Регион
Пациентите на Онкологија во БиХ очајни: „Немаат лекови, терапија, сè повеќе од листата на чекање умираат“

„Луѓето умираат поради негрижата на властите, се оспорува нашето право на лекување и здравје, правото на живот, изложени сме на отворена дискриминација“, велат пациентите на Онкологија во БиХ посочувајќи на проблемот со недостаток на финансиски средства во Фондот за солидарност, пишуваат медиумите во регионот.
Тие испратија иницијатива до Парламентот на БиХ за измена на ребалансот на буџетот за 2023 година со цел да се доделат потребните средства за лекување на најтешките болести. За проблемите со кои живеат тешко болните, за неизвесноста за исходот на болеста, за листите на чекање, но и за оние што не ја чекаа достапноста на лекот, за „Нов ден“ на N1 зборуваа: Фикрет Оперта, претставник на Здружението на пациентите со меланом на Федерацијата Босна и Херцеговина, Енида Глушац, претседател на Здружението на болните од рак на дојка „Ренесанса“ и Сеад Сефиќ, претседател на Здружението на болните од рак на простата на Босна и Херцеговина.
Сефиќ нагласува дека ситуацијата сега е драматична. Според сознанијата на заболените од рак од разни индикации, утврдено е дека 1.590 лица имаат потреба од лекување или медицинска помош.
„На вкупно 842 лица со датум 31 јули им треба итно лекување, а тоа се метастатски заболувања од разни индикации – меланом, бели дробови, рак на простата итн. Таа бројка денес е многу поголема и секако е поблиску до 1.000 отколку што беше забележано. Тоа значи дека имаме 1.000 луѓе што треба да се лекуваат, тие се на листа на чекање и тоа е недозволиво“, истакна Шефиќ.
Тој посочи дека „општеството овозможило да имаме ситуација на недостапност на лекување и дека е страшно што постои отворена дискриминација на пациентите“.
Глушац рече дека, за жал, веќе има случаи на жени што умираат на листите на чекање.
„Жените воопшто немаа шанса да се лекуваат. Не се знае каква ќе биде нивната судбина, но барем ќе имаа шанса. На овој начин државата не им даде шанса. За мене, тоа е убиство со умисла затоа што им скратиле нешто што им следувало како даночни обврзници и како граѓани на оваа држава. Секојдневно даваме пари за здравствено осигурување. Не бараме нешто што не ни припаѓа“, рече Глушац додавајќи дека треба да се знае оти бројот на заболени од рак на дојка секојдневно се зголемува.
Се случува жените да купуваат лекови во Турција, да пренесуваат лекови што не смее да ги префрлат преку граница, ова е суровата реалност на нашите пациенти“, истакна таа.
Фикрет Оперта прочита неколку пораки за тоа како живеат пациентите и со што се среќаваат во тоа општество.
„Не знам, оние што нема да ги поминат сите овие тешкотии тешко ќе ги разберат. Поминува еден месец пред да се свртиш, а на сестра ми треба да ѝ обезбедиме 5.000 евра. Дали да ги фотографираме моите и на мојот сопруг ливчињата за да видат колку се одбива за здравствена заштита во кантонот и фондот“, прашува еден пациент.
Друг пациент вели: „Овде нема ништо без јавен собир и додека целата Федерација Босна и Херцеговина не стане на нозе, срам да им е“.
„За сестра ми се борам 16 месеци, да не беа роднините и пријателите немаше да биде жива“, вели друга пациентка.
Тој напомена дека пациентите секојдневно преку групи на социјалните мрежи бараат лек на подарок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Косово врие од лажни евро монети – уапсени и лица од Македонија кои внеле над 10.000 такви монети во Приштина

