Регион
Во Хрватска 53 нови случаи на коронавирус
Во последните 24 часа во Хрватска се потврдени 53 нови случаи на коронавирус. Вкупниот број на заболени се искачи на 3.775, а просечната возраст е 47,4 години.
„Во последните 24 часа тестирани се 204 лица, а процентот на позитивни е е 4.01 отсто“, соопшти министерот за здравство, Вили Берош.
Тој кажа дека нема нови значителни жаришта. „Има неколку свадби и прослави во различни краеви. Има едно ново жариште во дом за стари лица во Умаг. Вчера се земени 90 брисеви и сите се негативни, што е одлична вест“, кажа Берош.
Тој, исто така, информира дека во последните 24 часа во Хрватска влегле повеќе од 7.500 германски туристи, 7.100 словенечки туристи, потоа 3.800 туристи од Чешка, повеќе од 3.400 туристи од Австрија.
Поради зголемениот број на случаи, во Хрватска од денеска е задолжително носење маска во продавници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Несреќа во Хрватска: автобус ги истоварил децата во училиште, па изгубил контрола и влетал во дворот на градинка
Утрово околу 7 часот и 50 минути на подрачјето на Сињ во Хрватска, возачот на автобусот ги оставил децата пред училиштето и потоа изгубил контрола над возилото.
Откако децата излегле од автобусот тргнал на пат, но од засега непознати причини изгубил контрола над возилото, излетал од патот, поминал низ дворот на градинката која се наоѓала таму и оштетил неколку автомобили.
Како што информираат од сплитската полиција, според тамошните медиуми, во несреќата нема повредени.
„До училиштето во непосредна близина бил ангажиран полициски службеник за сообраќајна контрола, кој веднаш излегол на местото на несреќата, му помогнал на возачот кој бил во шок и ги известил останатите служби кои веднаш отишле на местото на настанот“, велат од полицијата.
Регион
Грција ќе забрани издавање нови дозволи за краткорочно изнајмување во центарот на Атина
Забраната за издавање нови дозволи за краткорочно изнајмување во три квартови во строгиот центар на Атина ќе остане на сила најмалку една година, објави денеска грчката влада, истовремено зголемувајќи го данокот за изнајмување на такво сместување за одмор.
Како и многу други европски туристички дестинации, Грција се бори да ја балансира профитабилната индустрија управувана од онлајн платформите како што е Airbnb со потребите на локалните жители кои се соочуваат со недостиг на станови.
Недостигот на станови и зголемените трошоци за живот ги натераа властите да објават одлука овој месец за зголемување на даноците за краткорочни изнајмувања, забрана на нови дозволи во центарот на Атина и охрабрување на сопствениците на имот да се префрлат на долгорочни изнајмувања.
Грчката министерка за туризам Олга Кефалојани денеска најави дека забраната за ново краткорочно изнајмување во Атина ќе стапи на сила од 1 јануари 2025 година.
Дневниот данок на краткорочни изнајмувања и помага на земјата да се справи со влијанието на природните катастрофи поврзани со климатските промени. Во периодот од април до октомври ќе се зголеми од 1,5 на 8 евра, изјави министерот за финансии. Во зимските месеци данокот ќе се зголеми од 0,5 на 2 евра.
Министерот Кефалојани рече дека Грција годинава од туризмот очекува приход од 22 милијарди евра, што е уште еден рекорд. Таа во борбата против масовниот туризам најави уште една мерка – такса во висина од 20 евра за посетителите од бродовите за крстарење кои во екот на летната сезона ги посетуваат островите Санторини и Миконос, а ќе стапи на сила следната година.
Регион
Земјотрес го погоди Сараево
Послаб земјотрес го потресе Сараево изутрината.
Како што соопшти Федералниот хидрометеоролошки завод во Сараево, во Центарот за сеизмологија е регистриран во 8.04 часот слаб земјотрес во областа на главниот град на Босна и Херцеговина.
Магнитудата на земјотресот била 2,2 степена според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот бил III степен според Меркалиевата скала.
Многубројни жители на Сараево пријавиле тресење на земјата на услугата EMSC.
„Кратко, но силно“, „Кратко, татнеж“, „Само мал трепет и силен звук“, „Кратко, но жестоко“, изјавија тие во своите коментари.