Регион
Грушко: Состојбата на Балканот ескалира поради политиката на Америка, НАТО и ЕУ

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, денеска изјави дека ситуацијата на Балканскиот Полуостров станува сè посериозна поради политиката на Соединетите Американски Држави, НАТО и Европската Унија.
Во интервју за ТВ-каналот „Русија 24“, Грушко изјави дека западните земји вршат постојан притисок врз Србија за да ја истиснат од сегашната позиција,користејќи ги сите расположливи средства, вклучително и поткопување на внатрешната стабилност. „Ситуацијата на Балканот се влошува и станува сè поакутна како резултат на намерната политика на земјите од НАТО, Европската Унија и САД.
„Овие земји вршат притисок врз Србија да ја признае независноста на Косово и да се приклучи кон антируските санкции“, рече Грушко, пренесе „РИА новости“. Тој укажа и на обидите на Западот да ја дестабилизира ситуацијата на Косово наведувајќи дека тамошното раководство се чувствува неказнето со поддршката на Западот.
Грушко посочи дека истиот притисок се врши и врз Босна и Херцеговина, каде, како што рече, има „нескриен притисок врз Република Српска и обиди да им се одземат правата на српскиот народ“.
„Таквата политика го покажува лицемерното однесување на Западот, кој иако постојано тврди дека ја почитува слободата на избор, во реалноста не дозволува независните земји сами да носат одлуки“, заклучува Грушко.
Кога станува збор за членството на Украина во НАТО, Грушко рече дека Русија ќе побара цврсти гаранции, кои го исклучуваат пристапот на Украина во НАТО бидејќи таквиот потег ќе го оневозможи постигнувањето мир. „Пристапувањето на Украина во НАТО е еден од клучните елементи на можните договори за решавање на конфликтите во Украина.
Ќе бараме правни гаранции, кои би го исклучиле членството на Украина во НАТО во која било форма и ќе инсистираме тоа да стане официјална политика на алијансата“, рече Грушко, а пренесе „Тасс“.
Тој нагласи дека приклучувањето на Украина во НАТО ќе ја исклучи можноста за постигнување мир во Украина и ќе создаде пречки за формирање стабилен безбедносен систем во регионот. Грушко додаде дека, според неговите информации, „ист став имаат голем број земји од НАТО“.
Коментирајќи ја изјавата на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој посочи дека мировните преговори за Украина треба да се засноваат на одложување на приемот во НАТО, Грушко рече дека Фицо е сосема во право.
Тој укажа и на катастрофалната одлука од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година кога алијансата им вети на Украина и Грузија дека ќе станат членки на НАТО.
Грушко посочи дека присуството на таа формулација во документите на НАТО е неприфатливо бидејќи создава неизвесност во процесот на решавање на конфликтот во Украина, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Зошто плажата Посиди важи за една од најопасните во Грција

Плажата Посиди се наоѓа на западниот брег на првиот прст на Халкидики – Касандра, отприлика на половина пат низ полуостровот. Се протега како ’рт што длабоко навлегува во морето и изгледа навистина магично на фотографии и снимки.
Но, зад таа убавина се крие и опасност. Посиди важи за една од најопасните плажи во Грција поради силните морски струи кои можат лесно да одвлечат пливачите, особено оние кои се неискусни или недоволно внимателни. Плажата е долга меѓу еден и два километри, и е дива – без кафулиња, лежалки и чадори, што ја прави уште поизолирана и потенцијално ризична.
Јавноста добро го памети трагичниот настан од пред три години, кога три млади момчиња од Македонија се капеа на оваа плажа и ги одвлекоа силните струи. Настанот се случил за време на забава на плажа, кога тројцата решиле да влезат во морето. Силниот ветер и морските струи ги повлекле. Едното момче било брзо пронајдено, второто – по дури 19 часа поминати во морето – било спасено благодарение на топка која ја носел ветрот, за која се држел сè до доаѓањето на спасувачите. Третото момче, за жал, никогаш не беше пронајдено, и покрај интензивната потрага.
Според грчкиот весник „Етнос“, освен Посиди, за особено опасни плажи во Грција важат и:
Лаларија (остров Скијатос),
Матала (остров Крит),
Нас (остров Икарија),
Хорефто (регион Пелион),
Платиа Амос (остров Кефалонија),
Калами (остров Китира).
На овие локации потребна е особена претпазливост, дури и кога морето изгледа мирно. Природата е убава, но мора да се почитува.
Регион
Дете се удави во базен во Загреб

