Регион
Косовската претседателка откри детали од разговорот со Вучиќ: Негодуваше и се жалеше

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, раскажа каква била нејзината вчерашна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Молдавија. Таа тврди дека средбата имала информативен карактер и оти не станало збор за преговори, а била одржана на барање на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
На средбата, покрај Макрон и Шолц, присуствувал и Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, а Османи кажала дека од Косово се побарани нови избори на север, пренесува „Аваз“.
„Не планирав да се сретнам со Вучиќ. Се разбира, дијалогот меѓу Косово и Србија е во тек во Брисел“, рече таа.
„Средбата дојде на инсистирање на европските лидери. Како претседателка на Косово, сакав да ја покажам конструктивноста што е доблест на нашиот народ и дека можеме да разговараме со сите. Не е првпат да се сретнам со Вучиќ на ваква средба. Морам да кажам дека оваа средба, која се одржа на инсистирање на претседателот Макрон и канцеларот Шолц, не беше преговарање, туку средба на која разменивме мислења. Вучиќ се жалеше и негодуваше и секако не ја кажуваше вистината“, продолжи таа.
Како што кажа, ситуацијата на северот на Косово и понатаму е главна тема на нејзините средби со европските лидери.
„Имав трилатерална средба со претседателот Макрон и канцеларот Шолц. Борел се приклучи на состанокот и детално разговаравме за предизвиците со кои се соочуваме и кои се некои од опциите што можат да не натераат да одиме напред“, најави таа.
„Во овој момент клучно е Србија да престане да ги поддржува криминалните групи кои предизвикуваат најголем дел од проблемите на северот и поширокиот регион. Ова е предуслов за деескалација на ситуацијата. И второ, целосно спроведување на Договорот постигнат во Охрид, бидејќи Вучиќ повеќепати кажа дека нема намера. Го прекршил најмалку осум пати и затоа е клучно да има јасна порака од ЕУ“, заклучи косовската претседателка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„Од вчера ништо не може да биде исто“: Курти на комеморацијата за убиениот полицаец

Косовскиот премиер Албин Курти на комеморацијата за убиениот косовски полицаец Африм Буњаку изјави дека „од вчера ништо не може да биде исто“.
„Фактите излегоа пред нас, во нашите очи и во очите на меѓународната заедница, како и во очите на сите оние кои имаат храброст и волја да ја видат вистината за регионот во кој живееме“, рече Курти во својот говор, соопшти Владата на Косово.
„Денес во нашата земја е ден на жалост поради заедничката тага и болка за Африм Буњаку, нашиот полициски наредник кој вчера го загубивме. Но, денеска е и денот кога на полицаецот Африм Буњаку ќе му бидат доделени највисоките национални почести, бидејќи заедно со тагата и болката чувствуваме гордост и доверба за Африм и за сите косовски полицајци“, рече премиерот на Косово.
Курти потсети дека Буњаку бил убиен вчера од „група тешко вооружени, опремени и професионално обучени луѓе“.
„ Законитост и уставност, мир и безбедност, за секого и за се без разлика“, рече Курти.
На овој комеморативен собир, постхумно му беше доделен највисокиот орден на Африм Буњаку.
Регион
Курти има за цел да го разгори конфликтот и да спроведе етничко чистење на Србите, тврди Захарова

Влошувањето на ситуацијата на Косово, што доведе до крвопролевање, е последица на политиката на „премиерот“ на самопрогласената република Албин Курти, чија цел е да го разгори конфликтот и да ја исчисти територијата од Срби, изјави официјалниот претставник на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Вчерашното крвопролевање е директна и непосредна последица на курсот на таканаречениот „премиер“ Аљбин Курти со цел разгорување на конфликтот и чистење на територијата на регионот од Србите“, се наведува во коментарот на Захарова, објавен на веб-страница на руското МНР.
„ Со ескалирање на ситуацијата, неговите обиди да предизвика дополнителен притисок од Западот врз српското раководство за да го принуди Белград да ја признае „независноста“ на Косово се постојана игра со оган, која, како што можеме да видиме, е прескапа и го носи целиот балкански регион на опасен раб“, додаде Захарова.
Таа посочи дека „полицијата“ на косовските Албанци систематски спроведувала криминални операции против српската заедница и дека не се занимава исклучиво со заплашување на граѓаните.
„Постои директна закана од продолжување на етничкото чистење, кое претходно го практикуваа албанските екстремисти на Косово“, нагласи Захарова.
„Убедени сме дека патот кон стабилизација и долгорочно решение на Косово се одвива исклучиво преку сеопфатна имплементација на основната резолуција на Советот за безбедност на ОН 1244 и бриселските договори на Белград и Приштина од 2013 и 2015 година “, заклучи Захарова.
Регион
Амбасада на САД: Косово и Србија веднаш да се вратат на дијалогот под покровителство на ЕУ

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Србија ги осуди координираните насилни напади врз косовската полиција во близина на манастирот Бањска.
Амбасадата оцени дека неодамнешните насилни напади врз косовската полиција во близина на манастирот Бањска се неприфатливи.
Nedavni nasilni napadi na Kosovsku policiju kod manastira Banjska su neprihvatljivi. Pozivamo vlade Kosova i Srbije da se uzdrže od poteza kojima bi dodatno povećali tenzije i da se odmah vrate dijalogu pod okriljem EU. https://t.co/pdxJ0wGKoj
— Američka ambasada (@USEmbassySerbia) September 25, 2023
„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од потези кои дополнително ќе ги зголемат тензиите и веднаш да се вратат на дијалогот под покровителство на ЕУ“, соопшти американската амбасада на социјалната мрежа Х, поранешна Твитер.