Регион
Милановиќ и Пленковиќ во конфликт поради Бугарија и Македонија, во Хрватска вербално нападнати Бугари

Според извештајот на бугарската амбасадорка во Хрватска, Генка Весилева-Георгиева, во последните неколку дена, по изјавата на претседателот Зоран Милановиќ, во Загреб се евидентирани три инциденти со бугарски државјани, пренесува „Јутарњи лист“.
Имено, пред осум дена Милановиќ на Брдо кај Крањ рече дека Северна Македонија е во невозможна позиција и дека една членка на Унијата влегува во нејзиниот интимен простор барајќи да ја дефинира својата национална генеза во учебниците по историја како што бара соседната држава. Тој не ја именува Бугарија, но хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац, беше повикана на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи, каде што ѝ беше речено дека изјавите на Милановиќ се неприфатливи.
Според првиот извештај, цел била постара дама, бугарскa државјанка, која била нападната од таксист. Во извештајот се наведува дека таа влегла во такси, а возачот остро ѝ приговорил бидејќи силно ја затворила вратата. Потоа ја прашал од каде е и кога го слушнал одговорот дека е од Бугарија, следувал агресивен вербален напад: „Вие Бугари со валканата политика кон Македонија доаѓате да живеете тука во нашата прекрасна Хрватска“.
„Јутарњи лист“ наведува дека таксистот го запрел автомобилот, ја замолил госпоѓата да плати за возењето и да излезе од возилото. Таа излегла и го замолила возачот да ѝ помогне за тешката торба од багажникот, на што тој грубо ѝ ја фрлил торбата, па госпоѓата наводно паднала на подот поради тоа.
Во вториот случај исто така бугарска државјанка пријавила дека предмети биле фрлени кон нејзиниот сопруг на пазарот. На тоа претходела дискусија за потеклото на стоката што се продава, а тоа довело до прашање за потеклото на учесниците во дискусијата. Продавачот почнал да го навредува бугарскиот државјанин затоа што, се вели во извештајот, „Бугарија ја уценува несреќната Македонија“, а потоа кон него бил фрлен предмет.
Во третиот случај, наводно, на синот на бугарски државјанин му е забранет пристап до градинка во Загреб. Сепак, по сомневањата за дискриминација на детето и интервенцијата на Амбасадата, случајот е решен, пренесува „Јутарњи лист“.
Денес, сепак, работите се вжештија на домашниот политички план во Хрватска бидејќи премиерот Андреј Пленковиќ, истакнувајќи дека претседателот на Републиката постојано го навредува, го нарече Милановиќ подбуцнувач и измамник и виновник за нападот врз тројца Бугари во Хрватска. Вечерта ХДЗ го истакна тоа на својот официјален „Твитер“ наведувајќи дека бугарските државјани се нападнати поради подбуцнувачот од Пантовчак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Дете се удави во базен во Загреб

Вчера во објект за изнајмување со базен, се удави дете, соопшти загрепската полиција.
Надлежните соопштија дека на детето му била укажана медицинска помош на местото на настанот а потоа и во Клиничкиот болнички центар во Загреб, каде што починало.
„За да се избегнат трагични настани и да се зголеми безбедноста на пливачите, ги потсетуваме граѓаните да користат добро одржувани места за пливање кои се под надзор на професионални служби.
Сакаме да ги предупредиме пливачите за потенцијалните опасности и да дадеме совети за тоа како да се однесуваат во местата за пливање. Затоа, за да избегнеме трагични сценарија, советуваме и предупредуваме:
не пливајте најмалку еден час по оброк – една од најчестите грешки што многумина од нас ги прават е влегувањето во вода по оброк,
не пливајте ако сте консумирале алкохол – консумирањето алкохол е еден од главните фактори на ризик за давење, како кај младите, така и кај возрасните,
една од вообичаените грешки што многумина од нас ги прават е тоа што по долг престој на сонце, влегуваме во водата за да се освежиме и разладиме. Секогаш треба постепено да влегувате во водата, давајќи му шанса на вашето тело да се подготви и да се адаптира, без разлика колку е топло морето или друга водена површина. Во спротивно, телото ќе доживее шок,
не скокајте во вода со непозната длабочина – можни се сериозни повреди,
ако не сте целосно здрави, не пливајте на затскриени места, а доколку страдате од некои хронични и сериозни болести, избегнувајте пливање на затскриени и небезбедни места; бидете во близина на луѓе, за да можат да ви помогнат доколку е потребно,
ако имате деца, постојано внимавајте на нив – родителите никогаш не треба целосно да се опуштат, дури ни кога пливаат; децата треба да бидат под постојан надзор и да се осигурат за нивната безбедност; меѓу луѓе и во толпи, децата лесно се губат, исто како што лесно можат да се удават во плитка вода; исто така, никогаш не сметајте на постаро дете само да се грижи за помлад брат или сестра; безбедноста на детето е ваша одговорност, надгледувајте ги вашите деца, дури и ако знаат да пливаат,
запомнете дека пливањето во свежа вода е понапорно од пливањето во море (грижете се за ова) и водата често може да биде поматна, па затоа децата потешко ја перцепираат длабочината,
непливачите или послабите пливачи дефинитивно треба да користат помагала за пливање,
избегнувајте пливање сами,
пливајте во близина на спасувачи и следете ги упатствата и знаците на спасувачите
доколку се појават проблеми, останете смирени, доколку забележите некого во неволја во водата, веднаш пружете или побарајте помош и јавете се на надлежните служби.
Реките се најопасни бидејќи течат, често имаат вртлози, потоа се сечат и често го менуваат текот.
Езерото има ненадејни промени во длабочината и температурата, односно температурата во езерото е потопла на површината и постудена на длабочина. Голем проблем за пливачите понекогаш е вегетацијата во која се заплеткуваат, а поради паниката што може да се појави, можат да се удават“, објави полицијата.
Регион
Борисов: Бугарија ќе се вклучи во процесот на обнова на Украина

Бугарија ќе се приклучи на процесот на обнова на Украина. Ова го изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на средба со амбасадорот на Украина во Бугарија, Олесја Илашчук.
Лидерот на ГЕРБ ја прогласи способноста на Бугарија да придонесе во сектори, како што се енергетиката, трговијата и инфраструктурата.
„Разговаравме и за развојот на воените операции на територијата на Украина. Украина има категорична поддршка од Бугарија за нејзината европска перспектива“, изјави Бојко Борисов.
Регион
(Видео) Таксист се залета со возилото во демонстранти во Смедерево

Додека граѓаните мирно преминувале пешачки премин во Смедерево, возач на такси налетал на луѓе.
Smederevo, taksi nosi coveka na haubi. Tablice: Sd 0814 tx pic.twitter.com/8rAciLoxVe
— Petar Petrovic (@tombomn) July 4, 2025
Притоа еден граѓанин бил собран од возилото и се возел на хаубата околу 200 метри, јавува репортер на Н1.
Од утрово продолжуваат блокадите низ цела Србија, а неколку студенти беа уапсени на ливада пред Факултетот за драмски уметности во Белград.
Исто така беше приведен и граѓанин во Крагуевац кој одбил да даде документи за идентификација на српската полиција.