Регион
(Видео) Прва жртва во невремето во Словенија, властите порачаа: „Не напуштајте ги домовите“
Едно лице загина во поплавите во Камник на северот на Словенија, објавија медиумите.
Порталот „Камник.инфо“ објави дека водата однела постар жител во атарот на населбата Бистричице.
Полицијата утринава соопшти дека пред куќа во месноста Камник е пронајдено тело на мештанин, но дека поради поплавите, не можеле да излезат на местото на настанот.
Силниот дожд предизвика големи поплави во западна, северна и во делови од централна Словенија, а Агенцијата за животна средина (АРСО) го крена алармот на највисоко ниво бидејќи се очекуваат нови врнежи и поплави.
Податоците на АРСО покажуваат дека во делови од северна, северозападна и централна Словенија паднале над 100 милиметри дожд во рок од 24 часа, што е просечната месечна количина врнежи.
Според прогнозата, се очекува дождот да продолжи да врне и в сабота, а за тие делови од земјата е издадено црвено предупредување бидејќи реките во некои делови се веќе излеани.
Во Коменда, северно од Љубљана, беше прогласена вонредна состојба поради поплавите, а од луѓето беше побарано да не ги напуштаат своите домови во Камник, каде што се затворени сите градинки бидејќи сите патишта се блокирани, пренесе агенцијата СТА.
Луѓето мораа да бидат евакуирани од неколку делови на земјата, вклучително и долината Личница во општина Медводе, северозападно од Љубљана.
Врнежите предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето и во северозападниот регион Горење.
Најлоша е состојбата во областа Шкофја Лока, во долините Селца и Полјана, кои се отсечени од светот поради поплавените патишта.
Во поширокото подрачје на Шкофја Лока поплавени се станбени, деловни и други објекти, а одрони им се закануваат на куќи и патишта.
Одрон во Требија оштети пожарникарско возило, а во Цирје се поплавени повеќе од 100 згради, меѓу кои и неколку деловни објекти, а повеќето патишта беа непроодни.
Поплавите и свлечиштата блокираа и неколку патишта во западниот град Идрија, каде што луѓето се повикуваат да не ги напуштаат своите домови, освен кога е потребно.
Дирекцијата за цивилна заштита и помош при катастрофи регистрира повеќе од 1.000 инциденти поврзани со временските услови во рок од 12 часа во Словенија, при што беа распоредени околу 170 противпожарни единици.
Во текот на ноќта пожарникарите испумпувале вода од поплавените згради, ги спасувале поплавените возила, ги отстранувале остатоците под мостовите и обезбедувале одрони.
Луѓето се евакуираат
Луѓето беа евакуирани од најмалку три кампа. Многумина нашле засолниште на покривите, каде што чекаат да бидат евакуирани со хеликоптер.
Куќи беа поплавени, а патиштата беа блокирани и во други делови на Словенија, вклучително и во регионот Толмин и Корушка.
Најобилни врнежи се забележани од четвртокот од 16 часот до четири часот утринава на метеоролошките станици Пасја и Раван, северозападно од Љубљана, со 182,7 милиметра на квадратен метар, и Вогел и Рудно Поље на Алпите, со над 170 милиметри.
Повеќе од 150 милиметри дожд е забележан на аеродромот во Љубљана.
Драматично спасување жена
Драматично видео пристигнува од словенскиот град Полјана. Водата го поплави патот, каде што возач остана заглавен во автомобилот среде порој.
„Фала му на бога, ја спасивме госпоѓата. Во близина се нашле двајца алпинисти. Госпоѓата е безбедна, многу е среќна што го преживеала овој хорор“, изјавил еден од спасувачите, Јасмин Бајректаревиќ, кој опишал што се случило.
„Мислам дека сите бевме по малку во шок. Госпоѓата викаше за помош од автомобилот, а ние бргу реагиравме бидејќи сфативме дека пожарникарите не може да стигнат до нас“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бутан ја призна Хрватска
Кралството Бутан формално ја призна Хрватска, што ќе ја зајакне соработката меѓу двете земји посветени на стабилност, мир и одржлив развој, објави Министерството за надворешни и европски работи, пренесува Индекс.хр.
