Регион
Во Турција започна судењето на војниците обвинети за обид за убиство на претседателот Ердоган

Судскиот процес против 47 лица, главно војници, започна во понеделникот во турска Мугла, под сомнение дека се обиделе да го убијат турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во хотелскиот комплекс на Егејското Море во текот на неуспешниот државен преврат од ноќта на 15-ти јули 2016 година.
Меѓу обвинетите се 37 војници. На тројца од обвинетите, по кои се трага, ќе им биде судено во отсуство, меѓу нив и на имамот Фетулах Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД и кого Анкара го обвинува дека создал паралелни структури во правосудниот, образовниот и безбедносниот систем на земјата и оти стои зад пучот. Ѓулен, од своја страна, го отфрли обвинувањето и го осуди државниот удар како метод за соборување на власта, но Вашингтон уште не одговара позитивно на барањата од Турција да ѝ биде предаден.
Стотици луѓе ги пречекаа обвинетите пред зградата на Трговската комора во којашто се одржува судењето со развиорени турски државни знамиња и извикувајќи „Сакаме смртна казна“ и „Господ е голем“.
Претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој во текот на пучот кој беше задушен до утринските часови на 16-ти јули, со семејството на одмор во Мармарис, во покраината Мугла, изјави дека за малку успеал да го избегне заробувањето од пучистите, припадниците на една фракција во турската армија, напуштајќи го одморалиштето пред тие да пристигнат таму.
Неколку часа не беше познато каде се наоѓа Ердоган, а во медиумите се појавија информации дека два ловци „F-16“ на пучистите на нишан го имале неговиот авион. Во раните утрински часови турскиот претседател слета во Истанбул каде што беше пречекан од стотици негови приврзаници.
„Доколку останев таму десет или петнаесет минути подолго, ќе ме убиеја или заробеа“, тврдеше Ердоган лани на 18-ти јули во разговорот за американската телевизија CNN.
Во обидот на државен удар загинаа 248 луѓе, најмногу цивили и војници, без да се сметаат пучистите, а илјадници беа ранети.
Државното обвинителство побара по неколку казни доживотен затвор за сите обвинети во Мугла. Првиот дел од судењето ќе трае до 15-ти март.
Меѓу обвинетите со највисоки чин е поранешниот бригаден генерал Гоекан Сахин Сонмезатеп, кој негираше пред судот каква и да е поврзаност со мрежата на исламистот Фетулах Ѓулен, кого дури го нарече „изопачен“.
И вториот обвинет, мајорот Шукру Сејмен, го одби обвинението дека е поврзан со движењето на Ѓулен коешто турските власти го прогласија за терористичка организација и го означуваат како FETO, велејќи дека е „кемалист“, алудирајќи на втемелувачот на современата турска република Мустафа Кемал Ататурк, и дека е приврзаник на секуларното уредување на државата. „Наредени ни беше Ердоган да го фатиме жив“, рече Сејмен.
Судските постапки се покренати по пропаднатиот пуч, кога започна и чистењето во текот на прогласената воена состојба, кога се приведени 43.000 лица. Покрај осомничените за учество и организација во превратот, чистките се насочени и во образованието, медиумите, судските органи, левичарските и прокурдските политички средини, поради што Анкара е обвинувана дека под параванот на вонредната состојба сака да ги стивне сите критики./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пронајдени тинејџерките кои со денови беа исчезнати во Грција

Среќно заврши потрагата по 13-годишната Елефтерија и 14-годишната Катерини во Калитеа, Грција, кои беа исчезнати од четвртокот на 30 ноември, јавуваат грчките медиуми.
Според соопштението на грчката невладина организација „Насмевката на детето“, двете девојчиња биле пронајдени утрово и се во добра здравствена состојба. Воедно, како што нагласуваат од организацијата, ќе им биде дадена психолошка поддршка и се’ друго што е потребно во такви ситуации.
Девојчињата биле затекнати на подрачјето на општина Агиос Димитриос, но засега грчките медиуми не објавија како и зошто исчезнале. Според претходно објавените информации, двете тинејџерки влегле во такси по што им се изгубила секаква трага.
Регион
Вучиќ: Лавров во Скопје ја кажа вистината кога е Србија во прашање

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје кажал сè вистинито кога е Србија во прашање.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека Лавров зборувал за многу поважни работи за Србија и за српскиот народ од оценката дека Србија нема да отвори ново поглавје во преговорите со Европската унија доколку не воведе санкции кон Русија.
„Во основа, Лавров кажа сè вистинито. Зборуваше и за многу поважни работи за Србија и како функционирала од 2013 година, како ја мамеле нашата земја по Бриселскиот договор за да постигнат нешто што требало да се исполни, а кога тоа не се исполнило, на Србите им кажувале – па ете десет години не е исполнето, па сега ќе добиете дупло помалку од што баравте. Тоа е вистина, тоа се случува“, изјави Вучиќ.
Посочи дека се поставува прашањето што може Србија да промени, за да немаме војни и државата да напредува економски.
„Вистината е дека нашите раце се прилично врзани и ги држиме своите многу подобро отколку што некој би очекувал во однос на зачувување на независноста, суверенитетот, зачувување на границите и донесување одлуки. Но, фактот дека ситуацијата е тешка, сигурно е дека ќе биде и уште потешка, го потврдуваат и одлуките во кои некои сметаат дека би било добро Европската комисија да го вклучи Охридскиот договор како дел од преговарачкото поглавје. “ изјави Вучиќ.
Регион
ЕУ бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија

Европската унија (ЕУ) формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел.
Во нацрт-заклучоците, на кои Радио Слободна Европа умаше увид се вели дека „Советот бара од Комисијата и високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“.
Овие заклучоци ќе ги усвојат министрите за европски прашања на состанокот на Советот за општи работи на 12 декември.
Истите заклучоци потоа ќе ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември.
Поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и Европската унија ги вклучува односите со Косово.
ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите.
Србија и Косово на 27 февруари постигнаа договор за патот кон нормализација на односите.
На 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.
Белград и Приштина не го потпишаа договорот, ниту анексот за спроведување затоа што тоа одби да го направи српскиот претседателАлександар Вучиќ.
Според изјавата на високиот претседател на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, договорот се смета за правно обврзувачки за двете страни.
ЕУ веќе најави дека и овој договор ќе биде вклучен во пристапниот процес на Србија, за да се потврди правно обврзувачкиот карактер на тој документ, пишива Радио Слободна Европа.