Регион
(Видео) Турција објави видео од нападот врз курдските милитанти

Турција ја објави првата снимка од воената операција против милитантите на Работничката партија на Курдистан, која почна вчера.
Турското Министерство за одбрана објави снимка од нејзината воена офанзива против курдските сили во северен Ирак, а министерот за одбрана на земјата рече дека борбите ќе продолжат до неутрализирање на последниот терорист.
Турската воена операција во северен Ирак ги постигна сите свои цели, беше речено на краткиот брифинг со новинарите во Анкара напоменувајќи дека турските сили ги гаѓаат курдските милитанти во Ирачки Курдистан.
„Армијата извести дека се убиени многу терористи и дека се уништени многу цели поврзани со нив. Досега сите планирани цели се постигнати“, рече турскиот министер Хулуси Акар.
На видеото се гледаат борбени авиони, нападни хеликоптери, артилерија и копнени сили во акција. Повеќето од снимките се направени со опрема за ноќно гледање.
Анкара синоќа ја почна најновата кампања против милитантите, кои ги смета за терористи. Турската кампања, наречена операција „Челична канџа“, е прекугранична операција на турските сили насочена кон курдските милитанти во северен Ирак.
Анкара ги смета Курдистанската работничка партија (ПКК) и сириската курдска милиција (ИПГ) за терористички организации.
Тековната операција се фокусира на регионите Метина, Зап и Авасин-Басјан, соопшти турската војска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватскиот суд донесе историска пресуда – геј-паровите од сега ќе може да посвојуваат деца

Вишиот управен суд на Хрватска ја отфрли жалбата на надлежното Министерство и им овозможи на истополовите парови да може да пристапат до процената за посвојување деца, а како што се наведува, тие не може да бидат дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација.
Според организацијата Rainbow Color, судот го отфрлил аргументот на Министерството дека истополовите двојки не треба да пристапуваат кон процената за посвојување деца поради целта „заштита на интересите на детето“.
Оваа одлука судот ја донел во случајот со партнерите Младен Кожиќ и Иво Шегота, на кои сега им е дозволено да присуствуваат на постапката за посвојување дете, е соопштено на прес-конференцијата во Загреб, пренесоа хрватските медиуми.
Кожиќ и Шегота пред шест години се пријавиле во центарот за социјална заштита во желба да станат посвоители, но во два наврата биле одбиени бидејќи се во животно партнерство. По долга правна битка во 2020 година, тие успешно станаа згрижувачки родители на две деца.
Минатата година првостепениот управен суд донесе одлука дека тие може да станат и посвоители, а по жалбата на Министерството, одлуката на Вишиот управен суд, конечно, ги отстрани сите дилеми.
Шегота и Кожиќ на новинарите, меѓу другото, им рекоа дека се изгубени шест години и дека, како што велат, тоа е во духот на политиката.
„Шестте изгубени години на тие деца одат во духот на политиката, која е во име на одбрана на т.н. традиционални вредности, таа беше подготвена да го погази правото на семејство на деца што општеството го заборави“, изјавија Шегота и Кожиќ.
Организацијата Rainbow Colors објави дека оваа пресуда има далекосежни последици за правата на ЛГБТИК-лицата и истополовите парови во Хрватска.
Регион
Словенечкиот парламент го потврди Роберт Голоб за премиер

Словенечкиот парламент го потврди назначувањето на лидерот на Движењето за слобода, менаџерот Роберт Голоб, за премиер, кој парламентарците треба да го изберат следната недела.
Во средата за Голоб гласаа 54 пратеници, 30 беа против, а еден глас беше неважечки.
Пред гласањето Голоб изјави дека врз основа на големата доверба што му ја дале на изборите на 24 април, сака да им даде на Словенците надеж за подобра иднина и да им ја врати животната радост, пренесе „Хина“.
Регион
Словенечкиот парламент денеска ќе гласа за мандатарот на идната влада, Роберт Голоб

Словенечкиот парламент денеска ќе гласа по предлогот за назначување на Роберт Голоб за мандатар на новата влада, што е прв чекор кон формирањето на извршната власт во земјата по изборите одржани на 24 април.
Голоб вчера го потпиша однапред усогласениот коалициски договор меѓу неговата партија Движење слобода со социјалдемократите на Тања Фајон и Левицата на Лука Месец изјавувајќи дека предвидените процедури за формирање и почетокот на работата на новата влада ќе бидат завршени веќе наредната седмица.
По потпишувањето на коалицискиот договор, Голоб рече дека бргу биле усогласени целите на работењето на новиот кабинет, но посочи дека со оглед на брзите промени на околностите, во иднина ќе биде неопходно постојано приспособување.
„Знаеме каде сме и каде сакаме да одиме, ќе реагираме на околностите“, рече идниот премиер наведувајќи ги притоа мерките поврзани со поскапувањето на енергијата и на храната и здравствените мерки со оглед на можен нов бран на Ковид-19 наесен.
Се очекува Голоб на собраниската седница да каже повеќе за акцискиот план на идната влада.