Регион
Напаѓачот од Истанбул идентификуван како Лакхе Машрапов, тој негира
Турската полиција го идентификуваше во вторникот осомничениот за нападот во ноќниот клуб во Истанбул кој на новогодишната ноќ уби 39 луѓе, како 28-годишниот Лакхе Машрапов (Lakhe Mashrapov), државјанин на Киргистан.
Самиот Машрапов во меѓувреме во интервју за агенцијата АКИpress изјавува дека нема никаква поврзаност со терористичкиот чин во клубот „Reina“ во турската метропола.
Службата за односи со јавност на Државниот комитет за национална безбедност на Киргистан за агенцијата РИА соопштила дека разузнавачките агенции ја проверуваат информацијата за вмешаноста на нивните државјанин во терористичкиот напад во Истанбул.
Весникот Aydinlik во вторникот објави дека напаѓачот пристигнал од Синџианг, североисточната автономна покраина во Кина, каде што дејствува сепаратистичкото исламистичко движење на локалното туркофоно автономно население Ујгури – Источен Туркестан. Кинеските власти ја обвинуваат оваа група за повеќе терористички напади, како и дека се поврзани со талибаните во соседен Пакистан и со Исламската држава во Сирија.
Како што беше објавено претходно, откако полицијата ги објави фотографиите и видео снимките од осомничениот, неговите соседи од турскиот град Конја се јавиле во полицијата и го идентификувале.
Турските власти во Конја меѓу 14 приведени лица ја притвориле и сопругата на Машрап. Беше објавено дека напаѓачот во овој југозападен турски град допатувал во ноември со сопругата и двете деца „за да не привлекува многу внимание“,
Сопругата на Машрап тврдела во исказот даден во полицијата дека не знаела оти нејзиниот сопруг е симпатизер или припадник на радикалната организација Исламска држава. Тој ѝ кажал дека во Конја патува за да побара работа.
Машрап на 29-ти декември ја напуштил Конја и во Истанбул пристигнал со возило, според изјавата на сопругата којашто тврди дека за пукањето дознала дури кога видела вести на телевизија.
Според сознанијата од истрагата, напаѓачот во Турција влегол од Сирија каде што се борел на страната на Исламската држава и поради тоа „добро ракувал со огнено оружје“, пишува весникот Hurriyet. Бил обучуван за војување во урбани средини и извршување терористички напади, додава весникот.
Во понеделникот беше објавено дека властите го идентификувале напаѓачот од клубот „Reina“, но во интерес на истрагата не го објавуваат неговиот идентитет, а не потврдија ниту дека зад нападот стои Исламската држава. Државната агенција Anadolu во понеделникот вечерта објави фотографии на лице за кои безбедносни извори тврдат дека е осомничениот за нападот со 39 жртви.
Се претпоставува дека напаѓачот е во централна Азија и оти потекнува од Узбекистан или Киргистан. Тој наводно бил „специјални избран“ за нападот во клубот, пишува Hurriyet.
Според Haberturk, деталите од нападот укажуваат дека терористот бил обучен за ракување со автоматска пушка. Тој користел двојна рамка за муниција поради оптимизација ан времето на полнењето и ги гаѓал своите жртви во горниот дел од телото.
Келнерот кој го преживеа нападот изјавил дека напаѓачот секогаш кога ќе му се потрошела рамката ќе фрлел нешто што се палело а тоа се случило најмалку трипати, Светлосните гранати ги фрлал зад себе за подобро да ги види своите жртви, а притоа да не биде заслепен, што е уште еден доказ дека бил обучуван, пишува турскиот весник Sozcu./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српските патници кои беа евакуирани од Дубаи: „Ни рекоа за 15 минути да се спакуваме“
Авион на „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати со 200 државјани на Србија слета утрово во Белград. Тоа е првиот лет кон Србија по прекинот на летовите поради тензиите на Блискиот Исток.
Како што пренесе РТС, една патничка која утрово слетала во Белград патувала од Кенија преку Дубаи. Таа изјавила дека околу три часа ги „држеле горе на небото“, по што слетале.
Двојка од Бачка Паланка допатувала од Малдивите.
„Слетавме во Дубаи и патувањето требаше да продолжи понатаму. Авионот полета, кружеше некое време и повторно се врати на аеродромот во Дубаи од безбедносни причини. Во меѓувреме се случи тоа што се случи со Иран“, изјавиле патниците за РТС.
На прашањето дали почувствувале страв, тие одговориле дека не.
„Не, бевме сместени во еден хотел кој е на околу 20 километри од центарот на градот, така што слушнавме некои детонации, но не се плашевме, имавме прекрасна група“, велат тие.
„Прво се јавивме во нашата амбасада, која направи список на патници што се најдоа на аеродромот во Дубаи, дури и амбасадорот нè посети во хотелот и му благодариме за тоа. Имавме идеални услови во хотелот и чекавме да нè известат за враќањето, а буквално ни беше кажано за 15 минути да се спакуваме“, навеле патниците.
Регион
Авион од Дубаи слета во Белград, евакуирани 200 српски државјани
Авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Првиот авион со 200 патници полета од аеродромот во Дубаи синоќа, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Аеродромот во Дубаи објави дека првиот лет од Обединетите Арапски Емирати до Србија, по суспензијата на воздушниот сообраќај, полетал околу 23:30 часот по централноевропско време.
Авионот е Боинг 737 MAX 8, со капацитет од 162 до 200 патници, управуван од авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Во меѓувреме, авиокомпанијата Емирати објави дека го продолжува сообраќајот со реализација на ограничен број летови.
„Приоритет им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои се прераспределени на овие ограничени летови ќе бидат контактирани директно од компанијата Емирати“, се вели во соопштението.
Компанијата ги повика патниците да не доаѓаат на аеродромот освен ако не бидат однапред известени, додавајќи дека сите други летови остануваат суспендирани до понатамошно известување.
Летовите беа откажани поради американско-израелската воена кампања започната во саботата против Иран, во која загинаа неколку високи ирански функционери, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи.
Како одговор, Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз Израел, како и врз неколку земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени објекти.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

