Регион
Двонеделен карантин за македонските државјани што ќе одат во Албанија
Патниците од Грција и Северна Македонија ќе мора да седат во карантин во траење од 14 дена по влез во Албанија. Мерката ќе стапи во сила од вторник, 20 април, објави денеска албанскиот Комитет на експерти за справување со пандемијата.
„Ефектот од масовната вакцинација во нашата земја почна да се чувствува. Но, она што се забележува во регионот е една ситуација што не е иста како во нашата земја. Во Северна Македонија и Грција е зголемен бројот на случаи, но и бројот на изгубени животи, а тоа може да се види на презентираните графикони. Предизвик на нашиот комитет е да ги подобри индикаторите“, рече Мира Ракацоли, претседателка на комитетот и заменик-министерка за здравство.
Мерката ќе биде во сила до 3 мај, пренесе порталот „Егзит“.
Исто така, било одлучено од утре наставата во средните училишта да се изведува комбинирано – и на училиште и преку интернет.
Комитетот исто така објавил дека во следните денови во Албанија ќе пристигнат 200.000 дози вакцини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА

