Регион
Вучиќ: Суштината на обоената револуција е Србија да биде најслаба во регионот, а јас да клекнам пред сите
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека суштината на обоената револуција е дека Србија мора да биде послаба во споредба со сите во регионот, како и тоа тој да биде неспособен претседател, кој би клекнал пред сите што не ѝ посакуваат добро на Србија, пренесуваат медиумите во соседството.
„Тоа е суштината на обоената револуција. Србија мора да биде скромна и секогаш мора да биде послаба од Хрватска и од сите други во регионот за да може да бидат задоволни“, рече Вучиќ во Палатата на Србија одговарајќи на новинарско прашање.
Вучиќ рече дека денес не е случај Србија да е најслаба во регионот, иако е посиромашна од другите, туку дека, од друга страна, напредува побргу од другите, што никому не му одговара.
„Тоа е една од причините зошто го прават тоа бидејќи би сакале да имаат некомпетентен претседател, кој би клекнал на колена пред сите оние што не ѝ посакуваат добро на Србија“, рече Вучиќ.
Тој ги обвини луѓето, за кои тврди дека се водачи на блокади, дека ја мразат Србија и ѝ посакуваат најлошо на својата земја наведувајќи дека поради нив, земјата е во тешка ситуација бидејќи „ја намалиле стапката на раст, го уништиле туризмот, како и многу економски гранки“.
„Дури и меѓу блокадите има такви што ја сакаат Србија, но не може да се одвојат од овие водачи – новинари, професори и политичари. Тоа е еден од проблемите“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија оди на вонредни избори следната година, најави Вучиќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави вечерва дека е прифатено главното барање на блокадерите и дека следната година ќе бидат распишани вонредни парламентарни избори, пренесе „Еуроњуз Србија“.
„Го прифативме нивното главно барање, наскоро, следната година, ќе одиме на избори. Само нема да бидат толку среќни кога ќе ги пребројат гласовите. Одиме да ги победиме во секое место во Србија“, рече Вучиќ обраќајќи им се на собраните граѓани пред Домот на Народното собрание.
Тој истакна дека „секогаш силата, љубовта и верата се посилни од нивната омраза“, како и дека верува оти „наредната година ќе биде една од најдобрите, ако не и најдобрата во историјата на Србија“, кога ќе бидат изградени најмногу патишта и железници.
Вучиќ изјави дека е горд што за време на протестите на блокадерите немало ниту една жртва, наведувајќи како пример дека на протестите на „жолтите елеци“ и уличните демонстрации во Франција имало десетици загинати.
„Колку што ќе имам енергија, колку што ќе имам сила, ќе ми биде чест да бидам заедно со вас во борбата против сите кои сакаат да ја уништат нашата земја“, рече Вучиќ, прецизирајќи дека тоа „мора да биде политичка борба“.
Тој потсети дека во Србија една година се одржувале, како што наведе, насилни судири на блокадерите, при што биле уриваани простории на Српската напредна странка и биле претепани поединци.
„Ќе продолжиме да работиме и ќе продолжиме да градиме. Ни зборуваа – плашете се од нас, а ние ниту еден момент не се плашевме од нив, знаевме за кого станува збор. Се плашевме да не одговориме со целата сила, го чувувавме нивниот образ, ја чувувавме Србија. На крајот, на никого од нив ама баш ништо не му се случи. Потешко беа повредени само оние кои ја чуваа Србија, и од нож и од пиштол“, изјави Вучиќ.
Регион
(Видео) Хрватска, Косово и Албанија ќе произведуваат оклопно возило наречено „Шота“
Косово, во соработка со Албанија и Хрватска, планира да започне производство на оклопното возило „Шота“, што би бил прв заеднички проект од ваков тип на Балканот. Веста ја потврди в.д. министерот за одбрана на Косово, Ејуп Мачедонци, наведувајќи дека разговорите со Албанија се во завршна фаза, по што договорот ќе биде проширен и на Хрватска, пишува „Кликс.ба“.
Во во интервју за емисијата „60 минути“, пренесено од порталот „Коха“, тој изјави дека партнерите веќе постигнале начелен договор за заеднички развој и производство на возилото со албански дизајн. Според него, производството би било географски распределено, така што секоја земја би била задолжена за изработка на различни компоненти.
Доколку проектот се реализира, тоа ќе биде првпат три балкански држави заеднички да произведуваат воено оклопно возило, кое би било наменето за нивните вооружени сили, но и за извоз. Оваа иницијатива е продолжение на меморандумот за соработка во областа на одбраната и безбедноста што Косово, Албанија и Хрватска го потпишаа во март во Тирана, при што е оставена можност и за приклучување на други земји.
U okviru trilateralne vojne suradnje, Kosovo, Albanija i Hrvatska ulaze u povijesni projekt zajedničke proizvodnje oklopnog vozila “Shota”, dizajniranog u Albaniji. pic.twitter.com/dwNGk4bcoc
— Vuk83J 🇭🇷 (@putnik833) December 27, 2025
Министерот нагласи и дека Косовските безбедносни сили напредуваат побрзо од очекуваното, надминувајќи ги целите поставени со Сеопфатниот план за транзиција од 2018 година. Тој потврди дека Косово веќе користи системи за противдронска заштита и размислува за дополнително зајакнување на тие капацитети.
Во иднина, Косово планира да премине кон целосна воена оперативност веќе од следната година, што вклучува набавка на системи за противвоздушна одбрана и хеликоптери. Се водат разговори со Пентагон за можната набавка на хеликоптери, при што министерот истакна дека Соединетите Американски Држави и Турција остануваат главни одбранбени партнери на Косово, заедно со проширување на соработката со Германија, Италија, Обединетото Кралство, Хрватска и Чешка.
Трилатералниот меморандум за одбрана предизвика остри критики од Србија, пишува „Индекс“. Белград тврди дека со него се крши регионалниот договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, како и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, која, според српскиот став, го дефинира КФОР како единствена овластена вооружена сила на Косово.
Фото: pexels
Регион
Две тела најдени во стан во Крушевац, сомнежот е дека син ги убил родителите со нож, па се фрлил од зграда
Двојно убиство и самоубиство се случија утрово во семеен стан во Крушевац, а полицијата ги утврдува сите околности на овој случај. Според првите неофицијални информации од истрагата, млад човек извршил двојно убиство во семејниот стан, убивајќи ги своите родители со нож, по што извршил самоубиство скокајќи од зградата.
Случајот е откриен откако соседите пријавиле дека на тротоарот пред зградата има безживотно тело на маж. Кога полицијата и брзата помош пристигнале на местото на настанот, смртта била констатирана, а набрзо следел уште поголем шок.
При влегувањето во станот каде што мажот живеел со своите родители, припадниците на полицијата затекнале ужасна сцена. Телата на таткото и мајката биле пронајдени со бројни убодни рани во пределот на торзото и вратот.
Истрагата на лице место траела со часови, а полицијата, според информациите, го пронашла ножот со кој најверојатно е извршено злосторството.
„Местото на настанот било морничаво. На местото на злосторството било пронајдено ладно оружје со траги од крв, кое е испратено на вештачење“, изјавил извор близок до истрагата.

