Регион
Новaтa еврокомесарка за проширување: Мојот сон е целиот Западен Балкан да се интегрира во ЕУ

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос денеска во Брисел изјави дека нејзин сон е целиот Западен Балкан да биде интегриран во ЕУ.
Таа посочи дека проширувањето не е само технички процес, туку дека тоа значи обединување на Европа.
„Се работи за луѓето“, заклучи Кос на состанокот ЕУ-Западен Балкан, чиј домаќин беше организацијата „Пријатели на Европа“.
Кос рече дека постои реална перспектива дека за време на мандатот на актуелната комисија, еден или повеќе кандидати за членство во ЕУ ќе бидат доведени на „финишот“.
„Ова е и моја лична мисија“, рече Кос и додаде дека новата комисија е „Комисија за проширување“.
Таа, исто така, посочи дека ќе направи се за да помогне „билатералните спорови од минатото трајно да не стојат на патот на нашата заедничка иднина“.
„Мојот сон е целиот Западен Балкан да биде интегриран во оваа Унија и да видиме дека границите и билатералните конфликти исчезнуваат, исто како што се во многу други делови на нашиот континент. Ќе дадам се од себе да помогнам билатералните спорови од минатото да не стојат трајно на патот на нашата заедничка иднина“, рече Кос.
Таа нагласи дека смета дека е нејзина одговорност да биде „најдобриот застапник на идните членки“ и рече дека проширувањето на ЕУ е процес заснован на заслуги, заснован на демократија и владеење на правото.
„Но, ако кандидатите дадат резултати, сакам тоа да одговара на нивните напори. Ќе го посветам, заедно со мојот тим, целото мое искуство и енергија на подобрување на овој процес што е можно побрзо и поефикасно. И имам поддршка. Новата Комисија е Комисијата за проширување“, рече таа.
Таа, исто така, посочи дека претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, го задолжила секој член да има активна улога во поддршката на земјите кандидати.
„Ова значи дека нашите кандидати можат да сметаат на експертизата и посветеноста на сите делови на комисијата. Во Брисел има единство околу изградбата на поголема и посилна Европа“, рече Кос.
Таа додаде дека пристапните преговори бараат интензивен напор од целото општество и додаде дека кога ќе го посети Западен Балкан и другите земји во процесот на проширување, ќе се обиде да се сретне со сите.
„Сакам да патувам надвор од главните градови. Ќе сретнам бранители на човекови права, моќни жени, бидејќи граѓанските организации се важно сврзно ткиво меѓу владите и луѓето, кои ги засилуваат гласовите, ги штитат правата и имаат моќ да повикуваат на одговорност“, рече Кос.
Кос рече и дека прашањето не е само што ќе им донесе ЕУ на земјите кои се во процес на проширување, туку и што можат да направат за да придонесат за посилна и побезбедна Европа.
Потсетувајќи дека во неделата била во Киев, таа изјави дека таму ја пренела пораката дека украинскиот народ може да смета на неа да биде дел од нивниот тим и да им помогне да го подготват своето место во ЕУ.
„Истото им го кажав на сите лидери од Западен Балкан со кои се сретнав оваа недела“, изјави Кос.
Генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, Герт Јан Копман, рече дека проширувањето се враќа бидејќи сите нови инструменти „стапуваат во функција“, вклучително и Планот за раст за Западен Балкан.
Истовремено, тој изрази надеж дека овој месец ќе се одржат три меѓувладини конференции, меѓу кои и затворањето на четири поглавја со Црна Гора, пренесуваат медиумите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Полицијата приведе 79 демонстранти во Србија вклучувајќи и универзитетски професор

