Регион
Земјоделците во цела Грција ги засилуваат блокадите
Протестите на земјоделците во цела Грција влегуваат во нова фаза, со најавени нови блокади на клучна инфраструктура и патишта, објавува денес весникот „Катимерини“.
Најголемите сообраќајни барикади беа поставени по должината на централната патна мрежа, вклучувајќи делови од националниот пат Атина – Солун, автопатите Егнација, Јонија и Олимпија, како и на граничните премини Евзони и Ники кон Северна Македонија, како и Промахонас и Егзохио кон Бугарија, според написите.
Врховниот суд наложи поведување кривична постапка по службена должност против организаторите на нелегалните дејства за време на протестот, со можност за апсење на самото место.
В сабота, во Никеја, во близина на Лариса, ќе се одржи национален состанок на претставници на блокадите, каде што ќе се разгледаат следните чекори и усогласувањето на листата со барања.
Денес, се очекува фокусот на протестот да биде товарниот терминал на пристаништето Волос, каде што земјоделците од Тесалија планираат блокада.
На мостот „Рио-Антирио“ земјоделците од Аитолоакарнанија и Ахаја подготвуваат протести, вклучително и отворање наплатни пунктови за неколку часа.
Блокадите продолжуваат на автопатот Антирио – Јанина, како и на мостовите „Морнос“ и „Евинос“ и на патот Амвраки.
Во регионот на Ахаја,ж барикади се поставени на неколку точки вклучувајќи ги и автопатите Патра – Пиргус и Патра – Коринт поради што сообраќајот е пренасочен кон локалните патишта.
Слични блокади има и во Илија.
Националниот автопат Атина – Ламија е сè уште затворен на четири клучни точки, што предизвикува големи пренасочувања кон регионалните и кон старите патни правци во должина од неколку десетици километри.
Блокадите се зајакнуваат и во северна Евија, а земјоделците се собираат во Халкида за да ги координираат понатамошните активности, пренесува медиумот.
Во Тесалија протестите продолжуваат на постојните контролни пунктови на автопатот Е65, во близина на Кардика и Трикала, со секојдневно зголемување на бројот на трактори и поддршка од локалните организации.
Во областа на Солун земјоделците остануваат на блокадата во Малгари и покрај интервенцијата на обвинителот.
На Крит демонстрантите трет ден по ред ја држат зградата на Децентрализираната администрација во Ираклион, каде што земјоделците од неколку области престојуваат во текот на ноќта, со најава за нови одлуки на координативниот комитет за продолжување на протестот.
Протестите и блокадите ќе продолжат во целата земја, а земјоделците најавуваат понатамошно интензивирање на своите активности, пишува гореспоменатиот весник.
Главните барања на земјоделците се обесштетување, намалување на трошоците за производство и поевтина нафта, како и земјоделски субвенции.
Незадоволството расте поради долгогодишното фалсификување на податоците за земјиштето и бројот на добиток со цел да се добијат европски средства, што беше посочено од европските обвинители оваа година, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

