.
„Она што треба да го направат европските институции е сериозен и брз процес за да се гарантира обединување на цела Европа“, оцени Мелони.
Италија се залага за проширување на ЕУ и повторно обединување на Европа, додаде италијанската премиерка, нагласувајќи ја важноста на односите меѓу Италија и Србија, кои, убедена е, можат дополнително да се развиваат, бидејќи Србија има стратешко значење за нејзината земја.
„Претседателот Вучиќ знае дека може да смета на нашата поддршка за да се забрза процесот на приближување кон Европската унија“, рече Мелони.
Таа укажа на успешниот меѓувладин дијалог меѓу Рим и Белград и значајната трговска размена, тврдејќи дека заедничката иднина на Србија и Италија е ветувачка.
Мелони, нагласувајќи дека Италија се бори против илегалната миграција, му се заблагодари на Белград за сите напори што ги прави на тоа поле.
Оценката на Вучиќ е дека Италија објективно и суштински пристапува кон решавање на проблемите во регионот и дека двете земји имаат добри политички и економски односи, со трговска размена од 4,6 милијарди евра.
Тој и се заблагодари на италијанската премиерка бидејќи секогаш сакала да го слушне мислењето на официјален Белград, додека немала едностран пристап кон проблемите во регионот.
Регион
Во Словенија на места снег од речиси два метра, делови од Европа зафатени од снежна бура

Снежното невреме и денеска предизвикува проблеми низ Европа.
Обилниот снег на северот на Англија ги принуди возачите да останат во своите автомобили во текот на ноќта, а повеќе од 2.500 домаќинства останаа без струја.
Камиони останаа заглавени во снегот, блокирајќи ги автопатиштата и многу возачи мораа да најдат сместување на нивната рута или да спијат во своите возила, пренесува АП.
Училиштата, црквите и извидничките кампови беа користени за да се обезбеди итно засолниште за спасените патници.
Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство издаде предупредување за мраз за поголемиот дел од северен и централен Велс, северна Англија и источна Шкотска.
Аеродромот во Минхен повторно отворен со ограничувања, откажани 560 летови
Авиосообраќајот утрово е обновен на аеродромот во Минхен, но во значително намален обем.
Поради обилните снежни врнежи што вчера ја зафатија јужна Германија, летовите на аеродромот во Минхен беа прекинати до утрово, а авионите беа пренасочени кон аеродромите во Нирнберг и Франкфурт.
Прекини имаше и во железничкиот сообраќај.
Аеродромот во Минхен повторно беше отворен во утринските часови, но околу 560 од 880 планирани летови се откажани, изјави портпаролот на овој аеродром, пренесуваат германските медиуми.
На патниците им се препорачува да се распрашаат за нивниот лет пред да се упатат кон аеродромот.
Холандија: Поради снег откажани десетици летови од Амстердам
Десетина летови од аеродромот Шипхол во Амстердам денеска се откажани поради снегот најавен во попладневните часови во Холандија, соопшти управата на аеродромот.
На веб-страницата на аеродромот Шипхол беше објавено дека се откажуваат речиси 150 влезни и појдовни летови, пренесува Ројтерс.
Холандската авиокомпанија KLM, главниот корисник на аеродромот Шипхол, потврди за холандската новинска агенција АНП дека откажала 65 европски летови закажани за попладнево и навечер.
Снежна покривка до 180 сантиметри во Словенија
Снежното невреме во текот на ноќта и утринава предизвика проблеми низ Словенија, а најмногу снег има во Кредарица кај Триглав, каде наврнаа метар и пол снег, па сега дебелината на снежната покривка на тоа место е 180 сантиметри.
Како што јави словенечката новинска агенција СТА, поради снег на некои патишта има делумен прекин на сообраќајот, а поради невремето затворена е и делницата од автопатот од Приморска до Љубљана,.
Големо количество снег падна и во делови од централна Словенија.
За расчистување на паднатите дрвја од коловозите испратени се вкупно 17 противпожарни единици.
Во главниот град Љубљана висината на снежната покривка е четири сантиметри.
Снег и во Хрватска
Невреме пропратено со мраз и снег вчера ги зафати областа Загреб и Нови Винодолски, поплави ги погодија Огулин и Риека, а пијавици се регистрирани кај Лошињ.
Пороен дожд пропратен со грмежи и ветер попладнето наврна во Загреб, додека мраз има и во околината на градот, јавуваат хрватските медиуми. Во меѓувреме падна снег.
На планините сè уште паѓа снег, а на сила е жолтото метео предупредување. Портокалово и црвено предупредување е во сила во северниот дел на Јадранот поради ветровите со урагански сили.