Речиси 80 демонстранти беа приведени вклучувајќи и еден универзитетски професор, а неколку лица беа повредени вчеравечер кога полицијата интервенира разбивајќи ги блокадите поставени во акции на сè помасовната граѓанска непослушност, на која повикаа студентите, по антивладиниот митинг на 28 јуни.
Студентите ја обвинија полицијата за брутален напад врз мирни демонстранти, кои седеа на раскрсница пред Правниот факултет, и за кршење на автономијата на универзитетот со обид за упад на Факултетот, тврдење што Министерството за внатрешни работи категорично го негира. Полицијата само во оваа операција привела 23 лица.
Според објавите на социјалните мрежи, приведена е и универзитетската професорка и активистка за човекови права, Билјана Стојковиќ.
Во ново соопштение во четвртокот наутро Министерството за внатрешни работи објави дека синоќа ги проверило идентитетите на вкупно 1.297 лица на терен, а 79 од нив се приведени – 72 за помали прекршоци и седум за кривични дела.
Сите блокади на територијата на Србија и во Белград се отстранети и сите патишта се проодни, додаде Министерството за внатрешни работи.
За денес се најавени акции на граѓанска непослушност во неколку градови.
Регион
(Фото) Масовна евакуација на туристи поради пожар на Крит

Голем пожар во Грција продолжува да беснее во источниот дел од островот Крит, откако избувна вчера попладне во тешко пристапна шумска област во близина на општината Иерапетра.
Пожарот го поттикнуваат ветрови со сила на ураган што достигнуваат до ниво осум степени според Бофортовата скала, што предизвикува брзо ширење кон југ и закана за станбени згради, туристички сместувачки капацитети и клучна инфраструктура, вклучително и бензинска пумпа.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Според службите за итни случаи, пожарот во моментов се шири на најмалку 6 километри, што го отежнува неговото локализирање. Густ чад зафатил поширока област, а видливоста на некои места е намалена на речиси нула.
Чадот се проширил дури до плажата Макри Гиалос, каде што пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот.

A wildfire at Ierapetra, on Crete island, Greece, 02 July 2025. A large wildfire erupted in the afternoon in an agro-forested area in eastern Crete, at the Ahlia site in Lasithi prefecture, with authorities later issuing an alert to local residents to evacuate towards Ierapetra. A total of 155 firefighters were dispatched to the scene, operating 38 vehicles, while two water-dropping aircraft assisted. EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Главниот пат во близина на населбата Агиа Фотија беше затворен за сообраќај, а полицијата ги повика жителите и туристите да избегнуваат секакви непотребни патувања поради исклучително лошиот квалитет на воздухот, екстремната топлина и пепелта што паѓа од небото.
Локалните извори наведуваат дека областа Агиа Фотија останала без електрична енергија. Најмалку четири постари лица беа однесени во болница со проблеми со дишењето предизвикани од вдишување чад.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Здравствените власти ги ставија сите болници на Крит во состојба на готовност. Властите наредија масовна евакуација на хотели, приватни сместувања и домови во општина Ферма, бидејќи пожарот се приближува кон областа. Операцијата се спроведува со поддршка на пожарникари, полиција и локални волонтери.
Досега, околу 1.500 луѓе се евакуирани од околните села и туристички области и однесени во Иерапетра. Околу 200 од нив се привремено сместени во градската спортска сала.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Противпожарните сили се значително засилени. До среда вечерта, на местото на настанот беа 155 пожарникари, осум специјализирани пешадиски екипи и 38 противпожарни возила.
До зајдисонце, четири хеликоптери фрлаа вода врз пожарот. Локалните општински власти, исто така, распоредија цистерни за вода и тешка механизација.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Дополнителни сили се на пат – уште 17 пожарникари, една пешадиска екипа и пет возила доаѓаат од Пиреја, а уште 33 пожарникари и четири дополнителни екипи на EMODE од Елефсина.
Пожарот, кој избувна помеѓу Агија Фотија и селото Скинокапсала, се шири низ густа, запалива вегетација. Сувите услови, стрмниот терен и силните ветрови го отежнуваат гаснењето.

EPA/NIKOS CHALKIADAKIS
Порано оваа недела, повеќе од 50.000 луѓе во Турција беа евакуирани поради пожар во Измир, а најмалку шест лица загинаа како резултат на топлотниот бран што ја погодува Европа – вклучително и Шпанија, Италија и Франција.
Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.