Регион
Мицотакис бара воведување на ковид-пасоши
Грчкиот премиер побара од ЕУ да воведе ковид-пасоши. Киријакос Мицотакис нагласува дека одлуката треба да се донесе што е можно поскоро со цел да се олесни слободното движење на луѓето кои примиле вакцина против Ковид-19.
Очигледно, овој потег ги решава и дилемите за тоа како да се влезе во Грција ова лето, поточно дека Атина нема да остави ништо на случајноста и дека пред сè за заштита на сопственото население, ќе воведе строги контролни мерки на граничните премини.
Премиерот Мицотакис во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, подвлече дека „потребно е да се заземе заеднички став што е можно побрзо и да се договориме како ќе изгледа сертификатот за вакцинација за да можат сите земји да го прифатат“, пишува „Политико“.
Мицотакис смета дека приоритет на ЕУ е што е можно поскоро да се обезбеди слобода на движење, иако Грција, како што нагласи, „нема намера вакцинацијата да ја направи задолжителна или задолжителен услов за патување, но дека на оние што биле вакцинирани треба да им се обезбеди можност да патуваат“.
Премиерот Мицотакис очекува дека дискусијата за ковид-пасоши ќе биде една од главните теми на следниот самит на ЕУ, што ќе се одржи на 21 јануари. Со своето писмо, како што рече, сака да даде позитивен импулс за решавање на ова прашање, за што е неопходен заеднички став на сите европски земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.
Регион
Почина 13-годишното девојче кое падна од шести кат од зграда во Мостар
Почина тринаесетгодишното девојче кое падна од балконот на шестиот кат во зграда во Мостар.
Информација за „Аваз“ ја потврдил Људевит Мариќ, портпарол на полицискиот оддел на МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Инцидентот бил пријавен во полиција во 14 часот и 30 минути, а на лице место бил спроведен увид, предводен од дежурниот кантонален обвинител на Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Како што беше речено, преземени се сите потребни истражни дејствија за целосно расветлување на сите околности на овој настан.
Во моментот на падот, според „Аваз“, девојката била сама во станот, а малку порано нејзината мајка излегла да пазари во блиската продавница.
Откако дознала за несреќата, жената доживеала шок.
Регион
Тринаесетгодишно девојче паднало од шести кат од зграда во Мостар
Тринаесетгодишно девојче е во тешка состојба откако паднало од балкон на станбена зграда во Мостар.
Таа е хоспитализирана во Универзитетската клиничка болница Мостар, пренесува Klix.ba потврда од оваа здравствена установа.
Според првичните информации како што пишува медиумот тоа се наоѓа на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Според неофицијални информации, девојката паднала од шести кат.
Засега не се познати околностите за нејзиниот пад, според написите.