Келнерите во едно кафуле во Приштина се откажаа од проверката дали монетите од две евра се оригинални или не, бидејќи ужасно голем дел од нив се фалсификувани, а поради квалитетот на некои речиси е невозможно да се открие дали се лажни или не.
„На почетокот сите внимаваа и ги проверуваа монетите од две евра“, вели келнерот Ендрит. Тој и неговите колеги ставале парички под светло или ги пуштале на маса и проверувале како звучат.
„Сега веќе не го правиме тоа… можеби добиваме вистински пари, а можеби и лажни пари. Исти се“, вели тој, пренесе „Индекс“.
Количината на монети од две евра во оптек годинава е драстично зголемена, велат владините агенции.
Косово и соседна Црна Гора не се дел од еврозоната, но сепак го користат еврото. Во лабораторијата во Приштина експерти проверувале повеќе од 30.000 лажни евро монети во првата половина од годината, наспроти 4.451 во истиот период лани.
„Квалитетот оди од многу лош до многу добар“, вели Вјолца Мавриќи, лабораторија.
„Претходно монетите не беа магнетни како сега. Имаа проблеми со грамажата, но сега целосно одговараат на оригиналот“, додаде таа. Полицијата соопшти дека лани пријавила 804 случаи на фалсификат кај обвинителството, а годинава досега 486 случаи.
„Индекс“ пишува дека во април полицијата уапсила маж и жена кои од Македонија донеле 10.600 фалсификувани монети од две евра во Косово. Бројни Албанци на социјалните мрежи објавуваат видеа на кои нудат лажни монети за 10 до 20 отсто од вредноста на вистинските евра.
Регион
Петмина Бугари во Британија обвинети дека се руски шпиони

Петмина државјани кои живеат во Обединетото Кралство ќе бидат обвинети за заговор за шпионажа за Русија.
Петмината ќе се појават во Вестминстерскиот суд следниот вторник, пишува „Би-Би-Си“.
Бугарските државјани се обвинети за заговор во периодот од август 2020 до февруари 2023 година за собирање информации кои би биле корисни за непријателот.
Обвинението уследи по истрагата на лондонската полиција. Тие се обвинети дека работеле на активни операции во Велика Британија и Европа и собирале и препраќале информации до руската држава.
Долги години живееле во Велика Британија. Кога беа уапсени во август, Би-Би-Си објави дека кај нив биле пронајдени лажни документи како лични карти и пасоши. Имале документи и од Бугарија, Франција, Шпанија, Италија, Грција, Словенија, Велика Британија, Чешка и Хрватска.
Кои се Бугарите обвинети за шпионажа?
Орлин Русев има историја на водење бизнис во Русија. Тој се преселил во Велика Британија во 2009 година и поминал три години работејќи во техничка улога во финансиските услуги. Неговиот профил на LinkedIn наведува дека тој подоцна поседувал компанија која се занимавала со разузнавање на сигнали, што вклучува следење на комуникациите или електронски сигнали, пишува Би-Би-Си.
Русев, чија последна адреса е приморска куќа за гости во Грејт Јармут, исто така вели дека некогаш бил советник на бугарското Министерство за енергетика.
Во Хароу, поранешните соседи ги опишаа Бизера Замбазов и Катрин Иванова како пар. Замбазов е опишан како возач, а Иванова спроред профилот на LinkedIn има лабораторија за приватен здравствен бизнис.
Брачниот пар кој се преселил во Британија пред десет години водел социјална организација која обезбедувала услуги за Бугарите, вклучително и запознавање со „културата и нормите на британското општество“. Според бугарските државни документи на Интернет, тие работеле и за изборни комисии во Лондон кои им овозможуваат на граѓаните кои живеат во странство да гласаат на бугарските избори, пишува Би-Би-Си.
Регион
Вучиќ: „Пред ОН ќе ги кажам фактите и вистината, нема да им се допадне тоа“

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека принципите на меѓународното јавно право и Косово и Метохија ќе бидат главни теми на говорот што утре ќе го одржи пред Обединетите нации.
Тој истакна и дека не е сигурен дека некому ќе му се допадне неговиот говор.
„Како некој што долго време се занимава со оваа работа и е ветеран, сакам да оставам трага со тој говор и да ги замолам граѓаните да го слушаат. Ќе биде по пет часот по српско време“, изјави Вучиќ за новинарите во Њујорк.
Тој рече дека ќе ги каже фактите и вистината. „Верувам дека тоа нема да им се допадне на многу луѓе“, додаде тој.
Посочи и дека при изборот на факти и вистина, од една страна, и дали тоа некому ќе му се допадне, го избира второто. Рече дека можеби ќе зборува подолго од предвидените 15 минути и дека нема да дозволи да биде прекинат.
„Не сум сигурен дека тоа некому ќе му се допадне поради општото лицемерство во светот. И за тоа ќе зборувам. Сите се повикуваа на принципи што постојат ако ги усвоите и ги применувате во секоја ситуација, а не тогаш кога вам ви одговара“, рече Вучиќ.
Според Вучиќ, ако територијалниот интегритет е највисок принцип во меѓународното право, тогаш како се кршат Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244.
„Тука нема принципи. Бараме и овде да важи она што се почитува во Украина, а тоа е територијалниот интегритет на Србија“, рече Вучиќ и истакна дека само за Србија се спротивни принципи.