Регион
„Насилството како вовед во граѓанска војна“ – Брнабиќ за објавената снимка рече дека тоа е планирање државен удар во Србија

Почувствував потреба и обврска да се изјаснам, барем накратко, по снимките што можеше да ги види целата јавност на Република Србија синоќа во 21 часот од состаноци на кои присуствуваа претставници на разни политички партии, невладини организации, оние што се кријат зад студентските пленуми, некои професори учествуваа на тие состаноци. Сите заедно планирале јасно, директно и недвосмислено државен удар, насилство како вовед за граѓанска војна и атентат на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ“, изјави денеска претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ.
Таа рече дека најшокантно за неа лично е улогата на Универзитетот во Белград.
„Ќе го цитирам тој дел од снимката. Марија Васиќ, професорка која учествуваше на таков состанок и ниту еднаш не ги предупреди студентите дека тоа што го прават е брутално насилство, дека планира државен удар, дека планира воен удар, дека ќе резултира со масовно крвопролевање бидејќи таму зборуваат за носење чекани, разно оружје. Таа активно учествува во планирањето пуч и граѓанска војна и вели: ‘Дали имаме информации дека Универзитетот во Белград е во контакт со синдикатот на војската’? Мила Паиќ: ‘Не, немаме’. Професорката: ‘Така, белградскиот Универзитет соопшти дека армискиот синдикат стапил во контакт со нив и дека армијата ќе биде подготвена и ќе дојде на нивен повик во случај на акција’“, изјави Брнабиќ.
Таа рече дека нејзиното денешно прашање е „која е улогата на белградскиот Универзитет во планирањето државен и воен удар“.
„Ректорот Ѓокиќ (Владан) и проширената ректорска управа треба што побргу да одговорат на овие прашања на српската јавност. Не попладнево, не вечерва, не утре, туку веднаш. Кој учествуваше во ова и кој ѝ потврди на Марија Васиќ дека се во контакт со синдикатите на српската војска, дека преговараат со Армијата како белградски Универзитет и дека белградскиот Универзитет гарантира оти армијата ќе излезе на улица и ќе реагира? Која е улогата на Универзитетот во Белград во планирањето на државниот и воениот удар?“, праша Брнабиќ.
Таа праша и дали поради тоа е формирана таканаречената експертска работна група, која во својот извештај практично информира, како подготовка за 15 март, дека барањата не само што не се исполнети туку и дека е невозможно да се исполнат.
Најави дека ќе реагираат Обвинителството и сите надлежни органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ оди во Русија на прославата на Денот на победата, ќе се сретне со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека на 9 мај ќе отпатува за Москва, каде ќе присуствува на парадата за Денот на победата и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Анадолија.
При гостувањето на ТВ Пинк, Вучиќ изјави дека „со гордост ќе ја претставува Србија“ на обележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Пред осум месеци реков дека ќе одам во Москва. Ќе одам во Москва“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека најверојатно сам ќе отпатува во руската престолнина и дека поради тоа „ќе ги прими сите удари на светот, и однадвор и од внатре“.
„Не сакам владата на Ѓуро Мацут да ја плати цената. Сакам тој да има можност правилно да соработува со Европската унија и никој да не го обвинува за ништо. Тешко дека армијата ќе оди, бидејќи би била изложена на притисоци и санкции“, рече Вучиќ.
Тој најави дека со рускиот претседател ќе разговара за новиот гасен аранжман, како и за иднината на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е загрозена од американските санкции поради рускиот сопственички удел.
„Мораме да го потпишеме договорот за гас до 30 мај. Мора да го решиме прашањето за нафтената компанија. Мора да разговараме и за сите други теми“, рече Вучиќ.
Тој ја најави и посетата на еврокомесарката за проширување Марта Кос на Белград на крајот на април и изрази надеж дека ќе има можност да разговара со претставници на Републиканската партија и американското раководство пред да замине за Москва.
Регион
Се запали градинка во Загреб – пожaрот избил од клима уредот

Пожар изби попладнево во градинка во Загреб.
Според информациите на хрватските медиуми, причина за избувнување на пожарот е палење на клима уредот.
Првата личност која се обидела да се справи со огнот била жена која го гаснела со ПП апарат. Во меѓувреме сите деца навреме го напуштиле објектот и биле испратени на безбедно.
Пожарот се проширил низ една од просториите, а неговото натамошно ширење го спречиле загрепските пожарникари, кои дојавата за пожарот ја добиле околу 16:55 часот.
Допрва ќе се утврдуваат околностите под кои избил пожарот во градинката.
Регион
Пленковиќ: Моето семејство е длабоко трогнато од фактот што се сретнавме со папата во неговите последни часови

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ упати сочувство по повод смртта на светиот отец Франциско до кардиналот Кевин Фарел, Камерленго на Светата Римска црква.
„Во името на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам длабоко и искрено сочувство за смртта на Светиот Отец Франциско, чиј животен и духовен пат оставија неизбришлива трага во современиот свет.
Хрватскиот народ, кој чувствува блискост и длабока почит кон папата Франциско од самиот почеток на неговиот понтификат, денес жали за загубата на човекот со вера, едноставност, понизност и сила.
Тој остави длабока трага не само на Католичката црква, туку и на меѓународната заедница. Неговиот постојан повик за солидарност, милост и блискост со исклучените, заборавените, сиромашните и болните инспирираше и поттикна милиони луѓе ширум светот на акција.
Имав особена чест да се сретнам лично со Светиот Отец вчера на Велигден, во Неговите последни часови, заедно со мојата сопруга и нашите три деца. Тоа беше краток, но длабоко трогателен момент – средба исполнета со добрина, насмевки и благослови кои ќе останат трајно врежани во сеќавањето на целото мое семејство како скапоцен подарок во моментот на збогување.
Република Хрватска и хрватските верници остануваат благодарни за сè што беше и направи папата Франциско – за Црквата, за светот и за секој од нас“, напиша Пленковиќ.