Регион
Од денеска во Хрватска задолжително е носење маска
Од денеска во Хрватска е задолжително носењето маска во продавниците. Маски, исто така, ќе мора да носат и вработените во кафулињата и рестораните.
Поради зголемениот број случаи на коронавирус, на сила стапи и новото правило за собири со повеќе од 100 луѓе кое подразбира посебен режим на однесување кое ќе го контролира цивилната заштита и полицијата.
На сила веќе стапија и построги мерки на границите според кои државјаните на сите земји членки надвор од ЕУ за влез во Хрватска мора да имаат негативен тест на коронавирус не постар од два дена или ако немаат тест ќе мора да одат во 14-дневен карантин.
Министерот за здравство, Вили Берош, рече дека нема да има затворање како што имало на почетокот на епидемијата.
„Хрватска со месеци покажуваше дека со паметни мерки може да направи добра епидемиолошка слика и да го заштити своето населенение, но тоа не го може без своето население. Секој мора да се однесува одговорно за себе и за другите. Ако може да се држиме до тоа, ќе може да функционираме многу добро“, рекол тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
По апсењето за трагедијата во Нови Сад, Весиќ штрајкувал со глад и одбил помош, денеска итно пренесен во болница
Поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, утрово со возило на брза помош од притворот во Нови Сад бил пренесен во болницата во Сремска Каменица.
Како што е објавија српските медиуми, поради нагло влошување на неговата здравствена состојба, по шестдневен штрајк со глад и одбивање лекарска помош, управата на Окружниот затвор во Нови Сад го известила Вишиот суд дека тоа му е неопходно да биде префрлен во болница.
Управникот на Окружниот затвор во Нови Сад, Миле Јандриќ, за Танјуг изјави дека Весиќ по специјалистички преглед е задржан на одделението за коронарна интензивна нега, со одобрение на судијата за претходна постапка.
Весиќ беше уапсен и приведен во Нови Сад поради падот на настрешницата на железничката станица во тој град на 1 ноември, при што загинаа 15 лица, а двајца се уште се во критична состојба.
Регион
Брнабиќ: Опозицијата сака граѓанска војна, власта сака работа и просперитет за сите граѓани
Претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ денеска изјави дека претставниците на опозицијата кои вчера направија бунт во Народното собрание сакаат граѓанска војна, а владејачката коалиција, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ сакаат работа и просперитетот на Србија со цел подобрување на стандардите на сите граѓани на Србија.
Брнабиќ за РТС изјави дека штетата направена вчера во Народното собрание ќе чини многу, и таа ќе се потруди целата да ја сноси опозицијата на чело со Драган Ѓилас.
„Разбирам дека бегаат да зборуваат за буџетот. Србија во првите девет месеци од оваа година е најбрзо растечка европска економија. Првиот пат кога зборуваме за буџетот имаме инвестициски рејтинг, во нивно време БДП беше 33 милијарди евра, а на крајот на годината ќе имаме повеќе од 80 милијарди, додека целта е до 2027 година, благодарение на паметната политика што ја води Александар Вучиќ, да имаме повеќе од 100 милијарди евра“, рече Брнабиќ.
Регион
Познатата српска актерка Слобода Миќаловиќ претепана во Белград
Познатата српска актерка Слобода Миќаловиќ, вчера, во 18.50 часот, била физички нападната од 47-годишната С. Д..
Како што неофицијално објави српски „Телеграф“, кај С. Д., по пристигнувањето на полицијата, било утврдено присуство на алкохол во крвта.
Како што пишуваат српските медиуми, тепачката се случила на плоштад во Земун.
Актерката наводно управувала со возило и кога тргнала напред, со предниот дел од автомобилот удрила во случајниот минувач С. Д. во пределот на коленото, што довело до вербален, а потоа и физички конфликт.
Актерката потоа била префрлена на Ургентниот центар.