Регион
(Видео) Србија одбележува 20 години од падот на Слободан Милошевиќ
Во Србија денеска се одбележува дваесетгодишнината од падот на режимот на Слободан Милошевиќ и протестите на стотици илјади граѓани со кои се означи крајот на неговото владеење, проследено со војни, санкции, милионска инфлација и економско уништување на земјата, пренесуваат српските медиуми.
Годинава, во услови на пандемија на Ковид-19, годишнината од демократските промени во Србија ќе биде одбележана многу поскромно од порано, со трибини и дебати, а еден од најавените собири го закажаа новинарите и невладините организации во Ниш.
Протестите во центарот на Белград на 5 октомври 2000 година, на кои се собраа стотици илјади луѓе од цела Србија, следеа откако Републиканскиот изборен штаб одби да ја признае победата на кандидатот на Демократска опозиција на Србија (ДОС) Воислав Коштуница на изборите што се одржаа на 24 септември 2000 година.
Коалицијата ДОС се состоеше од 19 партии, а од Милошевиќ беше побарано да го признае поразот до 5 октомври, со смена на раководството на државната телевизија (РТС) и спроведување на објективна уредувачка политика наместо режимска пропаганда.
На улиците на Белград и пред тогашното Федерално собрание се собраа толпи кои доаѓаа од цела Србија со автобуси, автомобили, камиони, дури и со багери. Откако упаднаа во зградата на парламентот, која беше делумно запалена и уништена, демонстрантите ја окупираа и зградата на РТС.
Полицијата и нејзините специјални единици на крајот на денот застанаа на страната на демонстрантите, а за време на демонстрациите беа убиени две лица – еден демонстрант и еден полицаец, а 65 лица беа повредени.
На 6 октомври 2000 година Милошевиќ призна дека изгубил на изборите и му ја честиташе победата на Воислав Коштуница.
Многу српски граѓани веруваа дека ова е последен пораз на авторитарниот режим и дека се направени радикални демократски промени.
Сепак, по атентатот врз премиерот Зоран Ѓинѓиќ на 12 март 2003 година, демократската опозиција се распадна, Воислав Коштуница се повлече од политичката сцена поради изборниот пораз на неговата Демократска партија на Србија (ДСС).
Две децении подоцна, со Србија сега владеат соработници на Милошевиќ. Актуелниот српски претседател Александар Вучиќ беше министер за информации за време на владеењето на Слободан Милошевиќ.
Актуелниот министер за одбрана, Александар Вулин, беше член на Југословенската обединета левица (ЈУЛ) на Мирјана Марковиќ, сопруга на Милошевиќ.
Портпаролот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и близок соработник на Милошевиќ, Ивица Дачиќ, е сегашен министер за надворешни работи на Србија, претседател на СПС и коалициски партнер на Српската напредна партија на Вучиќ.
За време на владата на Зоран Ѓинѓиќ, Слободан Милошевиќ беше екстрадиран во судот во Хаг под обвинение за воени злосторства, а тој почина во затворската ќелија во Шевенинген во 2006 година, без да добие пресуда.
Демократската партија на Џинѓиќ, пак, се подели на неколку фракции и помали партии и ниту една нема претставници во сегашниот српски парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

