Регион
Грчката полиција употреби солзавец за да ги спречи мигрантите да тргнат кон границата
Грчката полиција денеска интервенираше со солзавец бидејќи мигрантите кои се обидуваат да стигнат до границата со нашата земја почнале кон полицајците да фрлаат со камења и шишиња, пренесуваат регионалните медиуми.
Според изјави на очевидци, реакцијата на полицијата ги спречила мигрантите да се приближат до граничниот премин.
Поради лажните гласини дека границата е отворена, што почнале да се шират на социјалните мрежи, стотици мигранти и бегалци во четвртокот пристигнаа и подигнаа шатори во поле во близина на бегалскиот камп Диавата, северозападно од Солун.

Денеска во оваа област можеле да се забележат повеќе десетици шатори, а интервентната полиција направила кордон со цел да го блокира пристапниот пат, односно паркирала 20 автобуси со цел да ги спречи мигрантите при евентуален обид да ја напуштат ливадата, пренесува „Индекс“. Грчките власти испратиле и возила кои треба да ги вратат мигрантите во нивните престојувалишта.
Според информациите, некаде околу пладне полицијата употребила солзавец врз неколку десетици луѓе, од кои некои носеле и деца, но кон полицајците фрлале со камења и шишиња во обид да го пробијат кордонот и да дојдат до главниот пат кој води до границата.
„Ние не сакаме конфликт со грчката полиција“, изјавил 36-годишниот Јасер, бегалец од Сирија. „Сакаме во Европа, а не да останеме во Грција“, му рекол тој на репортер од „Ројтерс“.
Тензиите меѓу мигрантите и полицијата траеле неколку часа. Повеќето од мигрантите одбиле да го напуштат местото и покрај апелите на властите да се вратат во прифатилиштата.
Неколку од нив на крајот сепак влегле во автобусите за транспорт, а за останатите се прават напори во текот на утрешниот ден да бидат вратени во прифатните центри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА

