Регион
(Видео) Лавчето по кое се трагаше во Будва пронајдено во куќа во изградба
Лавчето Симба на 21 јануари избега од дом на странски државјанин, кој живеел во Будва, и дури денеска е пронајдено и сместено на безбедно.
Симба бил пронајден во куќа во село кај Крапина на тешко пристапен терен.
Во потрагата што почна вчера учествувале 60-ина припадници на полицијата, пожарникари, граѓански активисти…
Полицаецот Божо Зец изјави дека го забележал младенчето во куќата во изградба на Жарко Даниловиќ во селото Подострог. Потоа ги повикал претставниците на Агенцијата и на службата за заштита и спасување од Будва, кои го фатиле Симба.
Пожарникарот Миленко Милачиќ, кој е шеф на смена, вели дека кога мештаните им кажале за лавот, веднаш тргнале во акција.
Тој објасни дека лавот се скрил во мала соба, каде што го совладале со помош на јаже и стар стол и го ставиле во вреќа.
„Лавчето е фатено и, што е најважно, живо! Сакаме да им се заблагодариме и да ги пофалиме пожарникарите од Будва, кои беа на терен со нас и го фатија лавот, како и на другите што помогнаа и учествуваа во акцијата завршена на најдобар можен начин“, соопштија претходно денеска од Агенцијата за заштита на животната средина на Црна Гора.
Црна Гора нема зоолошка градина или засолништа за егзотични диви животни, па како една од можностите за негова грижа се споменуваат засолништата за лавови во земјите од регионот.
„Лавот е фатен крајно исцрпен, слаб и ќе биде пренесен во зградата на Службата за заштита и спасување, а потоа во сместување во Подгорица, кое е обезбедено. Ова е прекрасна вест дека сè заврши добро и за лавот и за луѓето што беа вклучени во потрагата“, изјави Александар Драгиќевиќ од Агенцијата за заштита на животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Кси слета во Србија: Претседателот на Кина пречекан од Вучиќ и државниот врв
Заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ и првата дама, кинескиот претседател Кси Џинпинг беше пречекан на црвениот тепих од српската делегација составена од премиерот Милош Вучевиќ, претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, српската амбасадорка во Кина Маја Стефановиќ и кинескиот амбасадор во Белград Ли Минг со сопругата.
Свечениот пречек на кинеската делегација која брои 400 лица е закажан за в среда пред палатата „Србија“.
Домаќин на претседателот Кси Џинпинг ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ, а двајцата лидери ќе разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки до соработка во областа на културата.
За време на дводневната посета на Кси Џинпинг на Србија, планирано е да се потпишат над 30 договори.
Беше организиран и свечен ручек на кој кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик, која ќе заврши со песната „Ова е Србија“.
Поради доаѓањето на кинескиот претседател преземени се големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја обезбедуваат 3.400 полицајци.
Регион
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции
Руски хакери ги нападнаа веб-страниците на косовските институции, изјави министерот за одбрана Ејуп Македончи.
„Група руски хакери извршија сајбер-напад на Косово како одмазда за мојата изјава за поддршка на Украина“, изјави Македончи.
Во текстот на руските хакери се споменува говорот на тој косовски министер кој, според нив, рекол дека „Косово е подготвено да и понуди воена помош на Украина“.
„Косово е подготвено да ги здружи колективните напори за поддршка на одбраната на Украина. Треба повеќе да размислат за ова“ – напишаа хакерите на руски, спомнувајќи го министерот Македончи.
Министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала објави дека „Русија врши хибриден напад на Косово“.
Гервала на мрежата „Х“ изјави дека „рускиот хибриден напад на Косово“ доаѓа по најавата за поддршка на Косово за Украина со воена опрема.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.