Регион
Мицотакис: Цел Западен Балкан во ЕУ до 2033

Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, денеска посочи дека ЕУ треба да понуди интеграција на сите шест земји од Западен Балкан во Унијата до 2033 година и тоа го нарече храбар, но неопходен чекор.
Во натпис објавен во „Политико“ пред самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Грција, Мицотакис наведува дека ЕУ треба да докаже дека кога поставува визија, има намера и капацитет да ја спроведе.
„Мојата порака денес е јасна: Во согласност со поставените критериуми, да понудиме интеграција на сите од Западен Балкан во ЕУ до 2033 година – тоа е амбициозен, но достижен рок. Од друга страна, дури е и задоцнето“, смета грчкиот премиер.
Самитот ЕУ – Западен Балкан е закажан за 23. јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вархеји очекува Скопје и Тирана во наредните денови да ги отворат пристапните преговори со ЕУ

Говорејќи пред членовите на Европскиот парламент и парламентите на земјите на патот кон членство во ЕУ, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изјавил дека во сегашниот променет геополитички контекст, Западен Балкан останува приоритет за ЕУ, пишуваат српските медиуми.
„Посветени сме, повеќе од кога било, да го внесеме целиот регион во ЕУ. Сега е поважно од кога било да работиме на тоа не само брзо, туку и со сета посветеност и волја“, кажал тој.
Еврокомесарот за проширување изјавил дека очекува Скопје и Тирана „во наредните денови“ да одржат меѓувладини конференции и да ги отворат пристапните преговори.
Според него, поддршката на ЕУ за Западен Балкан се рефлектира не само во процесот на пристапување, туку и во заедничкиот пристап на ЕУ за механизмите за набавка на храна и енергија, како и во Европскиот економски инвестициски план, кој треба да му донесе на регионот до 30 милијарди евра во инвестиции.
„Без соодветна регионална соработка, без разлика дали преку Берлинскиот процес, заедничкиот регионален пазар или отворениот Балкан, земјите од регионот не можат да имаат корист од економскиот инвестициски план. Секој што ја поткопува или блокира регионалната соработка, врз основа на правилата на ЕУ и со присуство на ЕУ, го поткопува економскиот и инвестицискиот план и напредокот на регионот“, заклучил Вархеји.
Македонија
Димитрoв: Ако потрае играта со зборови од историското „Не“ ќе остане само прашина

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров повикува на итна реафирмација на македонските позиции во однос на спорот со Бугарија и францускиот предлог.
„Очајот на (дел од) владата за лажен успех оди дотаму што четирите услови на премиерот гласно и јасно изговорени од сред Брисел, се стопија прво на два зборови, “протокол” и “отворање”, па за 24 часа само на еден збор “протокол”.
Од повикот на шефот на дипломатијата пред три дена бугарскиот парламент да не го усвојува предлогот бидејќи тоа “ќе го блокира долгорочно европскиот процес” за само еден ден потоа токму усвојувањето на предлогот стана “голем напредок”.
Ако потрае оваа агонија на игра со зборови и позиции уште малку, веројатно предлогот ќе им стане целосно прифатлив и ваков каков што е, а од историското НЕ ќе остане само горчливата прашина. За жал, ако навистина дојде до тоа – ќе ја дишеме сите долго, заглавени во ќорсокакот“, напиша на социјалните мрежи Димитров.
Затоа, сугерира тој во напишаното, најитно е потребна гласна реафирмација на македонските позиции и дома и надвор, за да ги чујат, како што вели, сите кои можеби не сакале да ги слушнат, вклучувајќи го и еврокомесарот Вархеји.
„Во вакви услови, кога јавноста е оставена да се храни само со полуинформации, како очекувате да нема грижи и дилеми? Абе за НАС се работи, за секој од нас. Има да одговарате на секое ново прашање, а не уште да обвинувате. Па, министри кои се закануваат со кривичен прогон на свесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена “државна стратегија” нарекувајќи го тој автентичен чин “хибриден напад” треба веднаш да ги снема од владата. Ако тоа не се случи, одговорноста ќе падне на целата влада. Граѓанското несогласување и активизам е срцето на демократијата. Ако до овој најнов срам проблемот беше надворешната божем-политика што со зборовите на Петков доведе до “неверојатен дипломатски успех” за Бугарија, со сесрдна помош и соучесништво на македонската влада, сега проблем е и овој беден обид за божем заплашување“, нагласува во напишаното Димитров.
„Имаше две неспорни области на напредок последниве години, токму надворешната политика и слободата. Како стоиме денес нервозни господа во тие области, ако надворешната политика дозволи ваков дебакл што го гледаат сите со отворени очи, и дома и надвор, распрскувајќи ги македонските црвени линии на парчиња, а министри се закануваат токму кон слободните граѓани кои се обидуваат да ја намалат штетата,што веќе секако е огромна?“, потенцира поранешниот министер за надворешни работи на социјалните мрежи.
Европа
Петков: Поднесов оставка од функцијата премиер, следните избори ќе бидат реален референдум за тоа каква Бугарија сакаме

Утрово поднесов оставка од функцијата премиер на Бугарија, напиша на социјалните мрежи досегашниот премиер на Бугарија, Кирил Петков.
„Во овие 6 месеци, ми беше чест да го започнам долгиот марш за освојување на Бугарија од зад сцената. Верувам дека нема друг пат освен напред – напред кон идеалната Бугарија, да биде држава каде што законот е пред се, јавните средства да се инвестираат во училиштата, градинките и во подобра здравствена заштита, државата да создава услови за младите семмејства; држава во која има нови високо платени работни места и во кои секој претприемач може да започне чесен бизнис без административни препреки и рекет, а пензионерите пристојно да уживаат, напиша на својот фејсбук Петков.
„Знам дека не сум сам во овој мој сон и следните избори ќе бидат реален референдум за тоа каква Бугарија сакаме: Бугарија на законитост и просперитет или Бугарија зад сцената и мафијата. Го избирам првиот и ќе продолжам да се борам за него!“, потенцира во напишаното Петков.