Регион
Лајчак: Можна е нормализација на односите меѓу Србија и Косово

Европската Унија е убедена дека сеопфатно нормализирање на односите меѓу Косово и Србија е апсолутно можно, тоа е во нивен интерес, во интерес на целиот регион и самата Унија, оцени специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Лајчак објасни дека ЕУ е медијатор во тој дијалог и, според него, таа не наметнува ништо, туку посредува во преговорите со цел да се најде заемно прифатливо решение за разните елементи на сеопфатниот договор за нормализација.
„Во право сте дека темата дискутирана од септември се однесува на меѓусебни финансиски побарувања и имотни проблеми. Ние веќе имавме три рунди дискусии на ниво на главни преговарачи минатата година, што им овозможи на страните да разменат мислења и одржавме воведни дискусии за ова многу сложено и чувствително прашање“, рече Лајчак.
„Подготвени сме да продолжиме веднаш штом новата влада во Приштина стапи на должност“, додаде тој.
Посочи дека ЕУ и САД имаат долга и продуктивна историја на тесна соработка на Западен Балкан и во процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.
„Оваа соработка донесе опипливи позитивни резултати во последните години и јас сум во чест контакт со моите американски колеги, со цел да подготвиме заедничка стратегија и заеднички активности и со нетрпение очекуваме обнова на поблиска трансатлантска соработка“, истакна специјалниот претставник.
На прашањето кој треба да биде главниот елемент на договорот за сеопфатна нормализација, Лајчак објасни дека страните се договориле за главните елементи на договорот за сеопфатна нормализација во јули.
„Некои веќе ги знаете затоа што беа дискутирани или заклучени во текот на летото 2020 година. Другите ќе бидат дел од нашите идни разговори“, изјави Лајчак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мицкоски треба да најде начин да се извини, вели бугарскиот премиер

Наративот и изразувањето на премиерот Христијан Мицкоски ќе им го оставам на оние што го познаваат Езоп. Република Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни обврските што самата ги презела.
Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков во врска со „неприфатливиот и навредлив јазик на Мицкоски кон министерот за надворешни работи, Георги Георгиев“, објави „Бгнес“.
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини“, вели Жељазков.
Тој додаде дека политичката зрелост бара да се исполни она што е договорено.
„Довербата во овие времиња е многу кревка“, истакна премиерот.
Жељазков изјави дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Република Македонија, но непоколебливо врз основа на исполнувањето на обврските од договорот од 2022 година и договорот за добрососедство, според написите во медиумот.
Регион
Фон дер Лајен: ЕУ знае дека е одговорна за неуспехот да се спречи геноцидот во Сребреница

Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во Сребреница пред 30 години, ја признава својата одговорност за неуспехот да се спречи геноцидот и нема да дозволи историјата да се повтори, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во изјава по повод 30-годишнината од геноцидот во босанскиот град.
„ЕУ никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го прифаќаме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за неуспехот да се спречи и запре геноцидот“, изјави претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ нема да дозволи историјата да се повтори и „отфрла и осудува какво било негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и величењето на воените злосторници“.
Претседателката на Комисијата вели дека голема одговорност лежи кај политичките лидери, особено кај оние во Босна и Херцеговина и Западен Балкан.
„Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и вистинското почитување на жртвите. И тие мора активно да работат кон помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и попросперитетна иднина за следната генерација“, се вели во соопштението.
„Наша должност е да се сетиме и да ја зачуваме вистината за идните генерации точно да знаат што се случило. Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски егзекутирани и закопани во масовни гробници во „безбедната зона“ на ОН во Сребреница, град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја опустоши Босна и Херцеговина“, рече претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен испрати порака до граѓаните на Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека ЕУ е со нив.
„Остануваме целосно посветени на поддршката на вашата земја на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Вашите политички лидери треба да го направат својот дел за да се осигурат дека вашата земја ќе го најде своето место во срцето на нашата Унија, каде што припаѓа.“
По падот на Сребреница, семејствата пријавија дека 8.372 лица се исчезнати, а досега се пронајдени и ексхумирани останки на нешто помалку од седум илјади, додека потрагата по останатите е во тек.
Повеќето од идентификуваните се погребани на спомен-гробиштата во Поточари.
Регион
„Останете внатре“: пожар во Солун, гори индустриска зона

Во петокот наутро, пожар избувна во индустриската зона „Синдос“, на западната страна од Солун.
Пожарот избувна околу 9:30 часот наутро на отворената површина на компанијата за рециклирање и отпад. Според противпожарната служба, горат ѓубре, палети и гуми.
На терен има голем број пожарникари со 12 цистерни, кои учествуваат во гаснењето на пожарот.
На граѓаните им е испратена итна порака преку системот 112:
„Пожар во индустриски погон. Опасни испарувања. Останете внатре, затворете ги вратите и прозорците. Следете ги упатствата на надлежните органи“.
Во овој момент, не е познато како започнал пожарот, пренесуваат медиумите во регионот.