Регион
Разбиена криминална група за илегална миграција во Грција, правеле лажни пасоши и ги продавале за 600 евра

Уапсени се 23 лица осомничени за криумчарење илегални мигранти и фалсификување документи во Грција, а се уште се трага по 26 други членови на оваа криминална мрежа.
Оваа банда преку шверц и фалсификување заработила 4.865.200 евра, а меѓу уапсените е и водачот на групата, кој од почетокот на 2024 година правел лажни патни исправи за мигранти, јавува ЕРТ.
При претреси на четири локации во Атина и Пиреја, запленети се 4.831 лажни патни исправи во вредност од 68.000 евра, а идентификувани се 558 мигранти прошверцувани во ЕУ од оваа група.
Во зависност од тоа дали шверцувале мигранти по пат, море или воздушен пат, трошоците за превоз се движеле од 700 до 8.000 евра, додека фалсификуваниот документ чинел од 400 до 600 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Референдум на 25 октомври во Република Српска за одлуките против Милорад Додик

Народното собрание на Република Српска синоќа на вонредна седница донесе одлука на 25 октомври да се одржи референдум во врска со пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија да му се одземе претседателскиот мандат.
Претседателот на парламентот, Ненад Стевандиќ, информира дека од вкупно 65 пратеници присутни на седницата, 50 гласале „за“ организирање на референдумот, додека пратениците од опозицијата кои беа во салата одбија да гласаат.
Милорад Додик, кој повеќе од една деценија ја предводи Република Српска, во февруари беше осуден од Судот на БиХ за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница. Судот му забрани да извршува јавни функции, а на 6 август Централната изборна комисија официјално му го прекина претседателскиот мандат, што отвори постапка за распишување предвремени избори.
По оваа одлука, Додик најави дека единствен начин да се изрази ставот на граѓаните е преку референдум. На гласањето во октомври, жителите на Република Српска ќе треба да одговорат дали ги прифаќаат одлуките на високиот претставник, пресудите на Судот на БиХ и решението на Централната изборна комисија за прекинување на неговиот мандат.
Регион
Црна Гора во железнички хаос, штрајкот на диспечерите го блокираше сообраќајот

Железничкиот сообраќај во Црна Гора е целосно во прекин поради штрајк на диспечерите на возови, кои бараат зголемување на платите. Прекинот започна вчера, кога меѓународниот воз од Белград пристигна на перонот во Подгорица, но остана таму без да продолжи. Патниците беа префрлени во автобуси, додека најголем проблем се создаде за оние чии автомобили останаа во вагоните.
Од Железничката инфраструктура на Црна Гора (ЖИЦГ) реагираа остро, нарекувајќи го штрајкот „саботажа“ и најавија кривична одговорност за дел од учесниците.
„Подготвени сме за дијалог со работниците, но не и за уцени“, соопшти раководството, додавајќи дека преговори за повисоки плати веќе се водат со репрезентативните синдикати.
Министерството за транспорт на Црна Гора исто така изрази загриженост, особено поради информациите дека одредени малцински акционери стојат зад организацијата на штрајкот.
„Очекуваме надлежните органи, пред сè Државното обвинителство, да ги истражат сите наводи и да утврдат кој е одговорен за настанот и за материјалната штета што е предизвикана“, стои во соопштението од министерството.
Во меѓувреме, патниците остануваат во неизвесност, а железничкиот сообраќај е блокиран сè додека не се најде решение меѓу управата и диспечерите.
Регион
Додик: Ќе се повлечам од политиката 10 години под еден услов

Милорад Додик, на кој Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска врз основа на конечна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, понуди да се повлече од функцијата во парламентот на РС на десет години под услов претставниците да ја поддржат одлуката за распишување на претседателските избори од страна на ентитетската изборна комисија, а не од Централната изборна комисија.
„Предлагам претседателот на ентитетската изборна комисија да биде од СДС или ПДП. Но, вие нема да го направите тоа. Вие сакате Централната изборна комисија да ги брои гласовите“, рече Додик.
Тој тврди дека Централната изборна комисија нема овластување да распишува предвремени избори или да му го одземе мандатот: „Централната изборна комисија не може да распишува избори, тоа може да го направи само ентитетската изборна комисија. Нема да добиете нов претседател ако Централната изборна комисија распише избори“, рече Додик.
Тој ја отфрли пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, тврдејќи дека станува збор за политички прогон поради неговото противење на префрлањето на државниот имот на ниво на Босна и Херцеговина. Тој ја обвини меѓународната заедница и дел од бошњачката политичка елита дека го оспоруваат Уставот на РС, а опозицијата дека работи против интересите на ентитетот.
Тој уште еднаш го оспори легитимитетот на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и неговите таканаречени бонски овластувања, врз основа на кои беше осуден. „Ние го внесовме нашиот суверенитет во Босна и Херцеговина, имавме своја држава. Милорад Додик не е РС, но Додик е претседател на РС“, рече Додик, нарекувајќи го Дејтонскиот договор „измама за српскиот народ“.
фото: принтскрин