„Признавањето е резултат на работата на владата, Министерството за надворешни и европски работи, Постојаната мисија на Хрватска во ОН и Амбасадата во Њу Делхи во согласност со принципите на меѓународното право и целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации“, се вели во соопштението на министерството.
„Овој чин дополнително ги зајакнува предусловите за понатамошен развој на пријателски односи и соработка меѓу двете земји, врз основа на меѓусебно почитување и суверена еднаквост“, се додава во соопштението.
Хрватска веќе одржува односи со оваа хималајска нација од околу 800.000 луѓе во рамките на Обединетите нации, но ова формално признавање е важен поттик за билатерална соработка, во согласност со интересите на двете земји.
„Како членка на ЕУ и НАТО, Република Хрватска останува посветена на промовирање на одржлив развој, меѓународна соработка, мир и стабилност, вклучително и преку зајакнување на односите со партнерите во Азија.“
Откако беше признаена од оваа будистичка нација, Република Хрватска сè уште не е признаена од Нигер во Африка и Тонга во Полинезија.
Хрватска го одбележува денот на меѓународното признавање на 15 јануари, бидејќи на тој датум во 1992 година, сите членки на тогашната Европска Унија и други значајни земји во светот ја признаа.
Регион
Претседателот на Црна Гора: Наша амбиција е да се приклучиме кон ЕУ во 2028 година
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, денеска се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што го повтори амбициозниот план на Подгорица да стане членка на ЕУ во 2028 година, што, како што рече, би било „заедничка победа“ за неговата земја и Европската Унија.
„Црна Гора ќе донесе во Унијата искуство на општество кое ја зачува мултиетничката хармонија во регионот со товарот на тешката историја, медитеранската отвореност и балканската отпорност“, рече 39-годишниот црногорски претседател на пленарна седница во францускиот град.
Во согласност со името на партијата од која доаѓа, Движењето „Европа сега!“, Милатовиќ им ја повтори на европратениците својата амбиција Црна Гора да се приклучи кон Европската Унија уште во 2028 година.
Милатовиќ зборуваше во Стразбур еден ден откако неговата земја затвори уште две поглавја од преговорите, со што нивниот број достигна 16, речиси половина од вкупно 33 поглавја.
Тој го прогласи членството на својата земја 20 години по враќањето на независноста за едно од најзначајните достигнувања во нејзината модерна историја, но и за „клучен момент за политиката на проширување“.
„Црна Гора е подготвена за ова“, нагласи Милатовиќ. Додаде дека неговата земја веќе е стратешки усогласена со ЕУ на голем број нивоа. Таа веќе го користи еврото и е членка на НАТО усогласена со европската надворешна и безбедносна политика.
„Задачите што претстојат се зајакнување на владеењето на правото, формирање независни институции и ефикасна јавна администрација“, рече црногорскиот претседател.
„Претстојното можно пристапување на Црна Гора ќе биде заедничка победа за земјата и Европската Унија, како и охрабрување за другите земји од Западен Балкан, доказ дека реформите водат кон целта“, додаде тој.
фото/Depositphotos
Регион
Еден од загинатите управувал со едрилицата во моментот на судирот, јавуваат хрватските медиум
Во истрагата за тешката поморска несреќа кај Сплит, во која загинаа четворица чешки државјани, се појавија нови неофицијални информации според кои во моментот на судирот со катамаранот, на кормилото на едрилицата наводно не бил скиперот, туку еден од загинатите патници.
Според хрватските медиуми, полицијата ќе ги испита сите преживеани од едрилицата, како и членовите на екипажот и патниците од катамаранот кои би можеле да имаат информации за околностите на несреќата.
Неофицијално, француски државјани кои се наоѓале на блиска едрилица го снимиле моментот на судирот, а снимката би можела да биде важен доказ во истрагата.
Според досегашните информации, двете пловила се движеле во правец кон Хвар, а едрилицата непосредно пред несреќата наводно го сменила правецот на движење.
Наредени се токсиколошки анализи за скиперот на едрилицата, како и за командантот и првиот офицер на катамаранот. Исто така, ќе биде извршена обдукција на загинатите и дополнителни вештачења за утврдување на причините за несреќата.
Потонатата едрилица, која се наоѓа на длабочина поголема од 50 метри, ќе биде извлечена за детална техничка проверка.
