Регион
Грција не престанува да се тресе: најсилниот земјотрес утрово со јачина од 4,9 степени, десетици семејства чекаат на пристаништето во Санторини

Утрово четири земјотреси се регистрирани во морското подрачје југозападно од Санторини, од кои најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите се случиле меѓу 3 и 5 часот наутро, а сите четири сеизмички активности биле карактеризирани како слаби, јавуваат грчките медиуми.
Во последните три дена во регионот помеѓу Санторини, Аморгос и Иос се забележани 550 земјотреси, од кои сите биле посилни од 3 степени според Рихтеровата скала, а најсилниот бил со јачина од 4,9 степени.
Стравувањата од нови земјотреси предизвикаа паника кај жителите на Санторини, Аморгос и околните острови.
Многумина одлучија да ги напуштат островите, што доведе до голем метеж на пристаништата, а планирани се и дополнителни фериботи и воздушни линии за оние што сакаат да ги напуштат.
Од безбедносни причини училиштата на Санторини, Анафи, Иос и на Аморгос ќе бидат затворени до петок.
Исто така, за денеска е предвидена средба во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.
На состанокот ќе присуствуваат претставници на локалните власти, Противпожарната бригада, крајбрежната стража, вооружените сили и други надлежни органи.
Официјални лица процениле дека интензивната сеизмичност во регионот може да трае уште неколку дена, па дури и недели, а Манолис Скордилис, професор по сеизмологија на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, оцени дека ситуацијата на Санторини е исклучително сериозна и дека се можни земјотреси со јачина и над 6 степени.
Пристаништето на островот беше во состојба на хаос во мугрите бидејќи многу семејства чекаа да се качат на траектот за Пиреја. Фериботите „Кисамос“ и „Блу стар Парос“ сообраќаа на специјални линии.
Според последните податоци, над 9.000 луѓе (жители и туристи) го напуштиле островот, а в зори сликата од пристаништето Санторини била неверојатна бидејќи десетици семејства се подготвувале да се качат на бродот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Косово го забрани увозот на пилешко месо од Бразил поради птичји грип

Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово објави забрана за увоз на пилешко месо и други производи од живина од Бразил поради епидемија на птичји грип, јавува „Анадолија“.
Привремената забрана стапува во сила веднаш и е одговор на потврден случај на птичји грип на комерцијална фарма во државата Рио Гранде, Бразил, пријавен од бразилските власти на 16 мај.
Агенцијата наведува дека целта на одлуката е да се заштити јавното здравје и да се спречи потенцијалното ширење на болеста во Косово.
„Птичјиот грип е многу заразна вирусна болест, која првенствено ги напаѓа птиците и во ретки случаи може да се пренесе на луѓето. Иако нема докази што укажуваат дека јадењето живинско месо или јајца го пренесува вирусот, забраната за увоз е превентивна мерка за да се обезбеди безбедност на храната за нашите граѓани“, наведува агенцијата.
Оваа одлука е во согласност со меѓународните практики и ги следи постапките на други земји, вклучувајќи ги Европската Унија и Кина, кои исто така го суспендираа увозот на пилешко месо од Бразил откога беше потврдена епидемијата, се додава во соопштението, објави РТК.
Регион
Ѓукановиќ: Се плашам, ситуацијата на Балканот е многу полоша отколку пред десет години

Поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ оцени во Сараево дека ситуацијата на Западен Балкан денес е полоша отколку што беше пред десет години и ја опиша европската перспектива на регионот како заматена, особено предупредувајќи на опасноста од влијанието на големосрпскиот национализам.
Ѓукановиќ беше гостин предавач на Факултетот за политички науки во Сараево (FPN), каде што им изјави на новинарите дека одговорноста за слабеењето на европските процеси и влијанието во регионот е на Европската Унија, како и на земјите од Западен Балкан.
Во врска со ЕУ, тој рече дека му се чини оти во неа нема доволно решителност за продолжување на процесот на обединување на европскиот континент, а потенцијалните членки го носат својот дел од одговорноста бидејќи бавно ги спроведуваат реформите што се бараат од нив. Сè беше комплицирано од влошувањето на геополитичките односи, вели Ѓукановиќ.
„Долго време имавме привилегија да имаме стабилни геополитички односи уште од крајот на Студената војна, а сега сме сведоци на раѓањето нов геополитички поредок со многу контроверзии. Се плашам дека ова ќе има многу негативни рефлексии врз регионот на Западен Балкан“, рече поранешниот црногорски лидер, кој, по долгогодишно управување со земјата, мораше да се повлече од власта во 2023 година кога беше поразен на претседателските избори од Јаков Милатовиќ.
Ѓукановиќ во Сараево изјави дека застојот во процесот на европската интеграција предизвикал и влошување на односите меѓу земјите од регионот и посочува дека национализмот што го промовира Белград игра важна улога во тоа.
„Кога немаме добра динамика на европскиот пат, тогаш се појавуваат национализми што ги уништуваат добрососедските односи. Црна Гора е повеќе од кога било погодена од влијанијата на големосрпскиот национализам и поради ова, добрососедските односи, вклучително и односите со БиХ и Хрватска, се влошија. Се надевам дека ова нема да има никакви сериозни и долгорочни последици“, рече Ѓукановиќ.
Регион
Се повлекува шеќер од пазарот во Хрватска: може да предизвика здравствени проблеми

Државниот инспекторат на Република Хрватска издаде соопштение за повлекување на палминиот шеќер Thai Dancer (пакување од 200 г, рок на траење: 24.5.2026 година) поради присуство на зголемени количини и необележани сулфити во производот.
Според анализата, производот не е во согласност со Регулативата (ЕЗ) бр. 1333/2008 на Европскиот парламент и Советот за прехранбени адитиви, како и со регулативите за информирање на потрошувачите за храната.
Со ова повлекување се штити здравјето на чувствителните потрошувачи, особено оние со алергии или нетолеранција на сулфати, објавува b92.net.