Регион
Русите ја вратија во БиХ иконата што им ја подари Додик
Руските власти ѝ ja предадоа на Амбасадата на Босна и Херцеговина во Москва иконата што претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, му ја подари на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по што се отворија низа прашања за нејзиното потекло, објавија медиумите во БиХ.
Амбасадорот на БиХ во Русија, Жељко Самарџија, рече дека во наредните денови ќе биде организирано префрлувањето на иконата во БиХ преку дипломатски канали.
Иконата со ликот на свети Никола, наводно позлатена и стара 300 години, Додик му ја подари на Лавров за време на неговата официјална посета на БиХ на 14 декември. Медиумите блиски до Додик обрнаа големо внимание на овој чин објавувајќи фотографија од задниот дел на иконата со восочен печат докажувајќи дека таа е регистрирана во Украина како уметничко дело. Круговите на Додик ширеа информации дека иконата е пронајдена во Луганск во делот на Украина кој е под контрола на проруските сепаратисти.
По избувнувањето на скандалот, бидејќи никој не понуди објаснување од каде потекнува иконата на Додик, Украина испрати дипломатска нота до БиХ, во која бара дополнителни информации. Самиот Додик немаше коментар за скандалот седум дена по што неговата канцеларија им понуди на медиумите тврдење дека таа не е украдена, туку станува збор за семејна сопственост. Тие не кажаа ништо за тоа како иконата, всушност, пристигнала во БиХ.
Ова појаснување само поттикна дополнителни прашања, кои повторно останаа неодговорени, но затоа канцеларијата на Додик денеска испрати дипломатска нота до украинската амбасада барајќи од земјата да докаже дека иконата е нејзин имот или културно богатство.
„Доколку Украина има докази дека станува збор за икона што е дел од украинското културно, религиозно и историско наследство, ве молиме, информирајте ја Амбасадата кому и во кое време му припаѓала иконата, дали е отуѓена, од кого, кога и каде и дали се наоѓа на која било листа на отуѓени предмети што ги бара Украина“, стои во белешката на Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Почина 13-годишното девојче кое падна од шести кат од зграда во Мостар
Почина тринаесетгодишното девојче кое падна од балконот на шестиот кат во зграда во Мостар.
Информација за „Аваз“ ја потврдил Људевит Мариќ, портпарол на полицискиот оддел на МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Инцидентот бил пријавен во полиција во 14 часот и 30 минути, а на лице место бил спроведен увид, предводен од дежурниот кантонален обвинител на Обвинителството на Херцеговско-неретванскиот кантон.
Како што беше речено, преземени се сите потребни истражни дејствија за целосно расветлување на сите околности на овој настан.
Во моментот на падот, според „Аваз“, девојката била сама во станот, а малку порано нејзината мајка излегла да пазари во блиската продавница.
Откако дознала за несреќата, жената доживеала шок.
Регион
Тринаесетгодишно девојче паднало од шести кат од зграда во Мостар
Тринаесетгодишно девојче е во тешка состојба откако паднало од балкон на станбена зграда во Мостар.
Таа е хоспитализирана во Универзитетската клиничка болница Мостар, пренесува Klix.ba потврда од оваа здравствена установа.
Според првичните информации како што пишува медиумот тоа се наоѓа на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
Според неофицијални информации, девојката паднала од шести кат.
Засега не се познати околностите за нејзиниот пад, според написите.
Регион
Борисов ја повлекува кандидатурата за премиер
Лидерот на централно-десничарската бугарска партија ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, ја повлече својата кандидатура за премиер на Бугарија и одлучи да го врати мандатот за формирање влада.
„Не сакам повеќе да се занимавам со оваа земја. Ќе го вратам мандатот штом го добијам“, изјави Борисов на прес-конференцијата.
Борисов ја донесе одлуката по неуспешните преговори за коалиција по парламентарните избори во октомври, на кои ГЕРБ освои најмногу гласови, но без доволно мнозинство за самостојно да формира влада.
Минатата недела Борисов и понуди на коалицијата „Продолжување на промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) поддршка за кандидатурата на Атанас Атанасов за претседател на парламентот, под услов да формираат заедничка влада со него како премиер, но тој предлог беше одбиен.
Парламентот се уште е блокиран, а пропаднаа и обидите за избор на претседател на Собранието.