Регион
Додик: Нова рамнотежа на моќ во светот, Западот не може да наметнува правила

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денес, во Москва, изјави дека, според него, се создава нова рамнотежа на моќ во светот и дека колективниот Запад повеќе не може да ги наметнува своите правила.
„Денес е очигледно дека колективниот Запад повеќе нема сила да ги наметнува своите правила“, рече Додик во обраќањето на Меѓународната конференција на високите претставници за безбедносни прашања во Москва, пренесува „Срна“.
Тој додаде дека од падот на Берлинскиот ѕид, Западот го присвоил принципот на безбедност само за себе.
„Тие не ја почитувале безбедноста на остатокот од светот и дејствувале само според своите принципи. Сепак, денес тие повеќе не се клучен фактор во светот“, рече Додик.
Тој истакна дека сега земјите од БРИКС почнале да создаваат рамнотежа и дека се создава нов безбедносен систем.
Тој изјави дека земјите од БРИКС го почитуваат суверенитетот на сите земји, без оглед на нивната големина.
Во своето обраќање Додик потсети дека Србите во Република Српска преживеале две бомбардирања на НАТО и дека последиците се присутни и денес.
„НАТО користел осиромашен ураниум и затоа денес децата на нашите простори се раѓаат со сериозни болести“, рече претседателот на Република Српска.
Тој исто така во Москва изјави дека Русија, која е водечка земја, се штити и себеси и меѓународното право со специјална воена операција и се бори против системот што се наметнува.
Во своето обраќање на Меѓународната конференција на високите претставници за безбедносни прашања Додик истакна дека, без еднаква безбедност за сите, не може да има меѓународно право и дека во спротивно светот се движи кон хаос.
„Со специјалната воена операција Русија не само што го намалува проширувањето на НАТО туку и создава слободен свет“, рече Додик, кој беше првиот странски функционер што зборуваше на овој состанок, пренесува „Срна“.
Додик изјави дека победата на Доналд Трамп на изборите во САД ќе придонесе за балансиран светски поредок, како и дека Република Српска ја поддржува и цени политиката на Кина да не се меша во работите на други земји.
Во Москва е во тек Меѓународната конференција на високите претставници за безбедносни прашања, на која учествуваат претставници од повеќе од 100 земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ и Путин разговарале по обвинувањата дека Србија ја снабдува Украина со оружје

Коментирајќи ги обвинувањата од Русија дека српските воени компании ги снабдуваат Украинците, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека за ова прашање разговарал приватно со рускиот претседател Владимир Путин. Тој додаде дека е формирана комисија која ќе ја испита вистинитоста на тие обвинувања.
„Не би ги открил деталите од разговорот со Путин. Формиравме работна група заедно со нашите руски партнери за да ги утврдиме фактите“, посочи тој. Вучиќ тврди дека е точно дека има договор со Чешка, но наведува дека не се издадени дозволи и дека не се испорачани ракети.
„Русите имаат добра поговорка: Колку повеќе се чеша и колку повеќе се мие, враната е се’ поцрна. Така е и тука, кога си независна земја, сите те напаѓаат“, предупреди тој. Се пожали дека претходно бил нападнат поради наводен извоз на оружје во Русија.
„Нашите фабрики мора да живеат и работат“, нагласи тој. Праша каде Србија да го извезува оружјето ако не може во Африка, САД, Азија, Русија и Европа.
„Од друга страна, тоа го научив политички“, рече тој, додавајќи дека оние кои велеле дека е руски шпион сега велат дека работи за други.
„Ние сме независна земја која е на европскиот пат, но која имаше храброст да го испрати својот највисок претставник на парадата во Москва и да се спротивстави на ужасниот притисок“, нагласи тој. Смета дека е важно сите да ја почитуваат Србија.
Регион
Милановиќ: Никој нема да влезе во ЕУ, можеби само една земја, другите ги мамат со лажни ветувања

