Регион
Грција уапси сириски шверцер на дрога на границата со Турција
Грчката полиција уапсила сириски мигрант со речиси 1.500 нелегални апчиња во близина на турската граница во време кога грчката влада се подготвува да почне со зајакнување на граничната ограда кај Еврос, пренесува „Прото тема“.
Се верува дека сирискиот мигрант ја прошверцувал дрогата преку турската граница, а полицајците од Агенцијата за борба против трговијата со дрога го привеле во близина на границата.
По претресот на Сириецот, полицајците нашле 353,1 грама канабис во две одделни пакувања и вкупно 1.413 апчиња во уште два пакувања. Тие заплениле и два мобилни телефона и го обвиниле Сириецот за трговија со нелегални наркотици.
Граничната ограда по должината на турската граница кај Еврос е предвидено да биде зајакната и проширена, а работата треба да почне следниот месец.
Грчката полиција (ЕЛАС) повика пет големи градежни компании да конкурираат за проектот што првин ќе го засили постојното оградување, кое било оштетено од мигрантите претходно годинава кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги отвори портите кон Европа за мигрантите што живеат во Турција.
Дел од штетите на граничната ограда, наводно од турско оклопно возило финансирано од Европската Унија, дури бил и снимен и објавен од грчките медиуми. Вториот дел од проектот предвидува подигање нова гранична ограда на подрачјето кај Ферес во должина од 27 км.
Грција сака да ја зајакне границата пред да се вратат мигрантите во областа, нешто што беше ветено на крајот на март од турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.
„Кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот, нема да ги одвраќаме мигрантите ШТО сакаат да се вратат на грчко-турската граница во Пазар“, рече Сојлу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Еден загинат во поплавите во Албанија по обилните дождови
Најмалку едно лице загина во Албанија во поплавите предизвикани од обилните дождови што паѓаат во изминатите неколку дена, соопшти денес албанската полиција.
Полицијата објави дека тело на жена (76) е пронајдено откако нивото на водата се повлекло во поплавената југоисточна општина Девол.
Поплавите предизвикаа најголема штета во руралните региони на југот на Албанија, а во селото Душар 30 семејства беа отсечени, бидејќи патиштата беа непроодни поради поплавите.
Регион
Фатална грешка направиле млади луѓе во опожарената „Вјесник“: „Не викај пожарникари, ќе дојде и полицијата“
Пожарот што го зафати облакодерот на Вјесник, Загреб, и го претвори во огнена стихија наводно е последица на невнимателно однесување на група тинејџери кои се занимаваат со таканаречен „урбекс“ – истражување напуштени објекти за објави на социјалните мрежи. Според неофицијални информации, реконструирани се настаните што му претходеле на пожарот, а во нив биле вклучени четворица малолетници и двајца 18-годишници.
Влегување во зградата низ прозорец
Групата, составена претежно од малолетници, во понеделник попладне влегла во облакодерот на Вјесник така што се протнала низ скршен прозорец од страната која гледа кон улицата Одранска. Во зградата поминале неколку часа, разгледувајќи 15 ката, напуштени канцеларии и палeјќи и гасејќи светла. Нашле фрижидер со алкохол, а за време на престојот пушеле и ги гаселе опушоците. Истовремено снимале фотографии за објави на социјалните мрежи, пишува „Индекс“.
Цел им било да стигнат до кровната тераса за да направат атрактивни снимки од градот, но на 15. кат наишле на метални плочи што не успеале да ги поместат. Тогаш еден од малолетниците го повикал 18-годишник познат по „Јутуб“ содржини од напуштени објекти.
Повикале двајца полнолетни
Повиканиот млад човек пристигнал околу 21:50 часот во придружба на уште еден 18-годишник. Ја прескокнале оградата и се искачиле до 15. кат, каде се придружиле на групата, но ни тие не успеале да ја отстранат пречката. Во меѓувреме двајца малолетници од првичната група ја напуштиле зградата и заминале дома.
Според сомнежите на истражителите, по неуспешниот обид да се искачат на кровот, еден од 18-годишниците запалил фрлена кутија со документи. Другиот наводно му помогнал така што смачкал хартија, ја запалил и ја фрлил во кутијата. Пожарот многу брзо се проширил, поради што една малолетна девојка побегнала. Еден малолетник се обидувал да ја изгаси огнот и ги убедувал постарите да ги повикаат пожарникарите.
Наводно, тие му одговориле дека заедно со пожарникарите би дошла и полицијата, па сите тројца решиле да ја напуштат зградата. Облакодерот останал во пламен, а двајцата 18-годишници од синоќа се во истражен притвор.
Регион
„Фашизмот во Европа се буди“ – Вучиќ ужаснат по настапот на Томпсон и поздравот „За дом спремни“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска го отвори Меѓународниот саем на вино, храна, ракија и туризам „Винска визија Отворен Балкан“, каде што посети неколку штандови, дегустираше вина и одговараше на новинарски прашања.
На прашање дали ги поканил претставниците на Хрватска да учествуваат на саемот, Вучиќ изјави дека формално не припаѓаат на иницијативата Отворен Балкан, но дека би сакал да ги види како учесници.
„Не припаѓаат на Отворениот Балкан, но немам ништо против, би се израдувал и верувам дека ќе ги поканам,“ рече претседателот.
Коментирајќи го инцидентот во Осиек, каде што за време на концерт на Томпсон се слушнал поздравот „За дом спремни“, Вучиќ изрази загриженост.
„Ужаснат сум од буењето на фашизмот во современа Европа, но што да правите? Се надевам дека Европската унија ќе ги осуди антисрпските и антисемитските фашистички повици во срцето на Европа. Што се однесува до Србите, кај нас фашизмот никогаш немал поддршка и никогаш нема да има, тоа со гордост можам да го кажам,“ истакна Вучиќ, пренесе „Телеграф“.
Вучиќ повтори дека хрватските винари се добредојдени на „Винска визија“ и изрази надеж дека регионалната соработка во рамки на Отворен Балкан ќе придонесе за поголемо поврзување и промоција на гастрономијата и винската култура во регионот.

