Регион
Рама: Не очекуваме преговори за членство во ЕУ, виновна е Бугарија

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека не очекува самитот на ЕУ следната недела да го отвори патот за неговата земја да ги почне преговорите за членство и ја префрли вината на Бугарија.
Сите влади на ЕУ уште во март 2020 година се согласија да им дадат зелено светло на Албанија и Северна Македонија за почеток на преговорите за членство. Но, преговорите допрва треба да почнат откако Бугарија инсистираше на тоа дека сака отстапки од Северна Македонија во билатералните спорови кои се однесуваат на јазикот, историјата и идентитетот, пишува Политико.
Иако блокадата на Софија се однесува само на Северна Македонија, ЕУ инсистираше заеднички да ги решава кандидатурите за членство на Албанија и Северна Македонија – така што и Албанија е ефективно блокирана.
Додека ЕУ притиска Украина во екот на војната да стане кандидат за членство во ЕУ на самитот следната недела, овој статус Северна Македонија го доби во 2005 година, а Албанија во 2014 година, но сепак не успеа ниту да почне разговори со ниту една земја.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја посети Бугарија минатата недела во обид да ја надмине блокадата на Софија пред претстојниот самит во Брисел, кој ќе се одржи в четврток и v петок следната недела. Но, во интервју за Политико, Рама јасно кажа дека е песимист.
„Немам никакви очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Северна Македонија нема формално да ги почнат преговорите“, рече тој.
На прашањето дали некои лидери на ЕУ сигнализирале дека разговорите може да започнат наскоро, Рама одговори: „Какви сигнали можат да дадат? Не се работи за нив. Повторно, се работи за Бугарија. Сите се согласуваат, сите поддржуваат, сите мислат дека ова треба да се случи. Но се ограничени од Бугарија“.
Рама не очекува бугарските лидери да ја променат својата позиција, бидејќи, како што рече, тие го претвориле спорот во толку големо прашање што е исклучително тешко да се повлече.
„Тоа е спирала. Влегоа во спирала. И од таа спирала, многу, многу е тешко да се излезе“, изјави Рама, кој ќе присуствува на состанокот на лидерите од Западен Балкан и ЕУ во Брисел пред самитот.
„Политико“ потсетува дека бугарските функционери се држат до својата позиција, инсистирајќи дека тие едноставно бараат од Северна Македонија да се придржува до претходните обврски и да бара заштита на правата на Бугарите во земјата.
Северна Македонија, од своја страна, изјави дека прави напори со добра волја да се ангажира со Софија и нагласи дека билатералниот спор не треба да го одложи почетокот на разговорите меѓу ЕУ и потенцијалната членка.
Рама потврди дека ако нема напредок овој месец, тој ќе побара кандидатурата за членство на Албанија да се третира одвоено од онаа на Северна Македонија – чекор што ЕУ досега не сакаше да го преземе, а официјалните лица тврдат дека би било подобро за регионалната стабилност ако двајца соседи би можеле да напредуваат заедно.
„Ако ништо не се случи во јуни, ќе побараме да се разделиме од оваа двојка која е изгубена во преводот“, рече Рама. „Уверен сум дека тоа е она што треба да го направиме, тогаш дали (лидерите на ЕУ) ќе се согласат или не, ќе видиме“.
Албанскиот лидер, исто така, рече дека ја поддржува идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за европска политичка заедница – организација која ќе биде отворена и за членки, но и за земји кои не се членки на ЕУ.
„Мислам дека е во право. Ова требаше да се направи одамна, затоа што ова е визионерско“, рече Рама, притоа одбивајќи да навлегува во детали за формата што заедницата треба да ја има.
„За ова може да се разговара, но во принцип, да се има една политичка заедница која се организира на различни начини е многу важно, а тоа е надвор од Европската Uнија што ја имаме денес која очигледно не е во состојба да се соочи со предизвиците на времето“, рече тој.
Макрон го постави својот план делумно како одговор на војната во Украина, сугерирајќи дека предложената заедница ќе биде побрз начин за Киев да се интегрира во европските политички структури отколку долгиот процес на пристапување во ЕУ.
Војната во Русија, исто така, ги истакна поделбите на Западен Балкан. Некои земји – како Албанија – ја следеа ЕУ во воведувањето санкции кон Русија, додека други – како Србија – не, пишува „Политико“.
Иако Србија и Албанија често беа во несогласувања во текот на децениите, Рама се заложи за разбирање за позицијата на Белград.
„Морате да разберете дека Србија е во многу поинаква позиција од многу други, поради нејзината историја, поради нејзините посебни врски со Русија“, рече тој.
Тој додаде дека верува оти Србија треба да воведе санкции со текот на времето, но предупреди да не се притиска Белград, кој е силно зависен од Москва за снабдување со енергија, да го направи премногу прерано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Спречен собир на Парадата на гордоста во Истанбул, приведени десетици луѓе