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека ниту една земја нема да влезе во Европската унија, освен можеби Црна Гора, и дека другите земји се измамени со „лажни ветувања“.
„Никој нема да влезе во Европската унија, можеби уште и Црна Гора, а другите држави се залажуваат со лажни ветувања дека ќе станат членки на ЕУ за да изнудат некакви отстапки. Од другите се очекува да ја потчинат својата надворешна политика на европските интереси, што е пресметката со Москва. Така се работи и со Грузија, која има силен економски раст благодарение на нејзината географска локација“, рече Милановиќ на предавање пред студентите на Универзитетот Север во Копривница, пренесува Индекс.
Зборуваше и за глобалните предизвици и политичкиот амбиент, а пред се за војната во Украина, за која рече дека е „војна на трошење“, а не позициона војна како Првата светска војна.
„Таа војна можеби ќе беше избегната доколку претенциозноста на европскиот начин на размислување не ја прогласеше тезата дека секоја земја има право да одлучува во кој воен сојуз или асоцијација ќе се приклучи, со што Украина драстично ќе и сврти грб на соработката со Русија“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека не се водело сметка за тоа како Русија ќе реагира кога западните сили ќе дојдат на нејзината граница.
„Таквата политика можеби доведе до војна во Украина“, рече Милановиќ.
Говорејќи за ЕУ, Милановиќ оцени дека таа повеќе не е моќ каква што се смета.
„Европа оди во Кина и таму држи предавања за човекови права, наместо да зборува за продажба на европски автомобили, чија продажба е во значителен пад. Главни играчи на светската сцена се САД и Кина. Европа веќе нема ресурси, не е лидер во иновациите и знаењето“, рече Милановиќ.
Тој додава дека од друга страна и ЕУ е успех затоа што спречила конфликти и територијални амбиции меѓу членките, без разлика што „нешто пламнува“ овде-онде.
„Земјите живеат релативно хармонично, а што се однесува до Хрватска, таа доби пари од ЕУ, но и даде многу“, рече хрватскиот претседател и додаде дека ја разбира загриженоста на земјите кои граничат со Русија и смета дека Хрватска е во добра позиција во овој поглед.
Говорејќи за членот 5 од НАТО, кој е создаден во 1949 година и се води од принципот „Сите за еден, еден за сите“, Милановиќ вели дека пресудниот дел од текстот е дека „членките на НАТО ќе реагираат на адекватен начин во зависност од проценката, вклучително и воената сила“.
„Тоа не е апсолутна гаранција, тоа е прашање на добра волја, а Хрватска цело време делуваше со добра волја. Нашата армија беше во Полска и Литванија затоа што „се нервозни за Русите“. Воена акција во корист на трета страна!? Во ситуација кога некој однадвор ве напаѓа, едно е кога семејството е помало, а кога е здробено, многу потешко е да се менаџирате“, рече Милановиќ, додавајќи дека Хрватска ќе делува солидарно во воениот сојуз, но до одредена граница.
Регион
Руските разузнавачи лути на Србите: Компании ги снабдуваат Украинците

И покрај прогласената неутралност на Белград, српските воени компании ги снабдуваат вооружените сили на Украина со муниција, објави прес-службата на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР).
„И покрај ‘неутралноста’ што ја прогласија српските власти, српските воени компании продолжуваат да ја снабдуваат Украина со муниција. Пaраванот за ова е шема која користи лажни сертификати на крајните корисници и земјите посредници. Најчесто се споменуваат земјите на НАТО, имено Чешка, Полска и Бугарија“, се наведува во соопштението за печатот.
Се додава дека африканските земји неодамна се користени во шемата.
„Придонесот на работниците од српската одбранбена индустрија во војната што ја започна Западот и за која Европа сака да заврши со стратешки пораз на Русија се мери со стотици илјади гранати, како и милиони куршуми. Малку е веројатно дека таквото снабдување може да се оправда со хуманитарни причини“.
„Се чини дека желбата на српските работници во одбранбената индустрија и нивните покровители да профитираат од крвта на братските словенски народи ги натера овие луѓе целосно да заборават кои се нивни пријатели, а кои се нивни непријатели. Русија повеќепати им пружила помош на Србите во најтешките моменти од нивната историја“, се нагласува во соопштението.
„Да се потсетиме, на пример, ослободувањето на Србија од Отоманската империја, спречувањето национални катастрофи за време на Првата светска војна, преговорите со фашистичките окупатори и нивните послушници за време на Втората светска војна, бомбардирањето на НАТО на Белград и трагедиите на Косово“, заклучуваат Русите.