Регион
(Видео) Темпирана бомба е пат во Грција изграден врз поток – „Стравуваме секојпат кога паѓа дожд“

Науса на Парос, скапоцен камен на островите Киклади и една од најпосетуваните туристички дестинации во Грција, се обидува да заздрави откако силно невреме го погоди островот во понеделникот попладне.
Интензивниот дожд за неколку минути ги претвори улиците во порои, додека штетите на имотите и инфраструктурните објекти предизвикаа загриженост кај локалното население и претприемачите, кои гледаат како се приближува Велигден и незапирливо истекува времето.
Катастрофата беше широко распространета, што резултираше со поплавени домови и продавници, одрони од кал на улиците, соборени дрвја и превртени возила – од кои некои дури завршија во морето. Прекрасното пристаниште Науса, кое ќе биде домаќин на илјадници посетители во наредните недели, се претвори во огромна јама од кал.
Најголемиот проблем е концентриран на едно единствено место: една единствена улица што води до пристаништето. Станува збор за улица која според мештаните била изградена на стар поток – природен порој кој со текот на времето се пополнувал и асфалтирал, но без предвид за правилно одведување на водата. Резултат? Секој силен дожд го претвора ова место во стапица, заробувајќи возила и луѓе.
„Не може секогаш кога врне да се плашиме да не се удавиме. Таму е потокот, само го покривме со асфалт. Некој треба сериозно да го разгледа ова пред да ги загубиме животите“, изјавува револтиран локален жител.
Проблемот, познат со децении, останува нерешен. Еднонасочниот сообраќај на таа улица, заедно со немањето алтернативен пристап до Науса, ја влошуваат состојбата. И покрај постојаните барања на жителите за решение, не е направен суштински план за заштита на просторот од вакви појави.
Харис Гиурцидес, одговорен за цивилната заштита на општина Парос, за „Прототема“ изјави дека се преземени сите неопходни мерки за предупредување на граѓаните.
„Испративме известувања за возилат паркирани на патот кон пристаништето, за жал, многумина не ги следеа, па возилата беа поплавени“, посочува тој.
Сепак, сликата што ја пренесуваат мештаните е поинаква и открива недостаток на реална информираност и превенција.
„Не може секојпат одговорноста да падне врз граѓаните, општината мора да преземе реални мерки и да не спроведува само половични чекори“, велат тие.
Од вторникот во раните утрински часови, екипи на општината со машини почнаа со реконструктивните работи, со цел чистење на улиците, отстранување на калта и наталожените материјали и што поскоро враќање на пристапот до пристаништето. Бизнисите во областа, рестораните и туристичките работници, исто така, прават паралелни напори за да ја вратат Науса „во функција“ до Велигден.
Оваа природна катастрофа на најтешкиот начин потсети дека туристичките дестинации треба да го спојат развојот со основната безбедност на нивната инфраструктура. Сега се повикани општинските власти да се соочат со проблемот и да преземат реални мерки за заштитата од поплави. Случајот со улицата што минува низ прекрасното пристаниште Науса веќе не може да се игнорира: целата област е изложена на опасност и постоењето на единствената улица, изградена на затрупан поток, претставува „темпирана бомба“.
На жителите на овој прекрасен приморски град им поминува само една мисла: Замислете што ќе се случеше доколку оваа природна катастрофа се случеше за време на велигденскиот викенд, со илјадници посетители на островот? Кој би управувал со хаосот тогаш?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мицкоски треба да најде начин да се извини, вели бугарскиот премиер

Наративот и изразувањето на премиерот Христијан Мицкоски ќе им го оставам на оние што го познаваат Езоп. Република Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни обврските што самата ги презела.
Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков во врска со „неприфатливиот и навредлив јазик на Мицкоски кон министерот за надворешни работи, Георги Георгиев“, објави „Бгнес“.
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини“, вели Жељазков.
Тој додаде дека политичката зрелост бара да се исполни она што е договорено.
„Довербата во овие времиња е многу кревка“, истакна премиерот.
Жељазков изјави дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Република Македонија, но непоколебливо врз основа на исполнувањето на обврските од договорот од 2022 година и договорот за добрососедство, според написите во медиумот.
Регион
Фон дер Лајен: ЕУ знае дека е одговорна за неуспехот да се спречи геноцидот во Сребреница

Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во Сребреница пред 30 години, ја признава својата одговорност за неуспехот да се спречи геноцидот и нема да дозволи историјата да се повтори, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во изјава по повод 30-годишнината од геноцидот во босанскиот град.
„ЕУ никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го прифаќаме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за неуспехот да се спречи и запре геноцидот“, изјави претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ нема да дозволи историјата да се повтори и „отфрла и осудува какво било негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и величењето на воените злосторници“.
Претседателката на Комисијата вели дека голема одговорност лежи кај политичките лидери, особено кај оние во Босна и Херцеговина и Западен Балкан.
„Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и вистинското почитување на жртвите. И тие мора активно да работат кон помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и попросперитетна иднина за следната генерација“, се вели во соопштението.
„Наша должност е да се сетиме и да ја зачуваме вистината за идните генерации точно да знаат што се случило. Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски егзекутирани и закопани во масовни гробници во „безбедната зона“ на ОН во Сребреница, град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја опустоши Босна и Херцеговина“, рече претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен испрати порака до граѓаните на Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека ЕУ е со нив.
„Остануваме целосно посветени на поддршката на вашата земја на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Вашите политички лидери треба да го направат својот дел за да се осигурат дека вашата земја ќе го најде своето место во срцето на нашата Унија, каде што припаѓа.“
По падот на Сребреница, семејствата пријавија дека 8.372 лица се исчезнати, а досега се пронајдени и ексхумирани останки на нешто помалку од седум илјади, додека потрагата по останатите е во тек.
Повеќето од идентификуваните се погребани на спомен-гробиштата во Поточари.
Регион
„Останете внатре“: пожар во Солун, гори индустриска зона

Во петокот наутро, пожар избувна во индустриската зона „Синдос“, на западната страна од Солун.
Пожарот избувна околу 9:30 часот наутро на отворената површина на компанијата за рециклирање и отпад. Според противпожарната служба, горат ѓубре, палети и гуми.
На терен има голем број пожарникари со 12 цистерни, кои учествуваат во гаснењето на пожарот.
На граѓаните им е испратена итна порака преку системот 112:
„Пожар во индустриски погон. Опасни испарувања. Останете внатре, затворете ги вратите и прозорците. Следете ги упатствата на надлежните органи“.
Во овој момент, не е познато како започнал пожарот, пренесуваат медиумите во регионот.