Регион
Вучиќ по состанокот со Пахор: Западните сили се брутално лицемерни
Словенечкиот претседател Борут Пахор во Белград вчера рече дека Европската унија мора да покаже некои нови, свежи процеси во стратегијата за проширување на блокот, додавајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е геополитичка итност што треба да се постигне побрзо.
„Би било одлично ако, повеќе или помалку во исто време, сите земји од Западен Балкан влезат во ЕУ“, изјави Пахор на заедничката прес-конференција по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, на кои клучни теми биле подготовките за самитот Брдо -Бриони на 17 мај и ситуацијата во регионот.
Пахор во интервјуто за белградски „Курир“ во пресрет на разговорите со Вучиќ истакнал дека ЕУ треба да го стави проширувањето на Западен Балкан на значително повисока позиција на својата агенда, велејќи дека пристапувањето на регионот ќе обезбеди мир и стабилност.
„Само во тој случај границите веќе нема да имаат такво значење, а национализмот ќе ја изгуби својата привлечност. Ова е важно за зачувување на мирот и безбедноста, како и благосостојбата на луѓето во таа област“, рекол словенечкиот претседател во интервјуто.
Потврдувајќи го учеството на Србија на самитот и високото ниво во билатералните односи со Словенија, Вучиќ рече дека состанокот бил клучна тема на разговорите со Пахор, а за регионалните прашања тој ја потенцира позицијата за Косово, велејќи дека Србија е подготвена за дијалог, но дека за танго се потребни двајца, алудирајќи на фактот дека продолжувањето на дијалогот го попречува Приштина, а не Белград.
Во контекст на темата за промена на границите, Вучиќ ги обвини големите сили за позицијата дека Србија треба да се однесува како да е згазена, изјавувајќи дека истите тие земји измислуваат непостоечки начела со цел на Србија да и се наметне нечија волја.
Тој тврди дека на дело е бруталното лицемерие на некои западни сили кои немаат никакви принципи, туку, како што тврди српскиот председател, ги измислуваат по потреба, како приказната за непроменливост на границите.
Вучиќ праша кога точно западните сили започнале да го применуваат принципот на непроменливост на границите – во 1991 година, кога се распаднала СФРЈ, или во 1998 година, на почетокот на отцепувањето на Косово или пак во 2008 година, кога Косово прогласи независност, без, како што кажа, каква било одлука во ОН.
Пахор рече дека како дел од подготовките за самитот на Брдо кај Крањ, со Вучиќ најмногу зборувале во врска со промената на границите и потсети дека по трагичните конфликти во 90-тите години на минатиот век, формирани се нови граници, со надеж за мир, стабилност и европска и евро-атлантска перспектива за оние кои го сакаат тоа, нагласувајќи дека промената на граници по мирен пат е невозможна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

