Регион
Вучиќ: Ако бил употребен звучен топ, јас повеќе не сум претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ повтори дека неговата земја е изложена на „месеци на терор“ и ги нарече разговорите меѓу лидерите на САД и Русија голем чекор кон мирот, пренесува Анадолија.
По разговорот меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп за Украина, српскиот претседател изјави дека мисли дека „ние сме далеку од мир“, иако најавата за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура ја оцени како позитивна.
„Ова е исто така огромен чекор и му честитам на претседателот Трамп за тоа“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека се надева оти разговорот меѓу претседателите на Русија и САД ќе доведе до траен мир.
„Немам извори ниту во Кремљ, ниту во Белата куќа со кои сум разговарал, само она што сум можел да го прочитам. Мислам дека сме далеку од мир, но добро е да се зборува за тоа“, рече Вучиќ додека гостуваше на Пинк.
Тој ги нарече протестите во Србија „месеци на теророт“. „Однадвор сме нападнати од обоена револуција. Ова се месеци на вонинституционален терор во Србија. Незапамтен терор во поновата историја на Србија“, рече тој.
Тој рече дека е многу важно да се разбере „што се случува во Србија“. Тој ги спореди протестите во Србија и Унгарија, наведувајќи дека тоа се протести против неколку „слободарски лидери“. Зборувајќи за наводите за употреба на звучен топ на масовните антивладини протести на 15 март во Белград, Вучиќ нагласи дека „такво нешто во Србија не постои“.
„Ако бил употребен звучен топ, јас повеќе не сум претседател“, рече тој.
Тој најави дека во Брисел ќе разговара со лидерите на НАТО и ЕУ за ситуацијата во Босна и Херцеговина со цел да се намалат тензиите. Тој смета дека апсењето на лидерот на ентитетот Република Српска, за кого Обвинителството на БиХ побара приведување, би било „вистинска катастрофа“.
„Мораме да се занимаваме со зачувување на мирот и стабилноста“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Не ја напаѓам ЕУ, туку ја штитам Србија, нема да бидеме понижени
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека е сигурен дека Србија ќе најде решение и ќе го забрза патот кон ЕУ, додавајќи дека не ги бојкотира членовите на Европскиот парламент, туку дека тие покажале големо непочитување кон земјата.
„Ја повикувам претседателката на Собранието повторно да го отвори дијалогот со невладиниот сектор, да разговараме за сè што е добро за земјата. Секако, не правете го она што директно е во спротивност со интересите на Србија, и тоа е мое барање“, изјави Вучиќ за „ТВ Пинк“.
„Мојот повик до г-ѓа Брнабиќ е да го повтори тој процес, да ги вклучи сите во тој процес“, додаде Вучиќ и нагласи дека се надева дека ќе се најде решение.
Запрашан за европратениците кои рекоа дека доаѓаат во Србија, иако разговорите со српските претставници не беа соодветно најавени, Вучиќ рече дека го бојкотира само Тонино Пицула.
„Ниту нè прашаа дали се добредојдени, ниту ни ги соопштија датумите, ќе беше убаво да прашаа дали претседателот е тука, а пред еден месец го закажаваа тоа. Не направија ништо од тоа, туку рекоа „тогаш ќе стигнеме“, а јас сè се договорив во Давос пред пет месеци“, истакна Вучиќ.
Во исто време, ги праша европратениците зошто не покажаа почит кон неговата земја, додавајќи дека тие, заедно со блокадерите, не сакаат дијалог.
„Ние сме на европскиот пат, но нема да бидеме понижени од некои европратеници, а моја работа е да го спречам тоа“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека е единствениот од регионот што е почестен и дека е најавен на бизнис форумот во Давос на исто ниво како и светските лидери.
„Сите доаѓаат во Давос и сите сакаат да бидат слушнати, а пред сè сакам да слушам и да присуствувам на сите настани што се организираат. Обично само еден претседател е таму цел ден, а тоа сум јас, од рано наутро до вечер, бидејќи немаме пари да плаќаме за скапи хотели. Се наоѓаме на околу 20 километри од центарот на настанот“, рече Вучиќ.
Регион
(Видео) Инцидент во хрватскиот парламент: пратеничка ја удри струја
За време на вчерашната парламентарна дебата во Хрватска, пратеничката Далија Орешковиќ ја „стресе“ струја.
Додека зборуваше членот на ХДЗ, Марко Павиќ, таа гласно вресна, а потоа почна да ја тресе раката.
„Извинете, колега Павиќ, дајте ми кратка пауза. Дали сте добро, колешке? Дали ви треба помош или нешто слично?“, прашал заменик-претседателот на Парламентот, кој во тој момент претседавал со седницата.
Орешковиќ одговорила дека сè е во ред, а се чини дека струјниот удар се случил кога се обидела да го вклучи полначот, пренесува Дневник.хр.
Регион
Oдиме на избори, рече Радев откако и третата партија го врати мандатот за состав на влада
„Алијансата за права и слободи“ (АПС) го прифати третиот мандат, но потоа го врати, што значи дека Бугарија оди на нови предвремени избори.
„Не случајно избрав да ви го врачам третиот мандат на вашата пратеничка група. АПС беше подложена на сериозен притисок“, изјави претседателот Румен Радев на почетокот од средбата.
Според шефот на државата, токму АПС најдобро ги разбирала пороците на актуелниот модел на владеење.
Хајри Садаков, претседател на пратеничката група на АПС, му се заблагодари на претседателот за довербата да им го врачи третиот мандат.
„Ние изодевме еден многу сложен пат“, нагласи Садаков, додавајќи дека АПС го слушнала гласот на луѓето од плоштадите. Тој истакна дека токму АПС први го кренале гласот против појавата што се наѕирала.
„Одиме на избори“, констатира Радев, откако и третиот мандат се покажа како неуспешен.

