Регион
„Не знам дали е жива мајка ми“; „Свекор ми беше во делот кој целосно изгоре“: членовите на семејствата чекаат вести за своите најблиски во Србија
Пред домот за стари лица во Бараево, каде што утринава избувна пожар, во кој досега загинаа осум лица, а седум беа повредени, пристигнуваат видно потресени членови на семејството на жителите на домот. Мажот, чија мајка била корисничка на домот, за „Блиц“ изјави дека нема информации дали мајка му е жива и дека се надева на најдобро.
Таа била на приземјето во делот што изгорел. „Немам информации дали е жива и каде е. Последен пат бев тука на 9 јануари кога на мајка ми ѝ донесов работи и сè што и требаше. Таа потоа прими терапија“, раскажува тој за „Блиц“.
На местото на настанот пристигнала и брачна двојка, а таткото на мажот бил жител на овој дом.
„Свекор ми беше внатре, во самиот дел кој целосно изгоре. Токму под оџакот“, вели видно потресена жената.
Таа додава дека немаат информации за неговата состојба, но дека знаат дека се пронајдени четири машки тела во целосно јагленисана состојба.
Медиумите потсетуваат дека најмалку осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утринава околу 4.30 часот избувна во дом за стари лица во Србија.
Како што соопштија од српската полиција, постојат основи на сомнение дека пожарот е подметнат, а полицијата во соработка со надлежното обвинителство продолжува интензивно да работи на утврдување на сите околности и факти за овој настан.
Во моментот на пожарот во домот имало 30 лица, од кои осум починале, седум се повредени, од кои на тројца им била укажана лекарска помош на Ургентниот центар, а на четворица на ВМА. Другите корисници се сместени во друг дом за стари лица, пренесува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

