Регион
(Видео) Невремето ја опустоши Словенија – се уриваат мостови и патишта, спасени се деца од градинка, порасна бројот на жртви

Најмалку три лица загинаа како последица на невремето и катастрофалните поплави што ја зафатија Словенија, објави словенечката новинска агенција СТА.
Еден Словенец загина во областа Камник, а двајца Холанѓани во планините во областа Крање.
Околностите на смртта сѐ уште се утврдуваат, соопштија за агенцијата од полицијата.
„Се чини дека смртта во Камник е последица на поплави, а на планините е предизвикана од удар на гром. Околностите на смртта сѐ уште се утврдуваат“, изјави Маја Адлешич Циперле од полицијата.
Рекордните врнежи од дожд, кои главно предизвикаа поплави во северниот дел на Словенија, не се завршени, предупреди метеорологот Бране Грегорчич од словенечката Агенција за животна средина (Арсо).
Massive floods due to heavy rainfall in Slovenia, Balkans 🇸🇮
TELEGRAM JOIN 👉 https://t.co/9cTkji5aZq pic.twitter.com/AmGVs3Ruu1
— Disaster News (@Top_Disaster) August 4, 2023
„Најголем дел од најсилните врнежи ќе се движи кон југоисток од земјата, а потоа кон североисток на границата со Хрватска. Времето си го направи своето“, рече Грегорчиќ на прес-конференцијата.
Според него, количината врнежи што паднала во 12 часот била поголема од најверојатните сценарија, на места наврнале и околу 200 милиметри врнежи на квадратен метар.
Се очекуваат и поплави на реките Крка, Сава, Драва и Дравиња, изјави хидрологот Јанез Полајнар.
Невреме ја опустоши и Љубљана. Сирени се огласија во некои делови од градот. Интервенциите се во тек во градското подрачје, сите расположливи сили на противпожарната служба се на терен.
Ситуацијата е најтешка во Корушка, понекогаш дури и хаотична, изјави командантот на провинциската цивилна заштита, Алан Матијевич, за СТА. Надојдената Мислиња го урна мостот на главниот пат Дравоград – Словењ Градец во Отишки Врв, непроодни се и неколку други патишта, многу области се поплавени, а на места нема вода за пиење и сигнал од мобилен телефон.
„Состојбата не се подобрува, сѐ уште е вонредна, имаме огромен број подрачја под вода, патиштата се отсечени и поплавени, мостовите пропаднати“, рече Матијевич.
View this post on Instagram
Во моментот се активирани околу 250 припадници на словенечката армија.
Доброволната противпожарна бригада од градот Менгеш во централна Словенија, северно од Љубљана, објави драматични фотографии од спасувањето на децата од градинката во Гобица.
„Ги известуваме родителите дека успешно ги евакуиравме сите 22 деца во објектот Сончек“, напишаа на социјалната мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мицкоски треба да најде начин да се извини, вели бугарскиот премиер

Наративот и изразувањето на премиерот Христијан Мицкоски ќе им го оставам на оние што го познаваат Езоп. Република Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни обврските што самата ги презела.
Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков во врска со „неприфатливиот и навредлив јазик на Мицкоски кон министерот за надворешни работи, Георги Георгиев“, објави „Бгнес“.
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини“, вели Жељазков.
Тој додаде дека политичката зрелост бара да се исполни она што е договорено.
„Довербата во овие времиња е многу кревка“, истакна премиерот.
Жељазков изјави дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Република Македонија, но непоколебливо врз основа на исполнувањето на обврските од договорот од 2022 година и договорот за добрососедство, според написите во медиумот.
Регион
Фон дер Лајен: ЕУ знае дека е одговорна за неуспехот да се спречи геноцидот во Сребреница

Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во Сребреница пред 30 години, ја признава својата одговорност за неуспехот да се спречи геноцидот и нема да дозволи историјата да се повтори, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во изјава по повод 30-годишнината од геноцидот во босанскиот град.
„ЕУ никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го прифаќаме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за неуспехот да се спречи и запре геноцидот“, изјави претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ нема да дозволи историјата да се повтори и „отфрла и осудува какво било негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и величењето на воените злосторници“.
Претседателката на Комисијата вели дека голема одговорност лежи кај политичките лидери, особено кај оние во Босна и Херцеговина и Западен Балкан.
„Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и вистинското почитување на жртвите. И тие мора активно да работат кон помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и попросперитетна иднина за следната генерација“, се вели во соопштението.
„Наша должност е да се сетиме и да ја зачуваме вистината за идните генерации точно да знаат што се случило. Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски егзекутирани и закопани во масовни гробници во „безбедната зона“ на ОН во Сребреница, град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја опустоши Босна и Херцеговина“, рече претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен испрати порака до граѓаните на Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека ЕУ е со нив.
„Остануваме целосно посветени на поддршката на вашата земја на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Вашите политички лидери треба да го направат својот дел за да се осигурат дека вашата земја ќе го најде своето место во срцето на нашата Унија, каде што припаѓа.“
По падот на Сребреница, семејствата пријавија дека 8.372 лица се исчезнати, а досега се пронајдени и ексхумирани останки на нешто помалку од седум илјади, додека потрагата по останатите е во тек.
Повеќето од идентификуваните се погребани на спомен-гробиштата во Поточари.
Регион
„Останете внатре“: пожар во Солун, гори индустриска зона

Во петокот наутро, пожар избувна во индустриската зона „Синдос“, на западната страна од Солун.
Пожарот избувна околу 9:30 часот наутро на отворената површина на компанијата за рециклирање и отпад. Според противпожарната служба, горат ѓубре, палети и гуми.
На терен има голем број пожарникари со 12 цистерни, кои учествуваат во гаснењето на пожарот.
На граѓаните им е испратена итна порака преку системот 112:
„Пожар во индустриски погон. Опасни испарувања. Останете внатре, затворете ги вратите и прозорците. Следете ги упатствата на надлежните органи“.
Во овој момент, не е познато како започнал пожарот, пренесуваат медиумите во регионот.