Регион
Вучиќ: Белград воопшто не е задоволен од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Израел и Косово

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по средбата со францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави дека Белград воопшто не е задоволен од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Израел и Косово и дека тоа нема да влијае позитивно на односите на Србија со еврејската држава, пренесува РСЕ.
„Ова се очекуваше шест месеци, затоа во Вашингтон (4 септември 2020 година) и не сакавме да го потпишеме документот заедно со Албанците и Американците. Не сакавме да го охрабруваме тоа, туку да го охрабриме Израел да не го стори тоа, но Израел избра дека Америка им е најважна. Тоа нема да влијае добро врз нашите односи, но отвора некои други перспективи за кои не би сакал да зборувам сега“, рече Вучиќ.
По средбата со францускиот претседател, Вучиќ рече дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Израел и Косово, ниту една муслиманска земја нема да сака да ја признае независноста на Косово.
Вучиќ изјави дека Србија сега ќе почека да види дали Приштина ќе го почитува својот дел од договорот од Вашингтон и дали ќе дозволи изградба на пруга од Приштина до Мердар.
Тој рече дека Србија сега чека и на поделба на енергетските ресурси на езерото Газивода со Косово врз основа на договорот од Вашингтон бидејќи Белград, како што рече, во моментот нема ништо од Газивода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Улиците во Белград оштетени за време на воената парада

Јавното комунално претпријатие Белград (ЈКП) доби наредба денес да излезе на терен и да започне со поправка на патиштата оштетени за време на воената парада „Силата на единството“ во саботата во српскиот главен град.
Членови на кабинетот на српскиот министер за одбрана и Секторот за инфраструктура и стандардни услуги вчера ја посетија рутата на парадата со претставници на Град Белград, Јавното комунално претпријатие Путеви Београда и ЈКП Белград за да ја утврдат штетата предизвикана за време на подготовките и одржувањето на парадата.
На жителите на Белград претходно им беше ветено дека сè ќе биде вратено во првобитната состојба, објавува Нова.рс.
Во саботата во Белград се одржа воена парада насловена како „Силата на единството“, на која учествуваа околу 10.000 војници. На парадата присуствуваа претставници на српскиот државен врв, предводени од претседателот Александар Вучиќ.
фото: принтскрин
Регион
Милановиќ: Луѓето на водечките позиции, особено во Европа, работат многу лошо

„Времињата во кои живееме денес се депресивни и не се добри. Луѓето што се на лидерски позиции, особено во Европа, работат многу лошо и воопшто не се на ниво на задачата. Некои работи се нерешливи, а начинот на кој се решаваат води кон понатамошен антагонизам и евентуално војна“, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во неделата вечерта во Њујорк.
Споредувајќи го времето на Студената војна со денешната ситуација, Милановиќ потсети дека тогаш било исклучително тешко и дека се потребни голема концентрација за разни луѓе да седнат и да разговараат за важни прашања.
„Во последните дваесет години сè е нарушено, безбедносната архитектура на светот, особено на западниот свет и на северната хемисфера, повеќе не постои“, рече тој и додаде дека денес живееме во тешки времиња и затоа мора да се погледнеме себеси, нашата работа и нашите интереси и да видиме дека не се истакнуваме премногу во сојузите во кои сме – НАТО и Европската Унија“.
Зборувајќи за ситуацијата во ЕУ и улогата на Хрватска, Милановиќ нагласи: „За жал, работите не функционираат онака како што требаше. Не мислам на привремени и повремени пласмани на пари што доаѓаат во Хрватска за претежно непродуктивни проекти и работи што нема да ја направат Хрватска технолошка сила и нема да ја направат побогата земја. Но, подобро е да го имаме тоа бидејќи кога ќе престане, ќе имаме нови сериозни предизвици. Денес, Хрватска мора да биде лојална на сојузите во кои е членка и мора да ги почитува обврските што ги презела, но исто така никогаш не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во комбинации и авантури што не сме ги кроеле бидејќи тоа не е солидарност. Никој не може да го бара тоа од нас и нема да го добие, според мене“.
Осврнувајќи се на војната во Газа, Милановиќ изјави: „Можеме да се залагаме за признавање на Палестина. Велат дека нема многу да се промени. Па, нема, но некои работи треба да се решат за да се продолжи понатаму. Светот нема да биде подобар и поубав, секогаш ќе биде исполнет со кризи, дефекти и недостатоци и ние мора да се приспособиме на тоа“.
Фото: принтскрин
Регион
Полуостровот Атос во Грција рано утрово погоден од четири земјотреси

Полуостровот Атос во Грција рано утрово беше погоден од четири земјотреси, од кои најсилниот беше 5,0 степени според Рихтеровата скала, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Како што е наведено, епицентарот на земјотресот бил на отворено море, на длабочина од пет километри, околу 10 километри јужно од манастирот Хиландар.
Засега нема извештаи за повредени или материјална штета.
Не е издадено предупредување за цунами.
Според изјавите на очевидци од веб-страницата на EMSC, земјотресот бил силно почувствуван во Неа Рода, на островот Амуљани и во Сарти.
Фото: принтскрин