Регион
Пленковиќ: По Хрватска, можеби е време некој друг да ѝ се приклучи на ЕУ
За разлика на претходните европски комисии, сегашната има вистинска политичка волја за проширување на Европската Унија, изјави денес во Загреб хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ додавајќи дека е можна некаква одлука до 2030 година ако некои кандидати се технички подготвени.
„За разлика од Комисијата на (Жан-Клод) Јункер или првиот мандат на Урсула фон дер Лајен, кога не чувствував искрена политичка волја во центарот на политиката во Брисел за постигнување проширување за која било земја кандидат, овој пат морам да признам дека атмосферата е малку поинаква“, рече Пленковиќ на Вториот годишен самит на Хрватска.
„Можеби е време некој друг да ѝ се приклучи по Хрватска“
„Овој пат можеме да ја почувствуваме политичката волја во извршната власт на ЕУ, дури и кај повеќето земји членки, дури и кај големите, дека можеби е време некој друг да ѝ се приклучи по Хрватска, која се влезе на 1 јули 2013 година“, додаде Пленковиќ.
Комисијата би сакала да отвори преговарачки кластери со Украина и Молдавија до крајот на оваа година. Сепак, земјите членки одлучуваат за ова едногласно. Досега нема таква едногласност бидејќи Унгарија остро се спротивставува на членството на Украина во Унијата, анализираат медиумите.
Хрватскиот премиер потсети дека постојат две групи земји кандидатки: Украина и Молдавија во едната група, а земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан во другата група, и ја посочи Црна Гора како лидер. „Мислам дека би можеле, ако успеат да бидат технички подготвени, да имаме политичка одлука за некои пред 2030 година“, рече Пленковиќ.
Сепак, тој ги повтори своите тврдења дека апсорпцискиот капацитет на блокот ќе биде клучен за динамиката на проширувањето осврнувајќи се на четвртиот Копенхашки критериум од 1993 година, кој се однесува на буџетските трошоци за проширување и на влијанието на новите членки врз односите меѓу земјите што придонесуваат и оние што го користат.
„Речиси 80 проценти од европскиот буџет, всушност, го полнат 10-те најбогати земји на Унијата, а приближно 20 проценти одат за сите други односи. Побогатите земји, основачите, големите силни економии, не се нужно возбудени што помалите земји, кои многу малку придонесуваат, седнуваат на маса и во суштина одлучуваат за главните политики еднакво, особено кога станува збор за прашања каде што е потребна едногласност“, рече премиерот.
Тој потсети дека Германија, Франција и Италија еднаш се откажаа од двајца комесари во Комисијата во корист на проширувањето.
„А сега тие имаат ист број влијателни луѓе како и земјите што многу малку придонесуваат. Затоа процесот на донесување одлуки и буџетските импликации се во срцето на процесот на проширување“, објасни тој.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

