Регион
Иванов од „Демократска Бугарија“: Францускиот предлог е исклучително добар за нас

Францускиот предлог за Pепублика Северна Македонија е исклучително добар за Бугарија. Ова во студиото на „Разбуди се“ на бугарската телевизија „Нова“ го изјави лидерот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов.
„Покрај владината криза, онаа во владејачкото мнозинство, Бугарија е пред многу важна одлука поврзана со Северна Македонија. Ова е важно не само за Северна Македонија, туку и за нас, но ние сме на пат тоа да го пропуштиме. Ова ќе биде крајно несреќно за нас. Се долева масло на огнот“, рече тој.
Според него, лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов се обидува да ја искористи темата Северна Македонија за да обезбеди алиби за некои од неговите внатрешно-политички дејствија.
„Тоа е начин кој во најмала рака е неодговорен. Конечно го добивме резултатот од францускиот посреднички напор. Многу внимателно го прочитав предлогот. Разговарав и со многу авторитетни дипломати од различни политички сили. Општото мислење е дека ова е многу добар предлог за Бугарија. Сакам сите да ме слушнат – ова е исклучително добар предлог за Бугарија, кој сме подготвени да го фрлиме во ѓубре бидејќи во моментов сме во домашен скандал“, рече Иванов.
Тој додаде: „Ако Бугарија сега не го разгледа овој предлог, а е поволен за нас и не знаеме кога ќе има втор таков, ете тоа ќе биде национално предавство. Според предлогот, Скопје мора да се обврзе пред ЕУ да го промени својот Устав и да ги регистрира Бугарите како еден од државотворните народи. Ако Македонија не го направи тоа, нема да има преговори за ЕУ, нема да го укинеме ветото“.
Според Иванов, ДБ ќе го поддржи францускиот предлог за Северна Македонија доколку влезе на расправа во пленарната сала на Собранието.
„Франција е посветена да ни помогне, а кога велам дека предлогот е добар за Бугарија, го велам затоа што на сослушувањето во Народното собрание го потврди и самата министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска“, рече Христо Иванов.
Лидерот на ДБ се изјасни и за гласањето на недоверба на Владата за кое во среда ќе се гласа во бугарскиот парламент.
Според него, дури и да опстане Владата благодарение на тоа што на врвот има еден или двајца пратеници повеќе од нивните противници, тоа сепак нема да биде мнозинство што може да обезбеди стабилно владеење на Бугарија.
„Во секој случај мора да седнеме и да бараме нова формула за поддршка на Владата. Ако не отвориме нова политичка страница, без разлика колку е тоа тешко, без разлика колку тоа вклучува грешки, ние сме осудени на многу тешки времиња“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Спречен собир на Парадата на гордоста во Истанбул, приведени десетици луѓе

Турската полиција спречи стотици луѓе да се соберат на годишната Парада на гордоста во Истанбул и уапси десетици откако локалните власти ја забранија парадата и оваа година. Илјадници луѓе некогаш учествуваа на парадите долж улицата Истиклал во Истанбул, но во последниве години владата предводена од претседателот Тајип Ердоган и неговата АК Партија од исламистички корени го заостри својот став за слободата на ЛГБТК + луѓето.
Хомосексуалноста не е кривично дело во Турција, но има сè поголема одбивност кон неа, додека полициското сузбивање на поворките станува се пожестоко секоја година. Полицијата со опрема за немири упадна на собирот, отстранувајќи стотици демонстранти со камиони. Јавниот превоз во областа исто така е суспендиран.
Локалните власти во областа Бејоглу ги забранија сите настани за време на Неделата на гордоста, помеѓу 20 и 26 јуни, со образложение дека чувствителноста на општеството може да доведе до немири.
Регион
Шмит: Додик ме покани на неговиот имот, прво ќе работиме потоа ќе пиеме ракија

Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, чиј легитимитет го оспоруваат политичарите на Република Српска, во интервју за телевизијата БН рече дека членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, го поканил на неговиот имот.
Имотот на Додик се наоѓа во Бакинци кај Лакташи, а Шмит вели дека засега не ја прифатил поканата, пренесува Аваз. Шмит истакна дека тој и Додик се познаваат со години. На прашањето дали сè уште е оспоруван од одредени политички структури, Шмит одговара дека не треба да се обрнува толку внимание на оние кои се занимаваат со оваа тема.
„Можам само да кажам дека сум во целосна функција, дека настапував во Советот за безбедност, одам во Белград и таму сум прифатен од Александар Вучиќ и патријархот. Кога имам благослов од црквата, тогаш мора да биде тоа “, рече високиот претставник во БиХ.
Шмит додава дека дури и Руската Федерација го признала во Советот за безбедност на ОН како експерт за БиХ. Тој вели дека се чувствува задоволно, но не му се допаѓа што темите треба да се дискутираат настрана. Тој се осврна на неговиот однос со Додик.
„Милорад Додик и јас се знаеме со години, имам покана да дојдам на неговиот приватен имот. Можеби подоцна ќе разговараме за тоа. Прво ќе работиме, јас сум Германец, а потоа ќе пиеме ракија” вели Шмит.
Регион
Турција не отстапува во однос на членството на Шведска во НАТО

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, сигнализираше дека нема напредок во разговорите со Шведска за влез во НАТО, пренесува АФП.
Во телефонски разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон, Ердоган го повика Стокхолм да преземе конкретни активности за да се справи со загриженоста на Анкара. Ердоган истакна дека Шведска мора да преземе чекори во борбата против тероризмот и побара да се види посветеност по ова прашање.
Телефонски разговараше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со Ердоган, а потоа на „Твитер“ објави дека следната недела продолжуваат разговорите во Брисел и Мадрид.
Турција се противи на приемот на Шведска и Финска во НАТО, тврдејќи дека Стокхолм не го спречува финансирањето на курдските терористички групи. Анкара сака Шведска да преземе конкретни мерки против забранетата во Турција Курдска работничка партија, да го укине ембаргото за оружје и да вети дека нема да го воведува во иднина.