Регион
Руските олигарси се добредојдени во Турција

Руските олигарси се добредојдени во Турција, но тие мора да го почитуваат меѓународното право кога работат, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Турција ја осуди руската инвазија на Украина, но рече дека се противи на санкциите наметнати од нејзините сојузници во НАТО, пренесе Ројтерс.
„Доколку руските олигарси или било кој руски граѓанин сакаат да ја посетат Турција, се разбира дека можат да го направат тоа. Дали олигарсите можат да работат во Турција? Ако тоа е легитимен бизнис што не е спротивен на меѓународното право, тогаш ќе го разгледаме“, рече Чавушоглу.
„Ако тие дејствуваат спротивно на меѓународното право, тогаш тоа е друга приказна“, додаде тој.
Две суперјахти поврзани со рускиот милијардер Роман Абрамович, на кого западните земји воведоа санкции, се закотвија во турските одморалишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Словенечкиот парламент го потврди Роберт Голоб за премиер

Словенечкиот парламент го потврди назначувањето на лидерот на Движењето за слобода, менаџерот Роберт Голоб, за премиер, кој парламентарците треба да го изберат следната недела.
Во средата за Голоб гласаа 54 пратеници, 30 беа против, а еден глас беше неважечки.
Пред гласањето Голоб изјави дека врз основа на големата доверба што му ја дале на изборите на 24 април, сака да им даде на Словенците надеж за подобра иднина и да им ја врати животната радост, пренесе „Хина“.
Регион
Словенечкиот парламент денеска ќе гласа за мандатарот на идната влада, Роберт Голоб

Словенечкиот парламент денеска ќе гласа по предлогот за назначување на Роберт Голоб за мандатар на новата влада, што е прв чекор кон формирањето на извршната власт во земјата по изборите одржани на 24 април.
Голоб вчера го потпиша однапред усогласениот коалициски договор меѓу неговата партија Движење слобода со социјалдемократите на Тања Фајон и Левицата на Лука Месец изјавувајќи дека предвидените процедури за формирање и почетокот на работата на новата влада ќе бидат завршени веќе наредната седмица.
По потпишувањето на коалицискиот договор, Голоб рече дека бргу биле усогласени целите на работењето на новиот кабинет, но посочи дека со оглед на брзите промени на околностите, во иднина ќе биде неопходно постојано приспособување.
„Знаеме каде сме и каде сакаме да одиме, ќе реагираме на околностите“, рече идниот премиер наведувајќи ги притоа мерките поврзани со поскапувањето на енергијата и на храната и здравствените мерки со оглед на можен нов бран на Ковид-19 наесен.
Се очекува Голоб на собраниската седница да каже повеќе за акцискиот план на идната влада.
Регион
По Белград, дојави за бомби и во училиштата во Сараево

Неколку училишта во Сараево добиле електронска пошта со содржина дека во објектите се поставени бомби, изјави портпаролот на МВР на кантонот Сараево, Мирза Хаџиабдиќ.
Во моментот во тек се контрадиверзивни прегледи на посочените локации.
Според информациите на „Н1 Сараево“, бомби биле пријавени во неколку основни училишта во реонот на општините Стари Град и Ново Сараево, а децата се вратени дома до завршување на прегледот.
Претходно минатата недела, голем број училишта во Србија добија извештаи за поставени бомби. По проверките, беше утврдено дека дојавите за поставените бомби се лажни.
Институциите утврдија дека некои дојави доаѓаат и од странство.