Регион
Прво судење против Хашим Тачи во Хаг

Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, денеска, во 15 часот, првпат ќе се појави пред судот во Хаг. Еден од основачите и челните луѓе на Ослободителната војска на Косово – ОВК ќе се појави пред судот за да биде запознаен со обвинението и ќе треба да се изјасни дали се чувствува виновен или не.
Тој може веднаш да се изјасни за вина или во рок од 30 дена на ново рочиште.
Поранешните офицери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи – се обвинети пред судот во Хаг за најмалку 98 убиства.
Тие се обвинети за злосторства извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија над најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 биле убиени од март 1998 година до септември 1999 година.
Тачи сам се предаде на 5 ноември откога поднесе оставка на функцијата претседател.
Обвинението ги товари Тачи и другите за политички и етнички прогон, затворање, незаконско апсење и притвор, други нехумани дела, суров третман, тортура и убиства.
Овие злосторства се квалификувани, во пет точки, како злосторства против човештвото и воени злосторства.
Во привремената влада на Косово, прогласена во март 1999 година, Тачи беше премиер, Весели беше министер за разузнавање, Селими беше министер за внатрешни работи, а Красниќи беше портпарол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Од топлотен бран до бури: силно невреме во Солун и на Халкидик

Силното невреме што го погоди Солун во четвртокот наутро предизвика проблеми кај населението.
Обилните дождови ги претворија главните патишта во реки, а локалните извештаи покажуваат дека шахтите пукнале под притисокот на водата, објавува „Товима“.
Πλημμύρισε το κέντρο της Θεσσαλονίκης και οι δρόμοι γύρω από το Βαρδάρη#tanea #taneagr #news #rain #βροχη #kairos #καιρος #weather #thessaloniki #skg #viral #summer #fyp pic.twitter.com/eYTi1EDe7y
— TA NEA (@ta_nea) July 31, 2025
Мотоциклист е повреден кога изгубил контрола на лизгава улица во центарот на градот, поточно на прометната авенија Цимиски.
Според анализите на феноменот преку страницата Weather Analysis на „Фејсбук“, за помалку од еден час се забележани 37 литри дожд на квадратен метар, количина што одговара на просечните вкупни врнежи од дожд за цел јули, пренесува медиумот.
Службите за цивилна заштита се во состојба на готовност бидејќи слични временски услови се очекуваат и во наредните денови според прогнозите, објавува grtimes.gr.
Обилни врнежи од дожд се регистрирани во Солун, на Халкидик и во Кукуш, како и на планинските делови во Епир, Тесалија, Спорадиските Острови и во некои делови од Тракија.
Фото: принтскрин
Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои речиси 700 се згрижени во Хрватска преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување решение за две држави во седиштето на ОН.
Регион
Украинско комбе се судри со руски камион во Словенија, петмина загинати

На автопатот кој ги поврзува Марибор и Љубљана, во близина на излезот Словенска Коњица, во правец на Љубљана, се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа пет лица, а две се повредени. Несреќата се случила кога патничко комбе удрилo во камион. Сите жртви биле странски државјани, соопшти словенечката полиција, јавуваат медиумите во регионот.
Според досега утврденото, возачот на комбе со украински регистарски таблички, кое превезувало седум лица, поради несоодветна брзина, удрил во задниот дел од приколка која стоела во ред поради работи на автопат. Пет лица загинале во комбето на местото на несреќата.
Возачот, кој ја предизвикал несреќата, е полесно повреден, додека патничка е тешко повредена. Двајцата повредени се пренесени во болница, а тешко повреденото лице е пренесено со хеликоптер. Идентитетот на загинатите сè уште се утврдува.
Возачот на камионот, руски државјанин, не е повреден, но му е понудена психолошка помош поради сериозноста на несреќата, објавува Радиотелевизија Словенија. Несреќата се случила непосредно пред одморилиштето Тепање, на дел од автопатот каде што се во тек големи работи – се реновираат 13 километри пат, два тунела и три вијадукти. Полицијата потврди дека несреќата се случила пред работната зона каде што се формираат долги редици поради затворени ленти.
Фото: принтскрин