Регион
Мајката на бебето пронајдено во замрзнувач во Србија: Никој не знаеше дека сум бремена

Лидија М., 47-годишната жена од Србија, чие бебе беше пронајдено мртво во замрзнувач во Земун, била сослушана во полиција.
Бебето беше пронајдено во куќата во која живеат Лидија, нејзиниот сопруг Зоран (62) и нивните четири деца. Таа признала дека новороденчето е нејзино, а на полицијата ѝ рекла декa било родено мртво.
„Лидија призна дека бебето е нејзино, но рече дека го родила мртво. Сепак, тоа сè уште не го знаеме додека не се направи обдукцијата. Таа исто така рече дека го скрила телото бидејќи никој од нејзиното семејство не знаел дека е бремена. Не знаела што да прави, па го ставила мртвото бебе во замрзнувач. Набргу по породувањето, Лидија си заминала и го оставила семејството“, вели во изјава за „Телеграф“ соговорник близок до истрагата.
Телото на бебето минатата недела го пронашол нејзиниот сопруг Зоран во замрзнувачот кога, како што рече, сакал да го исчисти. Зоран раскажа дека тој и неговата сопруга имале несогласувања и дека таа се гледала со други мажи.
„Сопругата што замина и јас имавме несогласувања, имаме четири деца… Сопругата не живее тука од мај, а јас живеам од кога е изградена куќата, 60 и нешто години“, раскажува мажот.
„Видов торба. Првин помислив дека е леб. Кога ја отворив, видов бебе. Почнав да се движам во шок. Веднаш ги повикав син ми и полицијата. Не знаев дека имало такво нешто во замрзнувачот, јас сè уште сум потресен. Не знам што да мислам за сето ова“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Сплит казната за одење во костим за капење на улица и пиење алкохол на јавно место е 150 евра

На првиот ден од годинава во Сплит стапи на сила новата одлука за комунален ред во која се пропишани повисоки казни за прекршителите, па може да се очекува летово да нема туристи во костими за капење на улиците, бидејќи доколку бидат фатени по комунален ред ќе им следува казна од 150 евра, известуваат хрватските медиуми.
Истата казна од 150 евра е пропишана и за оние кои пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е согласно одлуката за условите и начинот на чување миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице.
Жителите на Сплит и нивните гости по улиците ќе ги надгледуваат 21 комунален редар, а уште 12 ќе чекаат на повик во зградата на градската управа.
Од август 2020 година, градот Дубровник има слична одлука за комунален ред, а минатата година првите разголени туристи платија општински казни од 1.000 куни.
Новата сплитска одлука за комунален ред е донесена на последната седница на Градскиот совет во 2022 година, а стапи на сила од новата година.
Регион
Хорор во Хрватска: Пациентка со нож избоде познат психијатар

Психијатарот Елвира Коиќ беше повредена во саботата попладне во својата канцеларија во Вировитица кога 37-годишна пациентка ја нападна и ја избоде со нож, пишуваат хрватските медиуми.
Докторката е пренесена во Општата болница Вировитица, каде што е на лекување, а според информациите, нејзиниот живот не е во животна опасност. Пациентката е уапсенa.
Елвира Којиќ е познат психијатар во Хрватска, којa голем дел од својата кариера посветила на работата со хрватските бранители кои страдаат од пострауматско стресно растројство, пренесува „Вечерњи лист“.
Регион
Курти: Не добив соодветни аргументи за формирање за Заедницата на српските општини

Косовскиот премиер Аљбин Курти смета дека европскиот предлог е добра основа за договор со Србија и дека е подготвен да разговара за договорите постигнати во Брисел, но рече дека не добил соодветни аргументи за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО).
Курти рече дека „не смета дека е неопходно да се создаде ЗСО, но оти е подготвен за дискусии за правата на немнозинските заедници“.
Откако го видел француско-германскиот предлог, вели тој, оттогаш преговараат за постигнување договор.