Регион
Избрана е новата Влада на Србија

Новата влада на Србија беше избрана на седницата на Собранието на Србија.
Владата предводена од премиерот Ѓуро Мацут беше избрана со поединечно гласање на пратениците, од кои 153 гласаа „за“ и 46 „против“.
При објавувањето на резултатите од гласањето, пратениците на опозицијата не беа во собраниската сала, јавуваат срспките медиуми.
Членовите на Владата положија заклетва во присуство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
По положувањето заклетва, претседателот и членовите на владата го потпишаа текстот на заклетвата и ѝ го предадоа на претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, со што заврши вонредната седница на која беше избрана новата влада.
Седницата почна во понеделникот со излагање на мандатарот Ѓуро Мацут, кој истакна дека Србија е уморна од поделби и блокади, дека мора да работи на усогласување на општеството, дека хармонијата може да се гради преку дијалог, толеранција, работа и градење на вредносен систем и рече дека негов прв приоритет ќе биде нормално нормално функционирање на училиштата и факултетите.
Опозиционерите главно го критикуваа предлогот на Владата на Ѓуро Мацут, со оценка дека ништо нема да се промени и дека оваа влада ќе продолжи да работи штетно како и претходната.
Тие искажаа посебни критики за предлогот за министер за образование да се избере Дејан Вук Станковиќ, професор на Факултетот за образование, поради заканите што ги упатувал кон студентите за време на телевизиски настапи, но и поради обвинувањата за сексуално вознемирување од страна на некои негови студентки, за што тој поднесе тужба.
Нови имиња во Владата, заедно со премиерот Мацут, се и професорот на Факултетот за образование на наставници Дејан Вук Станковиќ кој е нов министер за образование, Ненад Вујиќ е избран за министер за правда, а академик Бела Балинт е избрана за министер за наука, технолошки развој и иновации.
За нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Драган Гламочиќ, Сара Павков за заштита на животната средина, Александра Софронијевиќ за градежништво, транспорт и инфраструктура, додека Јагода Лазаревиќ ќе биде министер за внатрешна и надворешна трговија.
Меѓу новите имиња се министерката за државна администрација и локална самоуправа Снежана Пауновиќ, министерот за човекови и малцински права и социјален дијалог Демо Бериша, како и министерот за информации и телекомуникации Борис Братина.
Прв вицепремиер и министер за финансии повторно е Синиша Мали, а вицепремиери се министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и министерката за економија Адријана Месаровиќ кои остануваат во нивните ресори.
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, министерот за здравство Златибор Лончар, министерот за култура Никола Селаковиќ остануваат на своите позиции од претходниот состав на Владата.
Во Владата останаа и министерот за спорт Зоран Гајиќ, министерот за грижа на селото Милан Кркобабиќ, министерот за туризам и млади Хусеин Мемиќ и министерот за јавни инвестиции Дарко Глишиќ.
Министрите кои ќе останат во владата, а нема да водат исти ресори, е поранешната министерка за семејна грижа и демографија, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, која сега е избрана на функцијата министер за труд, вработување, бранители и социјала, додека нејзината сегашна функција ја зазеде Јелена Жариќ, која беше министерка на локалната администрација и локалната управа во претходната влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Силни врнежи од дожд и град во Белград, поплавени улици и дел од автопатот

Ветер, град и пороен дожд го погодија Белград. Улици и автопат беа поплавени откако невреме го погоди српскиот главен град.
Според снимките објавени на социјалните мрежи, дел од автопатот бил под вода.
Бројни улици во Белград беа исто така поплавени. Подводниот премин во близина на железничката станица во Раковица е под вода.
Според извештајот на репортерот на Н1, во Авала паѓало град со големина на лешници.
Регион
(Видео) Вучиќ го пречека Орбан во Белград: „Не разбирам што зборува, но му верувам сто проценти“

Српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретнаа во Белград каде што разговараа за зајакнување на односите меѓу Србија и Унгарија, кои двајцата лидери денес ги нарекуваат најдобри во историјата.
Вучиќ по средбата се огласи на Инстаграм, велејќи: „Горд сум на нашето пријателство и најдобрите односи во српско-унгарската историја“. Заедно со објавата, тој сподели заедничко видео со Орбан, на кое му се заблагодари со зборовите: „Виктор е многу повеќе од пријател. Ти благодарам за сè“.
Во видеото, Вучиќ го нарекува Орбан „искрен и вистински пријател на Србија“ и ја нагласува неговата улога во градењето блиски односи меѓу двете земји. Тој додаде дека е особено задоволен што може да го угости во Белград.
По говорот, Вучиќ се пошегува дека Орбан веројатно не знаел што рекол бидејќи не разбирал српски.
Потоа Орбан се осврна на прашањето на англиски:
„Не разбирам српски, па не знам што рече мојот пријател Вучиќ, но верувам дека сè што кажа е точно. Му верувам сто проценти, иако не знам ниту еден збор на неговиот јазик“.
Потоа двајцата лидери срдечно се ракуваа.
Регион
Хрват загина во Украина: „Тој го користеше сопственото тело за да ги заштити своите другари во последните моменти“

Тони Херцег, Хрват од Босна и Херцеговина и офицер на француската армија, загина на 6 мај во Луганск, Украина. Дипломатски извори за РТЛ неофицијално потврдија дека Тони имал и хрватско државјанство, пишува „Индекс.хр“.
Се наведува дека Херцег се истакнал како офицер во мировните мисии ширум светот, а неговите соборци сведочат дека во последните моменти со своето тело ги заштитил припадниците на единицата со која командувал и ги спасил ранетите од непосредна смрт.
Херцег е внук на поранешниот премиер на Херцеговско-неретванската жупанија, Невенко Херцег, пишува „Херцеговина.инфо“. Потекнувал од херцеговско семејство кое било населено во Лион, Франција од воените години во Босна и Херцеговина, а бил професионален војник во француската армија. Не е прецизирано дали станува збор за Легијата на странците, но се знае дека после тоа се приклучил на 3-та ударна бригада на украинската армија, пишува тој портал.
Ќе биде погребан во Загреб.
Третата посебна јуришна бригада на вооружените сили на Украина беше формирана во 2022 година како дел од пошироката реорганизација на волонтерски единици во редовната армија. Бригадата стана позната по својата улога во најинтензивните битки – од Бахмут и Авдијивка до регионот Луганск. Нејзините членови се обучени за урбана борба, чистење ровови и брзо маневрирање на линијата на фронтот.
Иако формално е под команда на украинската армија, бригадата наследи дел од структурата и персоналот на баталјонот Азов, кој стана дел од Националната гарда. На чело на бригадата е Андриј Билецки, поранешен командант на Азов.