Регион
„Дојче веле“: Западот го турка Балканот во рацете на Москва, Пекинг и Анкара?
Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ пишува дека Европската Унија веќе не нуди убедлива перспектива за проширување кон регионот на Балканот, што го намалува влијанието на Западот и го зајакнува влијанието на други земји.
На почетокот на анализата за слабеење на влијанието на ЕУ на Балканот и зајакнувањето во Русија, Кина и Турција, се вели дека само една недела откако ЕУ го одбила почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија поради француското вето, српската премиерка Ана Брнабиќ во Москва потпишала договор за слободна трговија меѓу Србија и руската Евроазиска економска унија, пренесува „Дојче веле“ на српски јазик.
Авторот на статијата, Фолкер Пабст, констатира дека не постои сомнеж оти ЕУ и Западот значително ги изгубиле довербата и можноста за влијание на Балканот и дека со тоа се овозможува поголемо влијание од Русија, Кина и од Турција.
За Русија се вели дека е популарна кај православните христијани, кои ја сметаат за чувар на конзервативните вредности и за противтежа на декадентниот Запад, а Турција се поврзува со муслиманите на Балканот.
Авторот проценува дека зајакнувањето на влијанието на овие земји повлекува реални ризици за полуостровот.
„Москва се бори против зајакнувањето на западното влијание во регионот, особено влијанието на НАТО. Русија притоа одлично умее да ги инструментализира историските линии на раздвојување и латентната нестабилност во регионот. Во извесна смисла Анкара го извезува своето разбирање за владеењето на правото и сè повеќе бара помош при прогонот на противниците на турската влада. Големите проекти финансирани од Кина, а до кои често се доаѓа со помош на корупција, имаат потенцијал да го поткопаат владеењето на правото“, пишува Пабст.
Сепак, како што пренесува „Дојче веле“, швајцарскиот весник не смета дека се големи шансите балканските земји да се свртат кон Москва или Анкара и истакнува дека обемот на надворешна трговија со Русија изнесува само шест проценти, а трговијата со Европската Унија е 73,5 проценти.
Швајцарскиот весник посочува и на тоа дека Москва, Анкара и Пекинг не дејствуваат заедно во однос на влијанието на Балканот, туку имаат различни интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Регион
Кипар го подигна нивото на тревога, училиштата се затворени
Кипар го подигна нивото на тревога по нападот со беспилотни летала врз британската воена база РАФ Акротири на островот. Властите ги затворија училиштата и спроведоа евакуации каде што е потребно, бидејќи земјата е вовлечена во ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Во утринското обраќање до нацијата, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека безбедноста на земјата е најголема грижа на неговата влада.
„Се наоѓаме во регион со исклучителна геополитичка нестабилност, со бројни предизвици и проблеми, кој во моментов поминува низ невидена криза. Правиме сè што е потребно, а безбедноста на нашата земја и граѓаните е наш врвен приоритет“, рече тој.
Тој нагласи дека Кипар, членката на ЕУ најблиску до Блискиот Исток и популарна туристичка дестинација, инсистира дека нема да се вклучи во никакви воени операции.
„Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имавме цело време – секогаш како дел од решението, а не како проблемот – и ќе продолжиме да дејствуваме со истото чувство на одговорност“, додаде Христодулидес.
Осврнувајќи се на нападот што се случи синоќа, ретседателот рече дека „дрон Шахед погодил воени објекти во британската база во Акротири и предизвикал мала материјална штета“.
Грчките медиуми објавија дека бил неутрализиран и втор борбен авион, кој Иран исто така го насочил кон британската база, оддалечена околу 960 километри.
фото/ЕПА
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА

