Регион
Пукање во Сплит: напаѓач влетал во банка и зел работник како заложник

„Слободна Далмација“ пренесува дека денеска нешто пред 12 часот во Сплит се случил обид за грабеж во банка спроти зградата на општинскиот суд.
Очевидци пријавиле дека разбојникот наводно го зел како заложник обезбедувачот и се обидел да побегне, но полицијата бргу пристигнала на местото на нападот и дошло до престрелка.
Млад човек загинал во вкрстен оган со полицијата, а според првите информации на тамошните медиуми, младиот човек пукал во полицајка, која возвратила по обидот да ограби банка.
Првите информации велат дека разбојникот е убиен, но сѐ уште нема официјална потврда на оваа информација од сплитската полиција.
Според написите, на местото на обидот за грабеж на банката први пристигнале две полицајки и разбојникот почнал да пука.
Тие се обиделе да го предупредат пукајќи од службените пиштоли во воздух, но тој не обрнал внимание, па пукале и го убиле.
„Го напуштив теренот и наеднаш слушнав викање и истрели. Бев страшно исплашен, не знаев што се случува, па истрчав да се скријам“, изјави еден од сведоците.
Полицијата го опколи поширокото место на злосторството, а сообраќајот во една од главните улици во центарот на Сплит беше блокиран од 12.30 часот.
Зградата на банката е оддалечена само 10 метри од општинските и окружните судови и 30-ина метри од зградата на сплитско-далматинската полиција.
Полицијата најави дека набргу ќе објави информација за настанот.
Според очевидци, разбојникот наводно зел заложник еден обезбедувач и се обидел да побегне, но полицијата пристигнала многу бргу и дошло до престрелка, пишува „Слободна Далмација“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Српски бизнисмен брутално претепан во Загреб, крвав лежел пред хотел

Саша Мирковиќ, српски претприемач, музички продуцент и сопственик на „Хајп телевизија“, бил претепан пред хотел во центарот на Загреб, објавија српските медиуми.
Според нивните наводи, Мирковиќ и уште еден маж се сретнале на влезот во хотелот, по што дошло до вербален конфликт кој прераснал во физичка пресметка. Српски Телеграф објави снимки на кои се гледа како крвавиот Мирковиќ лежи на тротоарот, веднаш по тепачката.
Набрзо пристигнала брза помош и го однела во болница.
Регион
70-годишен маж почина во Хрватска: бил силуван и претепан од 36-годишник

Седумдесетгодишен маж од Чаковец, кој бил нападнат на почетокот на март, починал пред неколку дена во болница, пренесуваат хрватските медиуми. Нападот се случил на 8 март кога 36-годишен познаник го намамил во напуштена куќа во Чаковец, каде што го силувал, претепал и ограбил под закана со нож.
И покрај сериозните повреди, човекот успеал сам да стигне до болницата во Чаковец, каде што лекарите го прегледале и го пуштиле дома. Следниот ден отишол да го пријави злосторството во полиција, и повторно бил однесенво болница. Сепак, тој бил отпуштен по втор пат бидејќи лекарите процениле дека нема потреба да го задржат.
Семејството е огорчено од начинот на кој болницата постапила во случајот, истакнувајќи дека човекот бил во сериозна состојба и двапати бил отпуштен дома и покрај сериозните повреди на главата.
На крајот бил хоспитализиран во болница, каде што ги поминал последните денови од својот живот, пишуваат тамошните медиуми.
Напаѓачот, кој веќе ѝ бил познат на полицијата, бил уапсен кратко време по инцидентот. Тој е обвинет за силување и грабеж.
Канцеларијата на државниот обвинител на округот Вараждин, исто така, се огласи за случајот. Портпаролот Дарко Галиќ потврди дека истрагата е сè уште во тек.
„Со оглед на смртта на жртвата, ова повеќе не е кривично дело обид за убиство, туку убиство. Обвинетиот е во притвор. Истрагата ќе ги опфати потребните вештачења и други доказни дејствија, врз основа на кои ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, рече Галиќ.
Регион
Српски политичар објави фотографија: „Вучиќ седи во задниот ред кај шефот Путин“

Никола Сандуловиќ, претседателот на српската Републиканска партија, на Фејсбук сподели фотографија од вчерашниот прием на светските лидери во Москва, на која се гледа каде бил поставен српскиот претседател Александар Вучиќ во однос на другите светски лидери.
„Еве колку вреди српскиот диктатор Александар Вучиќ во вистинската меѓународна политика… тој седи во задниот ред кај својот шеф Путин, како и на сите други важни меѓународни состаноци каде што се собираат претседателите на земјите.
Само во Србија тој може, преку лаги, измислици и сопствени мистификации, да се претстави како значајна политичка фигура на меѓународната сцена… инаку, на овие собири секогаш може да се види што мислат за него и како се однесуваат кон него“, напиша Сандуловиќ.
Вучиќ пристигна во Москва за да присуствува на големата воена парада на Црвениот плоштад по повод 80-годишнината од победата над фашизмот.