Регион
(Видео) Центарот на Будва под вода, Хрватска воведе итни мерки поради поплавите, во Подгорица автомобили едвај поминуваат низ водата
Силно невреме проследено со дожд и ветер ја зафати Хрватска. Огромно количество дожд наврна на Истра, а реката Купа во Карловац го надмина водостојот од 750 сантиметри. Во Црна Гора синоќа имало големо количество врнежи поради што поплавени се улиците во Будва и Подгорица, а во Словенија паѓа снег.
Според началникот на пожарникарската жупанија, Дино Козлевац, противпожарните единици во Истра имале 32 интервенции во изминатите 24 часа поради поплави. Пожарникарите интервенирале 13 пати само на подрачјето на Порече, а девет интервенции имале на подрачјето на Пула, шест на подрачјето на Пазин и по една во Ровињ, Умаг, Лабин и Бузет.
„Пожарникарите најмногу интервенираа и излегоа на терен за да ги отстранат дрвјата што паднаа на коловозите поради силниот ветер, но имаа и интервенции за испумпување на водата. Во тие настани нема загинати, но причинета е материјална штета. Сè на сè, состојбата во моментот е поволна“, рече Козлевац.
Во Карловац во седум часот утринава надминат е водостојот на реката Купа од 750 сантиметри и влезе во фаза на вонредни мерки за одбрана од поплави, а се зголемува за 10-ина сантиметри на час. Како што е најавено, нивото на водата ќе се зголемува до попладневните часови за кога се најавува врвот на водниот бран, кој треба да надмине 800 сантиметри.
„Поради водата, затворени се патиштата во Бродарци, покрај Купа, Селац, Кобилиќ и Броѓани“, соопштија локалните власти.
Поплави и во Подгорица
Силниот дожд што наврна синоќа во Подгорица предизвика поплави на неколку улици.
Најлошо е во Забјело, а на социјалните мрежи се објавени видеа од автомобили како едвај поминуваат низ поплавените улици.
Во Спуз се поплавени дворови на куќи, а во целата земја е вклушен црвен метео-аларм.
View this post on Instagram
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик: Убеден сум во промената на американската политика кон Босна и Херцеговина
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска повтори дека е убеден оти ќе има значителни промени во американската политика кон БиХ по изборот на Доналд Трамп за претседател. Посочувајќи дека верува во промени во американската политика, Додик рече дека овие промени се веќе почнати и се видливи.
Амбасадата на САД во БиХ, како што рече, можела да организира одреден собир на локални политичари и медиуми кои ги исполнуваат условите по повод изборот на Трамп, како што правеле досега, но овој пат не го направија тоа. „Зарем тоа не е промена? Тоа е вистинска промена, а е и порака за нас“, изјави Додик.
Коментирајќи ја најавата на американската амбасада во Сараево дека двете доминантни политички партии немаат различна политика кон Босна и Херцеговина, Додик вели дека мисли дека лажат, како што лажеле. „Невозможно е да нема промени. Верувам во промената на американската политика на внатрешен и надворешен фронт, која ја најави Трамп. А што вели еден американски амбасадор Мајкл Марфи – тој веќе си замина што се однесува до нас“, рече Додик и додаде:
„Секако дека ќе се обиде да направи нешто друго, да ни го загорчи животот, но нека прави што сака. Неговата политичка опција драматично изгуби во Америка и мило ми е што е така“. Претседателот на Српска е убеден дека ќе воспостави добра соработка со новата американска администрација или дека веќе ја имаат.
„Верувам дека следната година ќе имаме јасни индикации дека можеме да соработуваме со Америка на чело со Трамп, но дека не можевме да соработуваме со Америка на чело со Џозеф Бајден, бидејќи тој се уште беше во Сенатот и Конгресот против Србите и направи антисрпска политика во овие области, објави РТРС.
Со победата на Трамп беше поразена политиката на Клинтон во која беше понуден Дејтонскиот договор, а потоа првиот ден го урнаа до денес“, изјави Додик за новинарите во Бања Лука, пренесува Танјуг.
Регион
Вучиќ: Србија денес е поподготвена за членство во ЕУ отколку што беа повеќето земји кога беа примени во таа организација
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека очекува Европската унија да донесе стратешка политичка одлука за прифаќање на Србија како членка.
Во Будимпешта, по Самитот на Европската политичка заедница, Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање какви стратешки одлуки очекува од ЕУ, рече дека Србија денес е поподготвена за членство во ЕУ отколку што беа повеќето земји кога беа примени во тоа организација.
„Треба да ја погледнете економската сила на Србија. Таа ние би сакале да биде поголема, значително поголема од она што беа 40 или 50 отсто од членките на Европската унија пред да влезат во ЕУ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека ако денес се анализира кои земји можат да ги исполнат сите критериуми за влез во ЕУ кои се ставени пред Србија, мал број сонародници ги исполниле тие критериуми.
Регион
Туркулов за повредените во Нови Сад: сè уште се во животна опасност
Тројца пациенти, кои се здобија со тешки телесни повреди при падот на бетонската настрешница на зградата на железничката станица во Нови Сад, се уште се во животна опасност, изјави утрово в.д. директор на Клиничкиот центар „Војводина“ Весна Туркулов.
Иако кај двајца пациенти се забележани мали промени во стабилноста, Весна Туркулов за телевизијата К1 изјави дека нивната состојба може брзо да се промени и дека состојбата и понатаму е критична.
Лекарскиот тим прави максимални напори за стабилизирање на нивната здравствена состојба, додаде таа.
„Од моментот на прием во Ургентниот центар, едно лице е реанимирано, поради што нејзината состојба е нешто полоша од другите две, но сите се уште се животно загрозени и нестабилни“, изјави Туркулов, наведувајќи дека овие се сериозни повреди кои вклучуваат внатрешни повреди, крварење и модринки на ткивото поради затрупувањето од тешкиот товар.
Семејствата на тешко повредените пациенти, кои се здобија со тешки телесни повреди во несреќата на железничката станица во Нови Сад, цело време се со своите најблиски во болница, а се согласија и на психолошка помош, што многу им значи во овие тешки времиња, додаде таа.