Регион
Косово до крајот на годинава ќе побара кандидатски статус во ЕУ

Косовскиот премиер, Албин Курти, денеска најави дека Приштина до крајот на годинава ќе аплицира за кандидатски статус за ЕУ, за време на средбата со германскиот канцелар, Олаф Шолц, кој е во прва посета на Западен Балкан.
„Европа е нашата судбина, Европа е нашата иднина“, рече Курти на заедничката прес-конференција.
„Сакаме кандидатски статус за ЕУ и ќе аплицираме до крајот на годината“, додаде Курти.
Косово прогласи независност во 2008 година и мнозинство од земјите на Европската унија ја признаваат независноста, но не и Србија, Русија и Кина, што го спречува влезот во ОН.
Нормализацијата на односите останува главна пречка на европскиот пат на Приштина, но и на Белград, и покрај долгогодишниот дијалог под покровителство на Европската унија. Германскиот канцелар Шолц повика на помирување.
„Она што е важно за Косово е дека дијалогот меѓу Косово и Србија, под Европската унија, напредува“, рече Шолц.
Двете страни мора да најдат политичко решение со глобален и траен договор што ќе придонесе и за регионалната стабилност, додаде Шолц, нагласувајќи ја потребата од борба против влијанието на Русија на Балканот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ердоган предлага смртна казна за оние што подметнуваат пожари

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи воведување смртна казна за одговорните за подметнување шумски пожари.
„ Каква казна треба да биде тоа? Смртна казна? Мислам дека тоа треба да се казнува со смрт“ изјави Ердоган пред новинарите собрани во одморалиштето Мармарис, погодено од пожар, во југозападната провинција Мугла.
Пожарот во Мармарис, кој беснее од вторникот, изгоре 4.000 хектари, а 435 луѓе се евакуирани.
Денеска судот во Мармарис испрати во затвор маж кој „признал“ дека го подметнал пожарот по семејна расправија, јави Анадолија.
Туркије ја укина смртната казна во 2002 година, па пред Ердоган да донесе конечна одлука, таа прво треба да биде изгласана во Парламентот.
Регион
Петков го повика Ковачевски да се охрабри и да го прифати компромисот

Бугарскиот премиер Кирил Петков го повика својот македонски колега Димитар Ковачевски да биде храбар и да го прифати компромисот предводен од Франција, кој ќе ја отвори вратата за Скопје да започне формални преговори за членство во ЕУ.
Но, Петков призна дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, исто како што самиот Петков се соочи – и изгуби – со гласање за доверба на неговата влада во средата.
„ На крајот на денот, знам дека е многу политички тешко“, рече Петков во интервју за „Политико“ во Брисел.
„ И знам дека ризикот од соборување на владата е голем ризик“, продолжи тој.
„ Како политичар треба да се одлучи, која е мојата цел на ова место? Дали мојата цел е да бидам стабилен? Или мојата цел е да ја водам нацијата – да направам чекор напред. И мислам дека ова е одлуката, што сега треба да ја донесе Димитар Ковачевски. Да бев јас на негово место, немаше да мислам два пати. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро … достигнување за еден премиер. Но, потребна е храброст“ порача Петков.
Бугарскиот премиер е во Брисел за да присуствува на самитот на Европскиот совет, каде Бугарија е под остри критики за попречување на пристапните преговори на Северна Македонија, не само од Ковачевски и од другите лидери од Западен Балкан, туку и од некои од највлијателните шефови на држави и влади на ЕУ.
„Дали е фер во однос на Северна Македонија? Ќе кажам многу искрено: не“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон за печатот на самитот на лидерите на ЕУ. „ Ова е и причината зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија овие последни месеци“ додаде тој.
Макрон го пофали Петков, за кого рече дека „направил сè“, но тој истакна дека Северна Македонија е жртва на внатрешната политика на Бугарија.
Петков инсистираше на тоа дека ја покажал потребната политичка храброст за да се бори против вкоренетите интереси, да ја запре корупцијата и да се заложи за договор со Скопје.
Регион
Петков: Бугарскиот парламент донесе историска одлука

Бугарскиот парламент донесе историска одлука, објави бугарскиот премиер Кирил Петков на Твитер.
„ Денеска, бугарскиот парламент донесе историска одлука со која се дава зелено светло на францускиот предлог за пристапување на Северна Македонија во ЕУ“, напиша тој, нагласувајќи дека „интеграцијата на Западен Балкан е од стратешки интерес за Европската унија.
Народното собрание претходно денеска гласаше за предлог-резолуцијата со цел да се реши спорот меѓу Софија и Скопје и да се отвори патот за европска интеграција на Македонија. Тој беше усвоен со 170 гласа „за“.
Предлог-одлуката, поднесена од Христо Иванов и „Демократска Бугарија“, се заснова на предлогот на француското претседателство и се надоврзува на него за што повеќе да се заштитат бугарските интереси. Овој документ е многу близок до другата предлог-одлука предложена од ГЕРБ и поддржана од партијата на Бојко Борисов, пренесува БГНЕС.