Регион
Радев ќе се кандидира за втор мандат

Бугарскиот претседател, Румен Радев, најави дека заедно со потпретседателката Илијана Јотова ќе се кандидира за втор мандат како шеф на државата на претседателските избори што ќе се одржат на крајот на годината.
„Ова рано објавување на нашата кандидатура им овозможува на бугарските гласачи да имаат право на информиран избор, а исто така им овозможува на политичките сили да одлучуваат. Како претседател и потпретседател, ќе продолжиме да работиме за обединување на општеството, за надминување на беззаконието и за гарантирање на достојното место на Бугарија во европското семејство“, изјави Радев, пренесе БГНЕС.
Тој посочи дека засега не преговарал со политичките партии за поддршка на кандидатурата со Јотова.
„Со Јотова очекуваме да бидеме заедно со бугарските социјалисти, како и со сите угледни Бугари, за да ја придвижиме Бугарија напред. Довербата меѓу нас и БСП се зајакна за овие тешки четири години од нашиот мандат. Тие докажаа дека продолжуваме да ја исполнуваме нашата заложба за нова Бугарија. Очекувам повторно да бидеме заедно со БСП“, рече Радев.
Како што додаде, во оваа бурна година за Бугарија претседателската институција продолжила да ги брани интересите на Бугарите, да биде последната бариера за беззаконието, да работи за модернизација на Бугарија и за интересите на Бугарите во странство.
„Протестите што избувнаа ја потврдија исправноста на мојот став. Претседателската институција ги поддржа фер барањата на демонстрантите со барањето за оставка на владата“, рече бугарскиот шеф на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мицкоски треба да најде начин да се извини, вели бугарскиот премиер

Наративот и изразувањето на премиерот Христијан Мицкоски ќе им го оставам на оние што го познаваат Езоп. Република Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни обврските што самата ги презела.
Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Жељазков во врска со „неприфатливиот и навредлив јазик на Мицкоски кон министерот за надворешни работи, Георги Георгиев“, објави „Бгнес“.
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини“, вели Жељазков.
Тој додаде дека политичката зрелост бара да се исполни она што е договорено.
„Довербата во овие времиња е многу кревка“, истакна премиерот.
Жељазков изјави дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Република Македонија, но непоколебливо врз основа на исполнувањето на обврските од договорот од 2022 година и договорот за добрососедство, според написите во медиумот.
Регион
Фон дер Лајен: ЕУ знае дека е одговорна за неуспехот да се спречи геноцидот во Сребреница

Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во Сребреница пред 30 години, ја признава својата одговорност за неуспехот да се спречи геноцидот и нема да дозволи историјата да се повтори, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во изјава по повод 30-годишнината од геноцидот во босанскиот град.
„ЕУ никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го прифаќаме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за неуспехот да се спречи и запре геноцидот“, изјави претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ нема да дозволи историјата да се повтори и „отфрла и осудува какво било негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и величењето на воените злосторници“.
Претседателката на Комисијата вели дека голема одговорност лежи кај политичките лидери, особено кај оние во Босна и Херцеговина и Западен Балкан.
„Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и вистинското почитување на жртвите. И тие мора активно да работат кон помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и попросперитетна иднина за следната генерација“, се вели во соопштението.
„Наша должност е да се сетиме и да ја зачуваме вистината за идните генерации точно да знаат што се случило. Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски егзекутирани и закопани во масовни гробници во „безбедната зона“ на ОН во Сребреница, град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја опустоши Босна и Херцеговина“, рече претседателката на Комисијата.
Фон дер Лајен испрати порака до граѓаните на Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека ЕУ е со нив.
„Остануваме целосно посветени на поддршката на вашата земја на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Вашите политички лидери треба да го направат својот дел за да се осигурат дека вашата земја ќе го најде своето место во срцето на нашата Унија, каде што припаѓа.“
По падот на Сребреница, семејствата пријавија дека 8.372 лица се исчезнати, а досега се пронајдени и ексхумирани останки на нешто помалку од седум илјади, додека потрагата по останатите е во тек.
Повеќето од идентификуваните се погребани на спомен-гробиштата во Поточари.
Регион
„Останете внатре“: пожар во Солун, гори индустриска зона

Во петокот наутро, пожар избувна во индустриската зона „Синдос“, на западната страна од Солун.
Пожарот избувна околу 9:30 часот наутро на отворената површина на компанијата за рециклирање и отпад. Според противпожарната служба, горат ѓубре, палети и гуми.
На терен има голем број пожарникари со 12 цистерни, кои учествуваат во гаснењето на пожарот.
На граѓаните им е испратена итна порака преку системот 112:
„Пожар во индустриски погон. Опасни испарувања. Останете внатре, затворете ги вратите и прозорците. Следете ги упатствата на надлежните органи“.
Во овој момент, не е познато како започнал пожарот, пренесуваат медиумите во регионот.