Турската полиција спречи стотици луѓе да се соберат на годишната Парада на гордоста во Истанбул и уапси десетици откако локалните власти ја забранија парадата и оваа година. Илјадници луѓе некогаш учествуваа на парадите долж улицата Истиклал во Истанбул, но во последниве години владата предводена од претседателот Тајип Ердоган и неговата АК Партија од исламистички корени го заостри својот став за слободата на ЛГБТК + луѓето.
Хомосексуалноста не е кривично дело во Турција, но има сè поголема одбивност кон неа, додека полициското сузбивање на поворките станува се пожестоко секоја година. Полицијата со опрема за немири упадна на собирот, отстранувајќи стотици демонстранти со камиони. Јавниот превоз во областа исто така е суспендиран.
Локалните власти во областа Бејоглу ги забранија сите настани за време на Неделата на гордоста, помеѓу 20 и 26 јуни, со образложение дека чувствителноста на општеството може да доведе до немири.
Регион
Шмит: Додик ме покани на неговиот имот, прво ќе работиме потоа ќе пиеме ракија

Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, чиј легитимитет го оспоруваат политичарите на Република Српска, во интервју за телевизијата БН рече дека членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, го поканил на неговиот имот.
Имотот на Додик се наоѓа во Бакинци кај Лакташи, а Шмит вели дека засега не ја прифатил поканата, пренесува Аваз. Шмит истакна дека тој и Додик се познаваат со години. На прашањето дали сè уште е оспоруван од одредени политички структури, Шмит одговара дека не треба да се обрнува толку внимание на оние кои се занимаваат со оваа тема.
„Можам само да кажам дека сум во целосна функција, дека настапував во Советот за безбедност, одам во Белград и таму сум прифатен од Александар Вучиќ и патријархот. Кога имам благослов од црквата, тогаш мора да биде тоа “, рече високиот претставник во БиХ.
Шмит додава дека дури и Руската Федерација го признала во Советот за безбедност на ОН како експерт за БиХ. Тој вели дека се чувствува задоволно, но не му се допаѓа што темите треба да се дискутираат настрана. Тој се осврна на неговиот однос со Додик.
„Милорад Додик и јас се знаеме со години, имам покана да дојдам на неговиот приватен имот. Можеби подоцна ќе разговараме за тоа. Прво ќе работиме, јас сум Германец, а потоа ќе пиеме ракија” вели Шмит.
Регион
Турција не отстапува во однос на членството на Шведска во НАТО

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, сигнализираше дека нема напредок во разговорите со Шведска за влез во НАТО, пренесува АФП.
Во телефонски разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон, Ердоган го повика Стокхолм да преземе конкретни активности за да се справи со загриженоста на Анкара. Ердоган истакна дека Шведска мора да преземе чекори во борбата против тероризмот и побара да се види посветеност по ова прашање.
Телефонски разговараше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со Ердоган, а потоа на „Твитер“ објави дека следната недела продолжуваат разговорите во Брисел и Мадрид.
Турција се противи на приемот на Шведска и Финска во НАТО, тврдејќи дека Стокхолм не го спречува финансирањето на курдските терористички групи. Анкара сака Шведска да преземе конкретни мерки против забранетата во Турција Курдска работничка партија, да го укине ембаргото за оружје и да вети дека нема да го воведува во иднина.