Вчера во објект за изнајмување со базен, се удави дете, соопшти загрепската полиција.
Надлежните соопштија дека на детето му била укажана медицинска помош на местото на настанот а потоа и во Клиничкиот болнички центар во Загреб, каде што починало.
„За да се избегнат трагични настани и да се зголеми безбедноста на пливачите, ги потсетуваме граѓаните да користат добро одржувани места за пливање кои се под надзор на професионални служби.
Сакаме да ги предупредиме пливачите за потенцијалните опасности и да дадеме совети за тоа како да се однесуваат во местата за пливање. Затоа, за да избегнеме трагични сценарија, советуваме и предупредуваме:
не пливајте најмалку еден час по оброк – една од најчестите грешки што многумина од нас ги прават е влегувањето во вода по оброк,
не пливајте ако сте консумирале алкохол – консумирањето алкохол е еден од главните фактори на ризик за давење, како кај младите, така и кај возрасните,
една од вообичаените грешки што многумина од нас ги прават е тоа што по долг престој на сонце, влегуваме во водата за да се освежиме и разладиме. Секогаш треба постепено да влегувате во водата, давајќи му шанса на вашето тело да се подготви и да се адаптира, без разлика колку е топло морето или друга водена површина. Во спротивно, телото ќе доживее шок,
не скокајте во вода со непозната длабочина – можни се сериозни повреди,
ако не сте целосно здрави, не пливајте на затскриени места, а доколку страдате од некои хронични и сериозни болести, избегнувајте пливање на затскриени и небезбедни места; бидете во близина на луѓе, за да можат да ви помогнат доколку е потребно,
ако имате деца, постојано внимавајте на нив – родителите никогаш не треба целосно да се опуштат, дури ни кога пливаат; децата треба да бидат под постојан надзор и да се осигурат за нивната безбедност; меѓу луѓе и во толпи, децата лесно се губат, исто како што лесно можат да се удават во плитка вода; исто така, никогаш не сметајте на постаро дете само да се грижи за помлад брат или сестра; безбедноста на детето е ваша одговорност, надгледувајте ги вашите деца, дури и ако знаат да пливаат,
запомнете дека пливањето во свежа вода е понапорно од пливањето во море (грижете се за ова) и водата често може да биде поматна, па затоа децата потешко ја перцепираат длабочината,
непливачите или послабите пливачи дефинитивно треба да користат помагала за пливање,
избегнувајте пливање сами,
пливајте во близина на спасувачи и следете ги упатствата и знаците на спасувачите
доколку се појават проблеми, останете смирени, доколку забележите некого во неволја во водата, веднаш пружете или побарајте помош и јавете се на надлежните служби.
Реките се најопасни бидејќи течат, често имаат вртлози, потоа се сечат и често го менуваат текот.
Езерото има ненадејни промени во длабочината и температурата, односно температурата во езерото е потопла на површината и постудена на длабочина. Голем проблем за пливачите понекогаш е вегетацијата во која се заплеткуваат, а поради паниката што може да се појави, можат да се удават“, објави полицијата.
Регион
Борисов: Бугарија ќе се вклучи во процесот на обнова на Украина

Бугарија ќе се приклучи на процесот на обнова на Украина. Ова го изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со амбасадорот на Украина во Бугарија, Олесја Илашчук.
Лидерот на ГЕРБ ја прогласи способноста на Бугарија да придонесе во сектори, како што се енергетиката, трговијата и инфраструктурата.
„Разговаравме и за развојот на воените операции на територијата на Украина. Украина има категорична поддршка од Бугарија за нејзината европска перспектива“, изјави Бојко Борисов.